Поради корона-кризата, отиде во стечај фабриката за Моцарт чоколадните топчиња

Компанијата „Салцбург чоколади“ од Гредиг, позната по производството на Моцарт топчињата, поднесе барање за стечај до провинцискиот суд во Салцбург.

Поради овој неочекуван крах, синдикатите заедно со работничкиот совет и раководството на компанијата, планираат да разговараат за состојбата и да ги информираат вработените.

Иако компанијата бележеше профит во изминатите години, минатата година пандемијата силно ја погоди, напиша директорот Кристијан Шигерл.

Поради значително намалениот број на туристи, настани и прослави, забележан е пад на продажбата на чоколадни производи, а исто така и Моцарт топчињата.

Падот на прометот од лани можеше само делумно да се компензира во новата деловна година, а покрај новите клиенти во извозот и државната помош во време на корона, и годинава ќе биде забележана огромна загуба поради минатото.

„Сегашниот локдаун и значителното зголемување на цените на суровините, енергијата, платите, трошоците за логистика, материјалите за пакување.. се дополнителни причини“, додаде Шигерл, додавајќи дека на вработените не може да им се исплаќаат ноемвриските плати, како и божиќниот бонус.

Инаку, оваа компанија ги произведува „Chocolate Bobby“, „Maria Theresa Thaler“ и „Salzburg Confishers“.

Компанијата е основана во 1897 година под името „Раизигл фабрика за слатки“ во градот Салцбург, а во 1956 година е преместена во Гредиг, објави германски Стандард.

Вториот човек на Ватикан позитивен на коронавирусот

Италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, државен секретар и втор човек на Ватикан, како и неговиот заменик, се позитивни на коронавирусот, соопшти денеска ватиканската медиумска служба.

„Паролин (67) е позитивен на Ковид, но со благи симптоми и сега е во изолација", изјави Матео Бруни, директор на медиумската служба.

Позитивен е и неговиот заменик Едгар Пења Пара, венецуелски надбискуп, и нема симптоми, додаде тој.

И двајцата биле вакцинирани против вирусот.

Папата Франциск (85), кој исто така е вакциниран, често се среќава со Паролин, кој му е десна рака и добар познавач на дипломатските прашања.

Проди: Час поскоро да продолжи проширувањето на ЕУ со сите земји од Западен Балкан

Обраќањето тој го искористи токму да го посвети на Македонија.

Поранешниот претседател на Европската комисија, Романо Проди, денеска во обраќање пред учесниците на онлајн-церемонијата на доделување на Светската награда за хуманизам ја повтори неопходноста од продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан.

Обраќањето тој го искористи токму да го посвети на Македонија и потешкотиите со кои се соочува земјата на нејзиниот евроинтеграциски пат, особено неговото изненадување од одлуката на Франција да не даде зелено светло за отпочнување на преговорите со Македонија за членство.

– Сметам дека процесот на проширување на ЕУ мора да се заокружи. Европа е мешавина на германска, саксонска, словенска култура и сите ние сме едно, токму поради нашето мултикултурното наследство. Сакам оттука да дадам силна порака, час поскоро да почне процесот на евроинтеградција на сите земји од Балканот во ЕУ, во спротивно Европа нема да биде целосна. Знам дека многубројното членство во ЕУ значи мултициплирање на проблемите и остава повеќе простор за отворени прашања, но има позитивни промени во политиката. Токму во име на хуманизмот, велам дека тој е единствен, универзален начин за наше сплотување заедно со сите наши различности во потеклото и културата, рече Проди.

Проди кој и самиот е лауреат на Светската награда за хуманизам за 2019 година и на свеченоста на примопредавањето на наградата во Охрид пред три години посочи на потребата од неизоставно забрзување на процесот на присоединување на државите од Балканот кон Европската унија, притоа предупредувајќи дека нема да има целосен и траен мир во Европа се додека сите земји од континентот не станат дел од големото европско семејство. /МИА

Јанчев: Обезбедена помош за опожарените куќи во с. Возарци

Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев соопшти дека е обезбедена помош за двете семејства од село Возарци чии куќи беа зафатени од пожар.

Службите на општината процениле дека во едната опожарена куќа е причинета материјална штета во износ од 60 илјади денари а во другата во износ од 200 илјади денари.

Општината Кавадарци ќе додели сума од 20 илјади денари за едното и 60 илјади денари за другото семејство како надоместок за штетата од пожарот.

Градоначалникот Митко Јанчев соопшти дека останатиот дел од вкупната сума потребна за санирање на овие домови ќе биде покриена од страна на неговата семејна компанија „Кожувчанка“.

Јанчев упати и апел да се внимава при употребата на грејни тела за да се избегнат вакви ситуации.

притисни ентер