Повторно помор на риби во кумановско

Повторно е регистриран помор на риби на вливот на река Кумановка со Пчиња под Искрин Мост, соопштија денеска надлежните од Државниот инспекторат за животна средина.

Поморот, како што наведуваат од инспекторатот го пријавиле рибарите во текот, вчера попладне. Бојата на реката била видно заматена соопштуваат надлежните.

– На самото место при првичниот увид бил присутен директорот на ДИЖС м-р Сретен Стојковски при што во вечерните часови се земени повеќе мостри на вода од разни локации пред и по пречистителна станица за третман на отпадни води во село Доброшане, а направени се и фотодокументација и видеоснимки од страна на неколкуте присутни рибари. Реализиран е и контакт и со директорот на ЈП Водовод Куманово кој беше присутен на локацијата, а по неговото пристигнување ДИЖС е информиран дека е настанат краткотраен проблем со довод на електрична енергија околу 18 часот кога станицата не била во редовна функција. Мострите вода се доставени до акредитирана лабораторија за животна средина заради лабораториски анализи, соопштија од инспекторатот.

Државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Североисточен и Источен регион, Канцеларија Крива Паланка направил вонреден инспекциски надзор при што е подготвен записник за констатација и врз основа на анализите ќе се води понатамошна инспекциска постапка со соодветни мерки и санкции./МИА

Кривична пријава против скопјанка за употреба на исправа со невистинита содржина

​ Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против скопјанката С.З. (51), осомничена за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „измама при добивање кредит”.

Во текот на 2021 година, со намера да прикаже дека е кредитоспособна при аплицирање за одобрување ненаменски потрошувачки кредит во една од банките, како што соопштија денеска од МВР, кон апликацијата за кредит приложила лажна потврда за вработување и лични примања, наводно издаден од јавна здравствена установа.

– На тој начин ги довела во заблуда одговорните лица во банката да ѝ одобрат ненаменски потрошувачки кредит во износ од 600.000 денари, за кој износ ја оштетила банката и се стекнала со противправна имотна корист, појаснуваат од МВР.

Штипската населба Кадидере доби ново игралиште

Спортско игралиште во штипската населбата Кадидере денеска беше пуштено во употреба од страна на градоначалникот на Општина Штип, Иван  Јорданов, директорите на јавните претпријатија и советници од Општината.

Целта е, како што вели Јорданов, да се поттикнат сите генерации да спортуваат и да бидат физички активни.

– Во населбата Кадидeре, на ул. „Личка“, одлучивме во изминатиов период да го направиме ова фудбалско игралиште со подлога со вештачка трева, затоа што затекнавме едно руинирано игралиште кое со години беше запоставено, уништено, неодржувано. Одлучивме да инвестираме затоа што имаше барање и потреба од околните жители, вели Јорданов.

Игралиштето претходно е изградено и уредено од штипска општествено – одговорна компанија, а денес беше модернизирано од истата компанија во соработка со Општина Штип. Освен уредување, игралиштето добива и целосно осветлување. Станува збор за инвестиција вредна 1,5 милони денари.

Ѓорчев на Конкордија самитот, обраќање од Џил Бајден и градоначалникот на Њујорк

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев присуствуваше на Конкордија самитот во Њујорк, како најголем спореден настан со Генералното Собрание на ОН.

Самитот го отвори градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, а се обратија првата дама на САД Џил Бајден и гувернерката на Њујорк Кејти Хохул.

Првата дама Џил Бајден во свието обраќање се осврна на прашањата за децата и младите, образованието, ХИВ позитивните, ранетите воени ветерани, бегалците и помошта за сиромашните, нагласувајќи дека САД и претседателот Џо Бајден остануваат ангажирани и посветени на овие теми.

Ѓорчев се сретна со Марк Грин, директор на Вудро Вилсон Центарот, кој претходно беше конгресмен од Висконсин и претседател на ИРИ.

На Конкордија самитот Ѓорчев оствари средба и со Линда Томас Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите нации (ОН), која во своето обраќање зборуваше за улогата на САД во светот и глобалните процеси.

Ѓорчев на средбите ги информираше соговорниците за состојбите во Македонија, нагласувајќи дека е важно Македонија да има свои пријатели и партнери во светот.

Конкордија самитот е најголем спореден настан за време на Генералното Собрание на ОН, а оваа година се обратија Тони Блер, Жозе Мануел Баросо, принцезата Ранија, Колинда Грабар Китаровиќ и други.

Програмски партнери на самитот се Стејт департментот, градот Њујорк, УНИЦЕФ, Гугл, Сименс, Волмарт, Мекдоналдс, Фејсбук, Мајкрософт и други.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер