Полициски акции низ Германија поради ширење омраза преку социјалните мрежи

Полицијата низ Германија извршила серија претреси на лица осомничени за ширење говор на омраза преку социјалните мрежи, соопшти Федералната канцеларија за борба против криминалот (БКА).

„Како дел од кампањата против ширењето на омраза, полициските одделенија во 14 сојузни провинции извршија претреси на 90 локации“, објави БКА. Како што се наведува понатаму, против осомничените се поведува истражна постапка поради сомнение за поттикнување на кривични дела, закани, принуда и ширење на расна и национална омраза.

„Омразата и поттикнувањето на Интернет ја загрозуваат нашата демократија и го подготвуваат теренот за екстремистичко насилство. Затоа мора да се повлечат јасни граници и сторителите да се извлечат од нивната очигледна анонимност“, коментираше германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер за денешната полициска акција.

Фезер (Социјалдемократската партија на Германија) објасни дека со денешната акција на федерално ниво, властите „испратиле јасен сигнал против омраза и поттикнување“ на социјалните мрежи, форумите и комуникациските платформи.

Во Берлин беа извршени претреси со учество на специјални полициски единици. Во сојузната покраина Саксонија беа извршени претреси главно врз членови на радикалната десница. Во најнаселената германска сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, акцијата, освен кон припадниците на радикалната десница, беше насочена и против екстремистите од религиозното милје, но и против екстремните левичари.

„Криминалот од омраза, ширењето на национална и верска омраза и заканите за убиства имаат само една цел: да создадат поделби во општеството и да шират страв. Мораме одлучно да се спротивставиме на ова“, рече министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Реул.

Федералната канцеларија за борба против криминалот повторно ги повика граѓаните да пријават каква било закана или ширење омраза преку Интернет. Иако во последно време е намален бројот на криминални дела на ширење омраза преку Интернет, властите претпоставуваат дека има многу поголем број непријавени случаи.

ЕСЕ: Во Македонија сè уште не постои организиран скрининг за рак на грлото на матката

 Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ бара итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката.

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ бара итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, зголемени активности за едукација на жените, како и предвидување на посебни активности на ниво на заедница за зголемен опфат на жените од ранливите групи, со цел да се намали стапката на откривање на ракот на грлото на матката во напредна фаза и да се намали смртноста кај жените од ова заболување.

Во месец јануари посветен за борба против ракот на грлото на матката, од здружението потсетуваат дека Владата го намалила буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 година за два милиони денари во однос на 2022 година.

-На крајот од месец јануари Програмата за рана детекција на малигни заболувања сè уште не е објавена во Службен Весник на РСМ, што значи дека сè уште не се знаат ниту планираните активности, ниту целната возрасна група на жени кои треба да бидат опфатени со скринингот, посочуваат од здружението.

ЕСЕ информира дека во државата секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза.

-Поразително е сознанието дека сите овие смртни случаи и лекување со агресивни третмани може да се спречат, доколку промените бидат навремено откриени. Но државата наместо да ги зголемува финансиските средства и да го зголемува опфатот на жените со програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, бележиме кратење на буџетските средства за оваа намена, истакнуваат од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Оттаму наведуваат дека поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021 година со скрининг на рак на грло на матката опфатени биле само 22 отсто од жените од целната возрасна група, што, како што велат, е многу далеку од опфатот во државите на Европската Унија кој изнесува над 75 проценти од жените.

Од Здружение ЕСЕ нагласуваат дека во 2022 година Министерството за здравство го укинало праќањето на покани до жените за да направат гинеколошки преглед со ПАП тест и ја вовело интернет платформата skrining.mk за жените сами да се пријавуваат за преглед со ПАП тест.

-Но се поставува прашањето дали оваа мерка претставува унапредување или уназадување на Програмата за скрининг. Согласно на изјавите од Министерството за здравство во 2022 година на само 12 194 жени им е направен ПАП тест по пат на закажан преглед преку интернет платформата, што претставува само 10 отсто од целната возрасна група, велат од здружението.

-Закажување на прегледи по дигитален пат претставува особена пречка за ранливите категории на жени. Истражувањето кое го спроведе ЕСЕ во 2022 година покажа дека само 24 проценти од жените од руралните средини и 16 отсто од жените Ромки имаат потполна можност самостојно да закажат гинеколошки преглед преку интернет страна. На оваа состојба влијае можноста за пристап до интернет, пристап до дигитален уред, како и нивото на дигитална писменост, вели Борјан Павловски од Здружение за ЕСЕ.

Џонсон изјави дека Путин, му се заканил пред почетокот на инвазијата на Украина

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека рускиот претседател Владимир Путин лично му се заканил пред почетокот на инвазијата на Украина.

„Во еден момент ми се закани и рече: 'Борис, не сакам да те повредам, но со една ракета би траело само една минута', или така нешто слично“, вели Џонсон во документарна емисија на ББЦ .

„Ако се суди според опуштениот тон и релаксираноста која тој се чини ја имаше тој ден, веројатно едноставно си поигруваше со моите обиди да го натерам на преговори“, вели Џонсон.

Поранешниот британски премиер, како и други премиери, правеа обиди непосредно пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година да го одвратат Путин од намерите. Ваквите изјави се дадени во тој период.

Борис Џонсон во јули 2022 година под притисок на неговата партија се повлече од функцијата .

Најмалку три лица загинаа во јужниот град Херсон

Продолжуваат жестоките борби  во источна Украина, каде градовите се соочуваат со постојано руско бомбардирање, а војниците се борат со платениците Вагнер во близина на градот Бахмут.

Во меѓувреме, една постара жена загина во руски ракетен напад врз станбена зграда во Харков , а во гранатирање загинаа најмалку три лица во јужниот град Херсон, соопштија украинските власти.

Киев повторно моли за авиони и ракетни системи со долг дострел, од западните земји откако обезбеди ветувања за десетици модерни борбени тенкови од сојузниците.

Висок функционер на ЕУ ја обвини Русија дека ја носи војната против Украина во „поинаква фаза“, што ги поттикна плановите за снабдување на Киев со тенкови.

притисни ентер