На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Годинава за првпат, поради пандемијата со Ковид-19, ќе биде прекината вековната традиција на положување на крстот во светите води. Наместо тоа, овој голем христијански празник, според најавите, ќе биде одбележан со свети литургии во црквите и нивните дворови.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера апелираше до граѓаните и до верските заедници да ги почитуваат мерките и препораките. Полицијата, како што рече, ќе биде на висина на задачата, а оној кој нема да ги почитува препораките, ќе сноси одговорност.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
До минатата година, празникот се одбележуваше во сите епархии во земјава, а централната манифестација се одржуваше во Скопје каде поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан го положуваше светиот крст во водите на реката Вардар.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед. /МИА