И денеска троцифрен број на нови заболени од КОВИД-19. Регистрирани се 164 случаи од направени 1045 теста, односно 15,7 отсто од тестираните се позитивни.
Дека вирусот се уште зема замав покажува и податокот дека дури 17 општини се впишаа во најновиот корона билтен. Повторно најмногу се во Скопје – 85, а двоцифрен број на новозаболени има и во Куманово и Тетово со 24 односно 18 случаи. Во Ресен каде пред два дена беше регистриран првиот случај, денеска има уште две заболени лица.
Починаа и две пациентки. Едната од Скопје на 53 години во „8 Септември“, а другата во тетовската болница на 60-годишна возраст. На „црната“ листа сега има 171 починат од КОВИД-19.
Од стартот на епидемијата вкупно е регистриран 3701 случај. Активни се 1836 случаи, од кои 1040 припаѓаат само на Скопје. Чаир е општината која предничи со бројот на заболени, а зад неа се Бутел, Гази Баба, Аеродром и Центар.
Алармира податокот дека за неполни две недели бројот на активни случаи пораснал два и пол пати. Ако на први јуни сме имале 606 активни случаи, денес овој број изнесува 1836.
Продолжува вртоглаво да расте и бројот на хоспитализирани пациенти. И на Инфективната клиника и во „8 Септември“ изминативе 24 часа се примени по 16 лица. Вкупно 153 пациенти се лекуваат во двете клиники, од кои 22 се со потешка клиничка слика.
Директорот на „8 Септември“ Костов за Канал 5 вели дека се засилуваат и капацитетите за сместување и бројот на доктори во случај периодов да се зголеми бројот на пациенти за лекување.
„Немаме страв дека нема да бидат примени пациентите, болницата има голем капацитет. Доколку добиеме наплив од поголем број пациенти тогаш ако треба ќе отвориме уште два-три оддели. Обезбеден е медицински персонал од Клиника, исто така ќе ни дојдат на помош и некои доктори од Интерна медицина.“
„Њујорк Тајмс“ објави и мапа на која се гледа дека Македонија, заедно со Бугарија и Косово се единствените земји во Европа кои бележат рапиден раст на заболени од корона.