Полицијата интервенираше во Вевчани по групирањето на откажаниот Вевчански карневал

И покрај апелите од надлежните, вевчанци не се откажаа од одржување на традиционалниот карневал на кој денеска се случи судир меѓу маскираните вевчанци и полицијата, а во целата ситуација реагираше и единицата за брзо распоредување.

Полицијата го растури вевачнскиот карневал откако Вевчанци се судриле со полицајци кои се обиделе да спречат поголеми групирања на дел од василичарите, кои и покрај апелите за заштита од коронавирусот не се откажаа годинешниот карневал и продефилираа на традиционалните поворки.

Од МВР велат дека полицајците интервенирале во Вевчани бидејќи не се почитувале мерките за заштита од вирусот, а имало и групирања на повеќе од четири лица, со што според МВР било загрозено здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија. Засега нема официјални информации дали има приведени.

,,И покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, велат од МВР.

Власта апелираше годинава да не се одржи традиционалниот Вевчански карневал, а Општината пред речиси еден месец го откажа културно-забавниот дел, дополнително и двете василичарски друштва, Горна и Долна маала се оградија од организацијата. Сепак тоа не ги спречи василичарите да излезат на улиците на Вевчани, под силно полициско обезбедување.

Од општина Вевчани и градоначалникот Сашо Јанковски претходно апелираа да нема групно собирање, да нема посети на домовите и да се запазат мерките што ги налага Комисијата за заразни болести.

Независни експерти со критики кон Кина и СЗО за бавниот одговор на пандемијата

Независен одбор на експерти во денешниот извештај објавиле дека кинеските власти можеле да воведат поостри здравствени мерки во јануари ,а СЗО за прогласување глобална вонредна состојба дури на 30 јануари.

Експертите предводени од поранешната премиерка на Нов Зеланд,Хелен Кларк и поранешната претседателка на Либерија, Елен Џонсон Сирлиф, во прелиминарниот извештај изјавиле дека „глобалниот систем за предупредување за пандемија не е погоден “.

„Светската здравствена организација не беше во можност да ја заврши работата“, додава.

„Она што на Комитетот му е јасно е дека локалните и националните здравствени власти во Кина беа во можност да применат поостри мерки за јавното здравје во јануари“, се вели во извештајот, повикувајќи се на појава на новиот вирус во градот Вухан во провинцијата Хубеи.

Одборот додава дека кога се појавиле докази за пренесување од човек на човек, „во премногу земји, тој сигнал бил игнориран“.

Исто така, се наведува дека се поставува прашањето зошто Комитетот за вонредни состојби на СЗО не се состанал до третата недела од јануари и не прогласил меѓународна вонредна состојба до вториот состанок на 30 јануари 2020 година.

"Иако терминот пандемија не е употребен или дефиниран со Меѓународните здравствени регулативи (2005), неговата употреба служи за привлекување внимание на сериозноста на здравствениот настан. СЗО го употреби терминот дури на 11 март", се вели во извештајот.

Комитетот на експерти повика на „глобална реконструкција“ и рече дека препораките ќе бидат дадени во финалниот извештај до министрите за здравство во мај.

Пендаровски се обрати на доделувањето на Светската награда за хуманизам на Охридската Академија

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на онлајн настанот на доделување на Светската награда за хуманизам за 2021 годнина, на истакнатиот филозоф од Босна и Херцеговина, академик Абдулах Шарчевиќ.

Светската награда за хуманизам е признание коешто го доделува Охридската Академија на хуманизмот, на истакнати личности од доменот на културата, уметноста, книжевноста и општествениот живот. Годинава признанието се доделува по 15-ти пат.

Почитувани членови на Охридската Академија на хуманизмот,

Почитуван академик Абдулах Шарчевиќ,

Драги пријатели,

Ви благодарам на можноста и на честа да ви се обратам по повод доделувањето на Светската награда за хуманизам која годинава по 15-ти пат ја доделува Охридската Академија на хуманизмот. Овогодинешното доделување на наградата, токму на големиот христијански празник Богојавление - Водици, има особена симболика и значење за нас. Таа симболика е дополнително засилена со фактот што на денешен ден се навршуваат 30 години од основањето на Охридската Академија на хуманизмот.

Низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската Академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на Свети Климент Охридски и на неговата надалеку чуена Охридска книжевна школа.

Надвор од секакво сомнение е дека меѓу мноштвото активности на Академијата особено значајно место зазема доделувањето на светската награда за хуманизам. Востановена во 2007-та, наградата се доделува секоја година на светски познати уметници, интелектуалци, истакнати имиња, но, пред се, на посветени хуманисти. Кон долгата листа импозантни имиња на лауреати, годинава се придружува и името на академикот од Босна и Херцеговина, почитуваниот господин, Абдулах Шарчевиќ, несомнено еден од најзначајните филозофи во нашиот регион, признат и познат многу подалеку од неговите граници.

Посебен, и за нас значаен куриозитет е податокот дека академик Шарчевиќ почетоците на својата научна кариера ги имал на Филозофскиот факултет во Скопје, во втората половина од педесетите години на минатиот век. Се надевам дека и по добивањето на ова престижно признание, личните и професионалните контакти кои професорот Шарчевиќ одамна ги има изградено со Македонија само ќе добијат на интензитет.

Академик Георги Старделов кој, за жал, пред само некој ден не напушти, преселувајќи се во вечноста на човековото паметење, оставајќи неизбришлива трага во македонската култура и општествена мисла, за годинешниот добитник на светската награда за хуманизам, не без причина, напиша: „неговото филозофско дело ни дава една храбра и навистина сеопфатна дијагноза на нашето време и во него: на нашата цивилизација, на нашата културна историја, на нашето општество во кое опстојуваме; сеопфатна анализа за тоа што се случува со човекот денес во 21 век, во векот на неговото отуѓување од сето човечко и човечно".

Со пандемијата која ги загрози нашите животи и нашето здравје, ни го промени секојдневието и буквално го промени ликот на целото човештво, за жал, само уште повеќе се зголеми човековата отуѓеност, правејќи не ранливи, осамени и затворени во себеси. Имено, во вакви времиња ни е и тоа како потребна хуманоста, солидарноста и взаемната почит. Да го победиме Ковид-19 и да се вратиме во нормалното секојдневие, но и да ја афирмираме и повторно актуализираме духовноста и културата. Накусо, да ја вратиме човечноста на човештвото.

Почитувани пријатели,

Се надевам дека набргу ќе можеме сите да се собереме во древниот Охрид и непосредно да комуницираме, како некогаш.

На Охридската академија на хуманизмот и го честитам јубилејот, на академик Абдулах Шарчевиќ му честитам на наградата и му посакувам што побрзо да дојде во посета на нашата земја, поточно, на неговата и наша, заедничка земја.

На крајот од моето кусо обраќање, дозволете да ви посакам добро здравје и радост на сите во 2021-та.

Затворен угостителски објект во Боговиње поради непочитување на ковид мерките

Еден локал е затворен поради непочитување на мерките за заштита од Ковид-19 во текот на вчерашната контрола од 18 до 21 часот на тетовското подрачје извршена од полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од ДПИ.

– Во угостителски објект во село Боговиње, тетовско, сопственост на Џ.Б.(50) од Боговиње, биле затекнати четири лица и сопственикот. Од страна на ДПИ објектот бил затворен, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат денеска од СВР Тетово.

Сопственикот ќе се соочи со пријава за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија".

Во текот на изминатото деноноќие за неносење заштитни маски на 37 лица тетовската полиција им издала прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба.

притисни ентер