Пожарот на депонијата во Добарце изгаснат со хемиски препарат

Десет дена откако избувна пожарот на депонијата во село Добарце е целосно изгаснат во текот на вчерашниот ден со употреба на хемиски препарат, оценија денес од Општина Желино и Територијалната противпожарна единица Тетово на заедничка прес-конферција.

Пожарот на илјадниците тони складиран смет избувна на 9 септември, по што секојдневно интервенираше тетовската пожарна, некои денови се интервенираше со механизација, а еднаш и со фрлање на вода од противпожарните авиони.

- Ние сме се обиделе како Општина, сме се потрудиле со сите нашите механизми и капацитети во соработка со ЦУК и ДЗС. Но не бевме во можност да го изгаснеме целосно. Сакаме да им се заблагодарам на сите особено на ТППЕ Тетово, тие од првиот ден до вчера работеа. Исто благодариме до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по негова препорака, ангажиравме една компанија што е специјализирана за гаснење на пожари и со нивен препарат успеавме да го изгасиме вчера. Почнавме во шест наутро и се гасеше 12 часа, изјави Јасин Шаќири, шеф на кабинетот на градоначалникот.

Тетовските пожарникари покрај секојдневното гаснење со употреба на цистерните со вода вчера го извеле и потфатот со специјалниот препарат.

- За хемикалијата, многу добро ни дојде, експерт од Битола е. За нас пожарникарите ова беше добредојдено, од првиот ден, секој ден доаѓаме тука, фрламе вода, не успеваме да го гасиме, се знае дека депониите не се гасат со вода. Експертот ни кажа дека ако може да чади на некои места помалку, после неколку денови ќе го изгасне целосно, изјави Авни Амети, командир на тетовската пожарна.

Пожарната и понатаму во тетовскиот регион гаси нови пожари на депонии во атарите на Селце и Ѓермо. Поради тоа секојдневно се чувствува и непријатна миризба и има чад и во Тетово.

Фламенго по само пет месеци го отпушти Сампаоли

 Бразилскиот прволигаш Фламенго објави синоќа дека ја раскина соработката со аргентинскиот фудбалски стратег Хорхе Сампаоли по неуспехот во финалето на бразилскиот куп против Сао Паоло (0-1, 1-1).

-Тренерот Хорхе Сампаоли и неговиот стручен тим веќе нема да го водат црвено – црниот тим, објави Фламенго на социјалните мрежи, посакувајќи му на аргентинскиот стратег „среќа“ во продолжението на кариерата.

Сампаоли е отпуштен по само пет месеци откако дојде во Фламенго од редовите на шпанска Севиља, каде, исто така, претходниот ангажман му траеше пет месеци.

Сампаоли со Фламенго потпиша договор до крајот на 2024 година, и според локалните медиуми, клубот поради предвремениот раскин на соработката ќе треба да плати обесштетување од 1,8 милиони евра.

Медиумите наведуваат дека главен кандидат за наследник на Сампаоли на клупата на клубот од Рио де Жанеиро е поранешниот бразилски селектор Тите.

Утре без вода дел од булеварот „8-ми Септември“

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат  дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување со санација на дефектот. 

Поради дефект на затворач ф-300 мм на крстосницата бул.„8-ми Септември“/ бул. „Партизански Одреди“, утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од бул. „8-ми Септември“, додека намален притисок на водоснабдувањето ќе имаат корисниците ул. „Дрезденска“ и „Анкарска“.

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување со санација на дефектот.

Лавров: САД и НАТО да ја препознаат одговорноста за ситуацијата во Авганистан

Русија очекува САД и НАТО да ја препознаат одговорноста за ситуацијата во Авганистан, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Целосното обединување на напорите на земјите од регионот и земјите од НАТО е можно само доколку Алијансата ја признае одговорноста за катастрофалниот исход од нејзиното воено присуство во Авганистан, се вели во обраќањето на рускиот министер на 5. состанок за Авганистан во „московски формат“ кој се одржува во Казан.

Неговиот говор го прочита специјалниот претставник на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов.

Лавров посочи дека земјите од Западот нанеле непоправлива штета на народот на Авганистан и затоа мора да го понесат најголемиот товар за обнова на земјата во постконфликтниот период.

„Во врска со тоа, блокадата на авганистанските сметки што ја спроведува Вашингтон е контрапродуктивна и само ја отежнува ситуацијата и ги влошува тешките услови во кои живеат Авганистанците“, наведе Лавров.

Како што додаде, Москва смета дека враќањето на воената инфраструктура на САД и НАТО на територијата на Авганистан и соседните земји е неприфатливо, без оглед на причините за таквиот чекор.

На средбата во Казан учествуваат претставници на Авганистан и на соседните земји.

Фото: ЕПА

притисни ентер