Тие реагираат дека буџетот за превенција од ХИВ за 2025 година од 100 милиони денари е намален на 90 милиони. Проценките се дека се потребни 110 милиони за лекови за лицата кои живеат со ХИВ и минумум 21 милион за превентивните програми.
Андреј Сених од организацијата Заедно посилни вели дека доколку буџетот не се корегира, мерките за превенција целосно би се укинале, а нема да има доволно средства ниту за лекови за сегашните и идни пациенти кои се очекува да бидат дијагностицирани во текот на следната година.Со тоа, според него, нема да се заштеди туку лекувањето на лицата со ХИВ значително ќе го оптерети здравствениот систем.
-Ако се земе предвид бројот на направени тестови, граѓанските организации успеваат да дијагностицираат неколкупати повеќе случаи на ХИВ отколку целокупниот јавен и приватен здравствен сектор. Тоа кажува дека кога би инвестирале повеќе во овие програми и во мерките на тестирање на ниво на заедницата, би откриле повеќе лица со недијагностицирана инфекција, а тоа е патот да ставиме крај на епидемијата на ХИВ во земјата, бидејќи кога ги дијагностицираме лицата и тие почнуваат со терапија, вирусот веќе не може да се пренесува на друго лице, изјави Андреј Сених од Здружението Заедно посилни.
Влатко Деков од ХОПС вели дека во моментот околу 130 пациенти со ХИВ или 30% од пациентите примаат застарена терапија којашто веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во нашиот регион, поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, кои го попречуваат нивното секојдневно функционирање и го загрозуваат успешното лекување.
-Во Македонија веќе е докажана ефективноста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Имено, од 1987 до 2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ. Од нив само 12 се лица кои инјектирале дроги. Во последните 10 години, по отворањето и развивањето на поголемиот број програми за намалување на штети евидентиран е само 1 нов случај на ХИВ преку инјектирање на дроги. Токму поради овие програми Македонија успешно спречи епидемија кај луѓето кои инјектираат дроги, изјави Влатко Деков од Здружението ХОПС.
За министерот Таравари, кратењето на средствата не е толку големо, за да предизвика ваков револт кај граѓанските здруженија. Уверува дека буџетот за превенција и лекување од ХИВ може да се зголемува следните години.
За оваа година досега е потврден нов 51 случај. Во Македонија откако е регистриран првиот случај со ХИВ ОД 1987 година до денеска регистирани се 687 случаи, а 131 лице починало од СИДА
Според СЗО околу 39,9 милиони луѓе живеат со ХИВ на глобално ниво, а приближно 630.000 луѓе починале со ХИВ во 2023 година.