Почна изградбата на фекалната канализација за Јурумлери

Градоначалниците на Град Скопје и на Гази Баба Коце Трајановски и Тони Трајковски денеска во Јурумлери го означија почетокот на изградбата на примарната фекална канализација за населените места Јурумлери, Гоце Делчев и Трубарево.

Градежниците ја почнаа делницата што се протега од новата детска градинка „Морковче“ до вливот во реката Вардар.

- Проектот за изградба на оваа фекалната канализација е заеднички проект на Град Скопје, Владата и општина Гази Баба и е доказ дека со добра соработка меѓу институциите успешно се решаваат долгогодишните проблеми на граѓаните. Од овој проект корист ќе имаат повеќе од 12.000 граѓани кои сега користат септички јами. Град Скопје го поддржува овој проект со 19 милиони денари, рече Трајановски.

Градоначалникот Трајковски објасни дека во првата фаза од овој проект фекална канализација ќе добијат населените места Трубарево, Гоце Делчев и Јурумлери, а во втората фаза - Идризово, Дрма и Ергеле.

- На овој проект интензивно ќе работиме во наредните три години. За изградба на новата фекална мрежа за сите овие населени места ќе вложиме околу 50 милиони денари, 19 милиони денари од Град Скопје, 2 милиона денари од Владата, а останатите средства ќе ги обезбеди општина Гази Баба, рече Трајковски.
притисни ентер