Повеќето земји од ЕУ во средата побараа од Европската комисија да го прекине правилото за задолжително целосно враќање пари за откажаните летови.
Тие ветија дека ќе воведат ваучери за идното патување.
„Задоволен сум што огромното мнозинство на земјите-членки го поддржуваат моето барање да им овозможат на авиокомпаниите и поморските компании привремено да користат ваучери при откажување на патувањата, така што компаниите можат да ги задржат резервите на готовина, додека ги штитат правата на патниците за надомест“, рече францускиот министер за транспорт, Жан -Баптост Жебари.
Авиокомпаниите ширум Европа, вклучително и Луфтханза , Ер Франс и КЛМ, побараа помош од своите влади во пресрет на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, која ги принуди драстично да го намалат бројот на летови.
Досега, Европската комисија, која наскоро ќе ги претстави упатствата за постепено започнување на транспортната индустрија, посочи дека авиокомпаниите мора да работат во согласност со европските регулативи и да обезбедат паричен поврат за откажаните патувања.
Ваучерите, според сегашните правила, можат да се издаваат само доколку бидат прифатени од патниците.
Државите кои повикуваат на суспендирање на сегашните правила, во заедничката изјава велат дека патниците имаат право на поврат доколку не го откупат ваучерот во одредениот период.
Исто така, потрошувачите би биле заштитени во случај на банкрот на авиокомпанија.
Дванаесетте земји што првично побараа промена од Европската комисија во средата се Франција, Холандија, Белгија, Бугарија, Кипар, Чешка, Грција, Ирска, Латвија, Малта, Полска и Португалија.