Почна собраниската седница за избор на нова влада

 Во Собранието денеска почна седницата на чиј дневен ред единствена точка на дневен ред е изборот на нова влада на РепубликаМакедонија.

Мандатарот Димитар Ковачевски пред пратениците ја презентира програмата за работа на новата влада, која ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.

Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе од претходниот – министер без ресор за дијаспора, место што и припадна на Алтернатива.

Од Владата си заминуваат осум досегашни членови, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев. Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана.

Членови на Владата нема да бидат ни досегашниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за култура Ирена Стефоска.

На нивните места треба да дојдат досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ (СДСМ) како вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска (СДСМ) во Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, досегашниот министер за информатичко општество и администарција Јетон Шаќири (ДУИ) ќе го преземе Министерството за образование и наука, Јована Тренчевска (СДСМ) ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика, а Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) го презема ресорот култура.

Адмирим Алити од Алтернатива ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи од оваа партија е предложен за министер без ресор задолжен за дијаспората.

Во новата влада на Ковачевски останува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (СДСМ), а ново име е Славица Грковска (СДСМ) која треба да биде вицепремиер за борба против коруција и криминал.

Со ресорот правда треба да раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски (СДСМ). Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски (СДСМ).

Функциите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи (ДУИ), Благој Бочварски (СДСМ), Фатмир Бесими (ДУИ) и Крешник Бектеши (ДУИ). Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски (ЛДП/коалиција на СДСМ), а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот министер Насер Нуредини (ДУИ).

Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби (ДУИ). Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се враќа Љупчо Николовски (СДСМ).

Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.

Согласно собранискиот Деловник, мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на владата на седницата на Собранието, на која се врши нејзиниот избор. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на владата, Собранието води единствен претрес.

Во Деловникот е предвидено дека редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање.

СДСМ: Законите важат за сите подеднакво, денеска тоа го потврди и Транспаренси

Соопштение за јавност - реакција на прес-конференцијата на Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Законите важат за сите подеднакво, без разлика за кое име и презиме станува збор, а тоа е потврдено и со случајот којшто го споменува ВМРО-ДПМНЕ.

Фактите се дека има судска пресуда за овој случај, потврдена и од Апелацискиот суд. Споменатите лица се осудени на затворска казна и ја имаат издржано казната.

Од ВМРО-ДПМНЕ очигледно не можат да се воздржат од пласирање на невистини и конструкции.

Денешниот Извештај на Транспаренси интернешнл потврдува дека законите важат за сите.

Една од главните причини за напредокот од 24 места е тоа што земјата има преземено конкретни чекори за кривично гонење на високи функционери од власта.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Мицкоски на средба со новиот директор на ИРИ Крис Бренан

Претседателот Мицкоски му посака добредојде на директорот Бренан со надеж дека и во иднина ќе продолжи и интензивира досегашната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски заедно со Стефан Андоновски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска остварија средба со новиот директор на Меѓународниот Републикански Институт Крис Бренан за Република Македонија.

Претседателот Мицкоски му посака добредојде на директорот Бренан со надеж дека и во иднина ќе продолжи и интензивира досегашната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ.

На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во државата, како и потребата од одржување на брзи предвремени парламентарни избори.

Од страна на Мицкоски беше укажано дека државата се соочува со економска, енергетска и здравствена криза, а поради слабиот капацитет на власта на СДСМ и Димитар Ковачевски за кој како што рече нема легитимитет од страна на граѓаните, потенцијална е и политичка криза која негативно ќе влијаа врз граѓаните, но и врз државата.

Претседателот Мицкоски вели дека е потребно одржување на предвремени парламентарни избори се со цел граѓаните да можат да одлучат за својата иднина и промените кои се неопходни на секое поле.

Соговорниците се согласија на понатамошна соработка и продлабочување на односите, каде што од страна на претседателот Мицкоски беше нагласено дека ИРИ е важен фактор бидејќи изминатиот период придонел за јакнење на политичките капацитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Ковачевски- Петков во Софија: Имаме волја за брз напредок во меѓусебните односи

Со одделни седници на работните групи меѓу Македонија и Бугарија и потпишување на неколку меморандуми за соработка меѓу кои и за железничкиот Коридор 8 и за воведување на директна авиолинија, заврши меѓувладината седница на двете земји во Софија.

Таму е Јана Јосифовска.

Најавена е и поинтензивна работа на Комисијата за историски прашања, но дали има некој конкретен исчекор што би навестил скорено тргнање на ветото од Бугарија?

Целосниот извештај погледнете го во видеото.

притисни ентер