Полскиот премиер: Ќе бараме компензација од ЕУ за Леопардите што ги испраќаме во Украина

Полска ќе бара од Европската унија компензација за секој тенк Леопард што ќе го испрати во Украина, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Моравјецки во интервју за полската телевизија ТВН рече дека ова барање „ќе биде уште еден тест за добрата волја на Европската унија“, додавајќи дека се надева дека ова барање ќе биде исполнето.

Да потсетиме, германската влада денеска потврди дека го добила барањето на Полска да испрати тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина. Германија конечно се согласи за испраќање тенкови, што е поддржано од Полска, САД и неколку други членки на НАТО.

Тензиите околу испраќањето Леопарди во Украина ескалираа во еднонеделната расправија меѓу германските и полските лидери, при што Моравјецки ја обвини Германија за „губење време“ со тоа што не донесува одлука.

„Подготвуваме одлука, таа ќе пристигне многу брзо“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус на денешната заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој додаде дека, „во случај на позитивна одлука, Германија ќе дејствува многу брзо“.

Земјотрес со интензитет од 5,8 степени според Рихтер ја погоди Кина

 Земјотрес со интензитет од 5,8 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска јужен Синџан во Кина, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Официјалната кинеска новинска агенција Ксинхуа јавува дека во земјотресот нема повредени и не е причинета значителна материјална штета.

Земјотресот се случи на длабочина од 33 километри во 7:49 часот по локално време, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Кинескиот центар за следење на земјотресите го регистрираше земјотресот со прелиминарна јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, додека Американскиот геолошки институт објави дека земјотресот бил со јачина од 5,7 степени.

Државната телевизија ЧТВ прикажа снимка на која се гледа како луѓето го напуштаат холот на аеродромот и како таванските делови се нишаат додека земјата се тресе. Не се забележани нарушувања на електричната мрежа, ниту на мрежата за производство и транспорт на нафта и гас.

Седум загинати во Сирија во авионски напад врз камиони кои превезувале оружје

 Седум лица загинаа во воздушен напад на неидентификувани авиони врз конвој камиони со оружје во источна Сирија, соопшти денеска невладината организација „Сириска опсерваторија“.

Според организацијата за човекови права, седум возачи на камиони или лица кои ги придружувале, кои не биле Сиријци, загинале во нападот што го погодил конвојот во регионот Букамал, на границата со Ирак.

Според „Сириската опсерваторија“, камионите превезувале иранско оружје.

Нападот бил извршен врз шест камиони натоварени со иранско оружје веднаш штом ја преминале границата со Ирак и влегле на сириска територија, соопшти невладината организација.

„Камионите беа натоварени со иранско оружје“, изјави шефот на „Сириската опсерваторија“, Рами Абдел Рахман.

Иран ја поддржува сириската Влада и проирански милиции се распоредени во пограничната област со Ирак. Иран не дели граница со Сирија. Според „Сириската опсерваторија“, најмалку два слични конвои влегле во Сирија од Ирак оваа недела.

Над 90 лица повредени во експлозија во џамија во Пакистан

Најмалку 90 лица се повредени во денешната експлозија во џамија во северозападниот пакистански град Пешавар, соопшти локалната полиција.

Експлозијата се случила во џамија каде што голем број луѓе се собрале на молитва, изјави полицискиот претставник Сикандар Кан. – Дел од зградата се урнал и се верува дека неколку луѓе се под неа, додаде тој.

Мухамед Асим, портпарол на болницата Лејди Ридинг во Пешавар, рече дека примиле 90 повредени, а некои се во критична состојба.

притисни ентер