Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со шест додадени народи во Преамбулата

 Работната група на Министерството за правда на вчерашната седница ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република  Македонија. 

Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи, односно после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ.

Како што информираше вчера претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска, одлуките биле изгласани едногласно.

- Состанокот заврши успешно, едногласно ги донесовме сите одлуки, имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ, изјави Николовска.

Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.

Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.

-Тука е бројот 43, запазен е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собранието од редовите на Албанците и Македонците, по еден од редот на пратениците во преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедниците нема пратеници, тогаш останува Народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници да предложи членови на Комитетот, рече Цаца Николовска.

Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.

- Ова е наративниот текст. Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие да речам предлог-измени, за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел - влез во Европа, изјави Цаца Николовска.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера го повика премиерот Димитар Ковачевски да ги стави уставните измени на дневен ред во Собрание и доколку се покаже дека нема мнозинство да си поднесе оставка. Мицкоски повтори дека во овој парламентарен состав измени на Уставот ќе нема.

- Ја користам оваа прилика и го повикувам човекот кој што е поставен таму, Димитар Ковачевски, и вистинскиот кој што ја води Владата, Артан Груби заедно со Али Ахмети да ги достават овие барања во Парламентот односно да ја достават потребата за отворање на Уставот за да можат пратениците да се изјаснат. Еве час поскоро, нели викаат континуирано од минатата година, помина една година, а ние слушаме е сега во септември имаме 2/3 мнозинство, помина септември, дојде октомври, е не до октомври туку до крај на година, па помина 2022 година, е не било до крај на година, било до февруари, помина февруари, сега викаа мај, еве го и мај поминува. Затоа ајде еве еднашка нека се охрабрат и нека го поднесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски и да изгласаат пратениците, да видиме како ќе гласаат, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Кислева Вода.

Сенаторот Крис Марфи, пак, вчера од Вашингтон ја пренесе пораката дека Македонија ја има поддршката од САД за нејзиниот пат кон членство во ЕУ, но на земјата и претстои јасен избор доколку сака да продолжи по патот на евроинтеграциите. Од власта ја потврдија посветеноста, од опозицијата го повторија ставот дека во овој парламентарен состав измени на Уставот ќе нема, и го повикаа премиерот да ги стави уставните измени на дневен ред во Собрание, а ако се покаже дека нема мнозинство да си поднесе оставка.

Сенаторот Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, ги повика пратениците во Собранието и граѓаните на земјава да ги преземат потребните чекори за да се овозможи проширувањето.

- Тука сум за да се осигуриме дека САД праќаат навистина силна порака до нашите партнери и до вашите партнери во Собранието, пратениците, како и до луѓето во Македонија. Ние ја поддржуваме вашата одлука да се приклучите кон ЕУ и ве повикуваме да ги преземате потребните чекори за да го овозможите ова проширување, нагласи тој.

Потенцира дека патот на земјата кон ЕУ беше долг и дека многумина поставуваат легитимни прашања за тоа дали ЕУ е вистинската можност.

- Тука сум да ви кажам дека е. Многу луѓе го кажуваа истото и за НАТО. Дека Македонија никогаш нема да добие покана од НАТО. Но вие ги презедовте потребните тешки чекори за да ја овозможите таа покана. Потпишавте историски договор, којшто ја овозможи таа покана, и денес Македонија е членка на НАТО Алијансата. И навистина посакувам тоа да добиеше повеќе внимание, се случи во време на ковид, и можеби не сите тука сфаќаат што значи тоа да се има безбедносна гаранција од САД, рече сенаторот Марфи.

Сега, додаде тој, има слични чекори коишто треба да бидат преземени со цел земјава да се приклучи кон ЕУ, но, потенцира, има и нова можност за ЕУ проширување.

- Војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени. Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот. И затоа ова е нова реална можност за проширување, а Македонија не треба да ја пропушти оваа прилика. Овие уставни измени, технички измени на Уставот, се јасна можност за Македонија да може да се приклучи кон ЕУ. Ова е нова можност која што се укажува за проширување, вели Марфи, кој е добар познавач на регионот.

Приклучувањето кон ЕУ, посочи американскиот сенатор, значи брз економски раст, високи плати, повеќе американски компании коишто ќе доаѓаат во Северна Македонија, наведувајќи при тоа што би значело доколку не бидат донесени уставните измени

- Сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има врз односите со САД ако Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но луѓето во САД, лидерите во САД ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени тука во следниве неколку месеци. И сите тие се надеваат дека вашата одлука ќе биде усогласена со нашите безбедносни мерки преку НАТО, и ќе биде усогласена со слична одлука да се остане на патот на ЕУ, барем во поглед на економските прашања, вели Марфи изразувајќи надеж дека од Скопје ќе слушне добри вести набрзо во врска со уставните измени и патот кон ЕУ.

Премиерот Ковачевски по средбата со сенаторот Марфи, подвлече оти несомнено ни претстои пат со тешки и храбри одлуки, на кој ја имаме силна поддршка од САД, но и дека тоа не е одлука на еден човек, една влада или една политичка партија, туку на сите политички актери во државата.

- Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на ЕУ. Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, Романија, Полска, Бугарија и од сите други земји кои станаа земји членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓаните од кои што порано сме имале поголем стандард бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката на нашите стратешки партнери, пред се САД и земјите членки на ЕУ, подвлече Ковачевски.

Три декади поддршка од САД на реформските процеси, на систем за добро владеење, борба против корупцијата и поддршка на демократските процеси во земјата вклучително и зајакнување и унапредување на економскиот развој на државата, нагласи Ковачевски, заедно со голем труд кој како земја го вложуваме во демократизацијата, даваат резултати.

- Имаме наше високо позиционирање на демократскиот напредок на прво место во однос на другите земји од Западен Балкан според мерењата на Freedom House. Според мерењата на Reporters without borders од 118-то место во светот во 2016, стигнавме на 38-мото место во светот по слободата не медиумите, а само во мојот мандат се качивме погоре на листата за 19 места за 1 година, потенцира Ковачевски.

Ги издвои „Бехтел и Енка“ кои ќе работат на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, како и Јагео, еден од најголемите светски производители на чипови, односно Кемет со кого работат во партнерство како најскоро позната инвестиција кои, според него, ќе придонесат сериозно за раст и развој на македонската економија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир при вчерашната посета на Крушево, порача дека процесот на реформи и нивното импелемнтирање треба да се движи многу брзо. Динамиката на спроведувањето реформите не е толку брза како што ние би сакале, вели тој. Што се однесува до уставните измени прво што треба да се направи е да се демистифицира сиот тој процес, смета Гир, но и дека со придвижување на процесот напред земјата не го губи идентитетот, јазикот, ниту пак историјата.

На новинарското прашање за процесот на реформите и за процесот на уставните измени, евроамбасадорот Гир рече дека живееме во извонреден момент во историјата на целиот свет, поради војната што се случува во Украина, која всушност значи засилување на процесот на проширување на Европската унија. Земјата, според него, има огромна можност и можноста што се нуди не треба да се пропушти.

- Првата работа што сакам да ја потенцирам, а се однесува на уставните амандмани, тоа е суверена одлука што треба да се носи од самата земја. Треба да се разгледаат сите предлози кои ќе произлезат од работната група за уставните амандмани и, всушност, да се направи, да се објасни експлицитно тоа што стои имплицитно во самиот Устав за да можат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари да бидат вклучени во Уставот. Всушност, со самото придвижување напред вашата земја не го губи идентитетот, не го губи јазикот, ниту пак историјата. Искуството од тие земји кои се зачлениле во Унијата е токму спротивното. Како што земјата напредува на тој пат кон ЕУ, всушност како зајакнува како земја, така и идентитетот и јазикот на земјата во рамките на Европската унија се засилуваат, изјави Гир.

„WhatsApp“ тестира интересна опција за „Android“

„WhatsApp“ е во фаза на тестирање на функцијата за споделување екран, која црпи инспирација од платформите „Zoom“ и „Microsoft Teams“.

Според веб-страницата „WABetaInfo“, функцијата ја снима и прикажува содржината на екранот на корисникот што се споделува со лицето на другиот крај на видеоповикот.

Оваа опција се прикажува како нова икона на телефонот со стрелка која покажува настрана од уредот. По притискање на новото копче, се појавува порака со која го прашува корисникот дали сака да започне да снима или прикажува содржина на „WhatsApp“.

Пораката е придружена со известување дека „WhatsApp“ ќе има пристап до која било лозинка, фотографија или детали за плаќање прикажани на овој начин. Ако корисникот се согласува со ова, тој може да кликнете на „ Start now “. Споделувањето екран може да се прекине во секое време.

Споделувањето екран моментално е достапно само за избрани тестери на „Android“, но би требало да стане достапно за повеќе корисници во наредните недели.

Најмладата милијардерка, Елизабет Холмс заврши во затвор

Основачката на Теранос, Елизабет Холмс, се пријавила да ја отслужува 11-годишната затворска казна, јавуваат американските медиуми.

Холмс беше осудена на 11 години и три месеци затвор за измама на инвеститорите кои инвестирале во нејзиниот стартап за тестирање на крвта, чија вредност некогаш се проценуваше на 9 милијарди долари.

Таа беше осудена во јануари за три точки за измама преку интернет и една точка за заговор, откако поротата откри дека криминално ги измамила инвеститорите со лажно тврдење дека технологијата за тестирање на крвта на нејзината компанија може да дијагностицира различни болести откако земала примероци од само неколку капки крв. .

Во последната пресуда, американскиот окружен судија Едвард Давила и нареди на Холмс да плати 452 милиони долари како отштета на жртвите. Тој препорача Холмс да ја отслужи казната во женски затвор во Брајан, Тексас, пишува „Fox Business“. Судот го прифати тој предлог.

Елизабет Холмс, најмладата милијардерка, беше поздравена од медиумите како една од успешните приказни на Силиконската долина, нарекувајќи ја жена Стив Џобс, но следеа обвинувања за измама, по што вредноста на Теранос падна од 9 милијарди долари на многу помала сума. Холмс набрзо поднесе оставка и му ја препушти директорската позиција на Дејвид Тејлор, поранешниот генерален советник на компанијата.

Од почетокот на 2003 година, кога ја основаше фармацевтската компанија Теранос, преку врвот во 2014 година, кога Форбс ја прогласи за најмлада милијардерка, до последниот пад на имиџот на Холмс во јавноста, таа претрпе трансформација од млада претприемачка надеж во подем до измамник кој ги злоупотребува своите вработени.

Извор: Индекс.хр

Вештачката интелигенција би можела да доведе до изумирање на човештвото?

Медиумското покривање zа наводната „егзистенцијална“ закана од вештачката интелигенција се зголеми од март 2023 година.

Вештачката интелигенција може да доведе до исчезнување на човештвото, предупредија експерти, вклучително и директорите на истражувачките лаборатории за вештачка интелигенција „ОпенАИ“ (OpenAI) и „Гугл дипмајнд“ (Google Deepmind), додека десетици други ја поддржаа изјавата објавена на веб-страницата на Центарот за безбедност на вештачката интелигенција.

Во изјавата се наведува дека ублажувањето на ризикот од истребување од вештачката интелигенција треба да биде глобален приоритет заедно со другите општествени ризици како што се пандемиите и нуклеарната војна. Додека друуги експерти тврдат дека стравовите се претерани.

Таа изјава беше поддржана од извршните директори на производителот на „ЧетГПТ ОпенАИ“, Сем Алтман, на „Гугл Дипмајнд“, Демис Хашабис и на „Антропик“ (Antropic), Дарио Амодеи.

Додека за професорот од Њујоршкиот универзитет Ијан ЛеКун, кој заедно со Хинтон Бенџо важат за „кумови на вештачката интелигенција“, таквите апокалиптични предупредувања се претерани.

Многу други експерти на сличен начин веруваат дека стравувањата дека вештачката интелигенција ќе го уништи човештвото се нереални и го одвлекуваат вниманието од прашања како што е пристрасноста во системите, кои веќе се проблем.

Компјутерски научник од Универзитетот Принстон, Арвинд Нарајанан претходно изјави дека сценаријата за катастрофа слични на научна фантастика се нереални.

- Сегашната вештачка интелигенција не е ниту блиску до доволно способна да ги материјализира овие ризици. Како резултат на тоа, се свртува внимаието од краткорочните штети од вештачката интелигенција, посочи Нарајанан.

Медиумското покривање zа наводната „егзистенцијална“ закана од вештачката интелигенција се зголеми од март 2023 година, кога експерти, вклучително и директорот на Тесла, Илон Маск, потпишаа отворено писмо со кое повикува на запирање на развојот на следната генерација на технологија за вештачка интелигенција.

Во писмото се прашува дали треба да „развиваме нечовечки умови, кои на крајот би можеле да нè надмудрат и да не заменат“.

притисни ентер