Почна изборниот молк, денеска гласаат болните, немоќните и затворениците

Заврши изборната кампања во која партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, и на полноќ почна молкот пред неделниот втор круг од Локалните избори.

Правилата за изборен молк важат од 30 октомври, заклучно со 19:00 часот на 31 октомври. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Вториот круг од Локалните избори 2021 ќе се одржи в недела. Денеска, ден пред утрешните избори ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и оние на кои им е одредена мерка самоизолација и немоќните или болни лица. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.

Еден ден пред одржување на изборите гласаат лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор, кои гласаат во казнено-поправните домови. Лицата кои се на издржување мерка куќен притвор ќе гласаат во местото каде ја издржуваат мерката, внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде се сместени. Еден ден пред денот определен за одржување на изборите гласаат и лицата кои се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа. Тие ќе гласаат во установата каде се згрижени.

В недела, на денот на изборите, гласањето ќе почне во 7:00 часот, а ќе трае до 19:00 часот.

Ова се седми локални избори и се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје.

Во првиот круг беа избрани 32 градоначалници, како и членовите во општинските совети.

Во вториот круг ќе се гласа во вкупно 44 општини. Право на глас имаат 1 353 990 избирачи на 2481 избирачко место. Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќр има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.

Нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.

На Локалните избори 2021 првпат се воведува уредот за биометриска идентификација на гласачите во постапката на гласање. Според ДИК, тоа треба да ги унапреди изборите во целост и да се обезбеди еднаквост на гласачите врз основа на принципот еден гласач-еден глас.

Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето и на овие избори, како и на претходните, ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните.

Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Американец е пронајден како оди бос во близина на Дамаск, со месеци бил во притвор (ВИДЕО)

Американец, кој тврди дека со месеци бил држен во сириски затвор откако влегол во земјата пеш, опиша како го ослободиле луѓе со чекани откако бунтовниците го собориле режимот на Башар ал Асад.

Човекот, кој се претставил како Тревис Тимерман за американскиот партнер на Би-Би-Си, ЦБС, бил пронајден од жителите во близина на Дамаск. Скај њуз објави дека бил бос.

Тимерман изјави за NBC News дека бил приведен во мај откако ги преминал планините во Сирија како дел од верски аџилак.

Еден ден откако бунтовниците ја презедоа контролата врз Дамаск и го соборија Асад, Тимерман рече дека двајца мажи ја скршиле вратата од неговиот затвор со чекани.

„Кога излеговме немаше отпор, немаше вистинска борба“, рече тој. Тој додаде дека од затвор излегол со поголема група луѓе.

Тимерман изјави за NBC News дека слушнал за други луѓе кои биле мачени во затвор, но дека тоа не било случај со него.

„Ме хранеа и ми даваа вода. Единственото нешто беше што не можев да го користам тоалетот кога сакам“, изјави за Ал-Арабија.

„Не ме тепаа, а чуварите се однесуваа пристојно со мене“, рече тој.

Тој додаде дека користел мобилен телефон за време на притворот и дека разговарал со семејството пред три недели. Тој не сакал да стапи во контакт со американските власти.

Инаку, Тимерман бил пријавен за исчезнат во мај, а последен пат е виден во Будимпешта. Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Вашингтон „работи на враќање на Тимерман дома“.

Инаку, по веста дека Американецот е ослободен, многумина помислија дека станува збор за новинарот Остин Тајс, кој исчезна во Сирија во 2012 година. Сепак, човекот им кажал на новинарите дека се вика Тревис Тимерман и негирал дека е новинар.

Да потсетиме дека илјадници затвореници беа ослободени по падот на Асад. На бројни слики се гледаат мажи и жени, а во некои случаи и деца, кои излегуваат од пренатрупаните ќелии, честопати несвесни за она што се случува во надворешниот свет.

Бунтовниците велат дека имаат намера да ги затворат озлогласените затвори на Асад и да ги пронајдат оние кои се вклучени во мачењето или убивањето на затворениците.

„Ќе ги бараме во Сирија и бараме од земјите да ги предадат оние што избегале за да можеме да ја постигнеме правдата“, изјави лидерот на бунтовниците Мохамед Ал Голани.

Лепа Брена ја објави снимката од концертот во Загреб, кога ја скрши ногата (ВИДЕО)

Лепа Брена на социјалните мрежи објави видео во кое го сумира својот трет концерт овој месец во Арената во Загреб.

На тоа видео се прикажува како изгледаат подготовките во бекстејџот пред излегување на сцената и дел од концертот на Брена, а на крајот од видеото може да се види моментот кога снимателот паѓа додека снима девојка како танцува на свила.

Во тој момент камерманот паѓа во лифтот и точно врз ногата на Брена. Видеото завршува со звукот на толпата која ја пее песната на Брена, Внимавај кому завидуваш.

„Ќе продолжи. Ваша Брена“, напиша таа во описот на снимката.

Во видеото зборуваа и гостите на Брена на концертот, Сенида и Ана Бекута. „Голем работник и уште поголема дива“, рече Сенида, а Бекута додаде: „Таа што победува“.

Пејачката вчера беше пуштена од загрепската клиника за трауматологија, каде што по концертот заврши на операција.

Концертите што таа требаше да ги одржи на 10 и 16 декември се одложени. Новите датуми се 21 и 22 март.

„За жал, синоќа во еден од незаборавните моменти на концертот на половина концерт се случи несреќа кога снимателот падна врз мене и како последица на тој пад ја скршив ногата. Не сакав да застанам, но за љубовта на сите вас во Арената, продолжив да пеам. Добрата вест е дека сѐ ќе биде во ред, но во моментов ми треба малку време да закрепнам, вашата љубов, поддршка и трпение во овој период. Ви благодарам од сѐ срце“, изјави претходно Брена на своите социјални мрежи.

„Несреќата се случи кога член на техничката екипа случајно паднал од бината во лифтот за спуштање на сцената и се здоби со полесни повреди, токму во моментот кога Лепа Брена го чекаше своето појавување пред публиката и така беше повредена.

И покрај големата болка, Лепа Брена уште еднаш покажа неверојатна професионалност и беспрекорно го изведе концертот со многу напор до крај, носена од еуфоријата на публиката и желбата да не ги разочара своите фанови. Овој храбар чин е само уште еден доказ за нејзината големина, посветеноста на музиката и љубовта кон нејзините фанови“, изјавија од Екстра ФМ.

Научниците загрижени: 2024. беше најтопла година, 2025. ќе го собори рекордот

2024 година е најтоплата година досега.

Ова го објави Службата за климатски промени Коперник, а со проценката се согласуваат и други научници. Меѓутоа, Метеоролошката служба на Велика Британија наведува дека овој рекорд би можел да биде соборен веќе во 2025 година.

Според податоците на британската метеоролошка служба, 2025 година ќе биде најмалку 1,29 степени потопла отколку во прединдустриската ера, а можно е просечната глобална температура да се искачи до 1,53 степени, објави Sky News.

Научниците истакнуваат дека 2025 година ќе биде многу топла, иако феноменот Ел Нињо, кој доведе до зголемување на температурите во 2023 и 2024 година, се намалува.

Причината за оваа глобална топлина е долгорочниот тренд на климатските промени, кои се резултат на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, главно од фосилните горива.

Метеорологот Адам Скеиф објасни дека Ел Нињо привремено ги зголеми глобалните температури, но дека климатските промени продолжуваат да ја прават секоја година потопла. Научниците истражуваат и други фактори кои би можеле да придонесат за зголемување на температурите, како што се вулканските ерупции.

притисни ентер