Според информации, Турците ги чекале своите жртви на локацијата и штом ги виделе го извадиле оружјето и ги застрелале. На снимката која е објавена на грчките медиуми се гледа како напаѓачите ги бркаат жртвите и пукаат во нив.
Според медиумите испукани се повеќе од десет куршуми. Еден напаѓач во црна облека трча на сред улица, крева пиштол и пука во непознати кои стојат пред црквата Воведение на Пресвета Богородица.
Во исто време, вториот напаѓач во црна јакна и бели панталони е снимен како доаѓа од спротивната насока и со пиштол во рацете брка лице кое трча кон игралиштето.
На видеото се гледа уште еден напаѓач во црна облека и со маска на лицето.
Се појави и ново видео на кое се гледа како еден од наводните сторители бега од местото на настанот, вели сопственикот на продавницата кој бил присутен на местото на настанот.
„Куршуми летаа на сите страни, се исплашив и влегов во продавницата. Потоа излегов надвор и слушнав дека има двајца сторители, еден видов бидејќи помина пред продавницата“, изјавил сопственик на продавница во околината. .
Грчките медиуми јавуваат дека полицијата уапсила двајца осомничени, се работи за турски државјани со курдско потекло, на возраст од 22 и 26 години. Се вели дека едниот од нив е еден од напаѓачите, додека другиот имал споредна улога. Двајцата преку реката Еврос илегално пристигнале во Грција, додека еден од нив, кога бил лоциран поднел барање за азил.
Се трага по нивните соучесници. Првите докази собрани од местото на пукањето укажуваат на конфликт меѓу членови на турската мафија.
Наводно, во пресметката учествувале дури седум членови на мафијата, а полицијата во моментов трага по уште петмина.