Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за спикерот Талат Џафери

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за спикерот Талат Џафери по синоќешните настани во Собранието.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат Интерпелација на Претседателот на Собранието Талат Џафери.

По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден Автократ кој што си дозволува да се однесува како собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и пред се крши основни човекови права.

Талат Џафери, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води законодавиот дом.

Овој човек нема почит спрема никого, ниту спрема собраниската служба која ја вреѓаше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту спрема пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала.

Почитувани граѓани, ова се крици на еден немоќен и неспособен човек кој што не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа незнаејќи што да прави се дрзнува насила да спроведува режим кој што е далеку од демократски.

За Талат Џафери, не постои Деловник, не постојат човекови права. Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата.

Ова е човек што си дозволува да фрла амандмани на опозиција во контејнер, да омаловажува вработени во Собранието, луѓе професионалци кои се криви само затоа што одбиваат да ги примаат неговите наредби кои се незаконски, насилно да ги заклучува пратениците во Собранието, да крие закони и интерпелации во фиока и да го ускратува уставно загарантираното право на пратеник да ги застапува граѓаните кои што го бирале.

Сакаме да додадеме дека сето ова случува со амин и знаење на СДСМ кои што секојдневно ги бранат постапките на Џафери сакајќи најлошиот претседател на Собранието во историјата да го претстават како најдобар. Ова е одговорност и на СДСМ, кои заедно со Џафери ги приредуваат овие циркуси во Собранието.

Нас ни е јасно дека Џафери и СДСМ ќе направат се, повторно да избегаат од одговорност како многупати досега и исто така им порачуваме дека оваа Интерпелација не смее да заврши повторно кај него во фиока и никогаш да не ја стави на седница како што се случи со предходната што ја поднесовме.

Редот и функционирањето на Деловникот мора да се вратат во Собранието на Република Македонија. Самоволието, деспотското раководење и сите други методи на кои е навикнат Џафери може да си ги применува само во својата партија и кај него дома.

Ги повикуваме пратениците од СДСМ да да се ослободат од ова заложничко однесување на Талат Џафери и да ни се приклучат заедно да кажеме СТОП на овој човек кој што секој ден се повеќе го урнисува законодавниот дом.

Исто така, го повикуваме и премиерот Димитар Ковачевски, еднаш барем да се заинетесира и да се постави како вистински премиер, а не да молчи и да бега од јавноста бидејќи ова што се случува е и негов срам.

На македонската јавност и е повеќе од јасно дека Ковачевски е само пиун, човек кој што не е биран од народ и затоа мора да се распишат предвремени парламентарни избори за Македонија да се ослободи од овие луѓе кои секој ден ја уништуваат државата и народот, без око да им трепне.

Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски: Ако не дај Боже победат, следуваат 15 години стоење во место и уназадување!

Kандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер беше меѓу жителите на Бутел од каде побара поддршка за втор мандат, за како што рече, граѓаните да добијат гаранција дека Македонија ќе биде напредна, европска држава.

„Кај мене овие пет години и најсиромашните и најбогатите, и младите и старите, и жените и мажите, секој кој посакал да дојде, да побара помош за решавање на било каков проблем, вратите на мојот кабинет му биле отворени. Секаде сум поминал, сум дошол во вашите домови да ве прашам што ве мачи, како можам да помогнам, таму каде што не сум можел да помогнам сум барал помош од моите другари кои биле министри, пратеници, кои биле вицепремиери, кои биле градоначалници и со нивна помош сме се обиделе да помогнеме секаде каде што сме можеле, без разлика дали некој нè гласал или не нè гласал. Затоа што вие сите сте еднакви“, рече Пендаровски.

Во однос на понудата на неговата противкандидатка Силјановска и партијата којашто ја поддржа, Пендаровски рече дека ако дојдат на власт ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе изгубиме уште 10 или 15 години за нови преговори.

„Кога ги прашувате што не ви чини во договорот што го имаме со Брисел, европската преговарачка рамка. тие велат ќе го поништиме и тоа затоа што таму го нема македонскиот јазик. Тоа е најголемата можна политичка лага. Договорот што го имаме со Брисел за почнување на преговорите содржи клаузула за македонскиот јазик, вели прецизно целокупното европско законодавство, сите европски закони ќе се преведуваат на македонски јазик кога ќе станеме полноправна членка на таа организација. Меѓутоа, нив тоа не им одговара затоа што тие имаат интерес од сеење на политичка магла да им даваат лажни надежи на нашите граѓани“, додаде Пендаровски.

Во обраќањето пред присутните Пендаровски се осврна и на неопходните чекори коишто треба да ги направи државата за да стане полноправна членка на ЕУ.

„Македонија има добар Устав во кој сите етнички заедници се застапени, ќе ги ставиме и оние кои не се, меѓутоа и тие што не се имаат еднакви права како оние што се запишани во преамбулата. Ние немаме потреба да правиме нов Устав, немаме потреба да преговараме нови договори со Грција и со Бугарија, немаме потреба да ги репреговараме договорите со Европската Унија. Ние имаме потреба да ги извршиме тие обврски и за четири, до пет години да станеме полноправна членка на ЕУ, каде што одамна заслужувавме да бидеме“ рече тој.

Романо: Милан ќе го отпушти Пиоли на крајот од сезоната

Милан по крајот на сезоната ќе го отпушти тренерот Стефано Пиоли. Росонерите ќе почнат да се занимаваат со ова прашање во наредните недели, објави инсајдерот Фабрицио Романо.

Се пишуваше дека Пиоли би можел да го напушти Милан доколку биде елиминиран од Лигата на Европа. Росонерите во четвртокот загубија од Рома (1:2) во реваншот од 1/4 финалето (првиот натпревар беше 0:1).

По 32 кола, Милан се наоѓа на второто место во Серија А, со 14 бода помалку од Интер.

Пиоли пред две сезони му ја донесе шампионската титула на Милан.

Главни претенденти за наследник на Пиоли на тренераската позиција во Милан се Роберто де Зерби тренерот на Брајтон и Антонио Конте. /МИА

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

притисни ентер