Почина Васил Јанкула – Преспанскиот херој, сочувство упати и претседателот Пендаровски

Во 33 година од животот, по тешко боледување, денеска почина Васил Јанкула, познат како Преспански херој, поради неговата цврста волја да покаже дека „сите сме исти“.

Тажната вест ја соопшти градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски, изразувајќи длабоко и искрено сочувство со фамилијата и пријателите, додавајќи дека „Хероите имаат посебно место кај Бога“.

-Нашиот Васил Стерјовски -Преспанскиот херој, прерано не напушти. Васил, сите нас не научи дека не постојат пречки што не можат да се надминат, дека со посветеност и љубов секој успех е дофатлив. Васил беше, е и ќе остане инспирација за сите што животот им приредил потешкотии но и за сите што го познавале или слушнале за него. Хероите никогаш не умираат, така и Васил нашиот херој. Преспанскиот херој, со својот животен пат, ќе остане да живее во сеќавањата и срцата наши, со своите подвизи ќе ги инспирира и идните генерации. Вечна слава хероју и светол да ти е патот, напиша Колефски во објава на Фесбук.

Сочувство изразија голем број негови познати, меѓу нив е македонскот претседател Стево Пендаровски, со кого оствари средба во неговиот кабинет.

-Бог да го прости, сочувство до семејството. 1991-2024, напиша Пендаровски.

Јанкула е по потекло од селото Туминец, општина Пустец, Мала Преспа, но со семејството живееше во Ресен. Од раѓање се соочуваше со болеста церебрална парализа, но никогаш не се предаде, со трицикл возеше на многу дестинации и на маратони.

Пред секое тргнување тој упатуваше апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на пола пат, секогаш под мотото „Сите сме исти“. Тој организираше и хуманитарни активности.

Макрон до Рама: Вашиот глас е драгоцен за нормализација на односите Косово-Србија

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го поздрави, како што рече, посебниот и силен глас на Албанија во регионот и на меѓународната сцена.

На заедничката прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама, кој е во дводневна официјална посета на Франција, Макрон му порачал дека „во сите регионални прашања неопходна е нормализација на односите меѓу Србија и Косово, каде што вашиот глас е многу значаен“.

- Албанија е силен глас и во Советот за безбедност на Обединетите нации во последните две години. Бевте домаќини на регионален самит на кој го поканивте и украинскиот претседател Володомир Зеленски, што беше дополнително зајакнување на поддршката за Украина, истакна Макрон, јави Ора њуз.

Рама, од своја страна, високо ги оцени односите меѓу двете земји, додавајќи дека „Албанците ги ценат своите пријатели".

Тој му гарантирал на Макрон дека доколку Франција во одреден момент има проблем, „не треба да се двоуми туку да повика Албанец".

-Албанците беа скептични кон Франција пред неколку години, но сега знаат дека Албанија има уште еден пријател. Ние Албанците не сме богати, но имаме единствена способност: Ако еден ден бидете во момент на тешкотија, повикајте Албанец и тој ќе дојде, рекол тој.

Рама придружуван од сопругата Линда и повеќечлена владина делегација во Париз допатува вчера попладне.

Предвидено е двете земји да потпишат неколку договори и меморандуми за разбирање меѓу двете земји. /МИА

Германскиот Парламент усвои предлог-закон со кој луѓето полесно ќе го менуваат името и полот

Германските пратеници денеска изгласаа закон со кој на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица ќе им биде полесно да го сменат името и полот на нивните официјални документи.

„Законот за самоопределување“ е една од неколкуте социјални реформи што ги вети либералната коалициска влада на канцеларот Олаф Шолц и ќе стапи во сила на 1 ноември. Во Долниот дом на Парламентот „за“ нацрт-законот гласаа 374 пратеници, „против“ беа 251 и 11 „воздржани“.

Усвоената законска регулатива ќе им овозможи на возрасните да го менуваат своето име и пол на документите во писарницата без дополнителни формалности. Тие ќе треба да ја известат канцеларијата три месеци пред промената.

Законот, кој моментално е во сила, бара лицата кои сакаат да го променат регистрираниот пол, прво да добијат оценки од двајца експерти „доволно запознаени со конкретните прашања на транссексуалноста“, а потоа судска одлука. Тој закон беше донесен пред околу 40 години, а германскиот Врховен суд оттогаш укина некои од неговите одредби со кои се бараше луѓето да се разведат, стерилизираат и да се подложат на операција за промена на полот.

Новото законодавство се фокусира на правниот идентитет на физичките лица. Не вклучува никакви промени во германските прописи за операциите за промена на полот.

Новите правила ќе им овозможат на малолетниците на возраст од 14 и повеќе години да го променат своето име и законскиот пол со одобрение на нивните родители или старатели. Доколку не се согласат, тинејџерите ќе можат да побараат од семеен суд да ја дозволи промената.

Во случај на деца помлади од 14 години, нивните родители или старатели ќе треба да поднесат барања до надлежните служби во нивно име.

Откако ќе стапи во сила официјалната промена на името и полот, нема да бидат дозволени други промени една година. /МИА

Извештај: Во регионов, во Србија има најмногу, а во Македонија најмалку жени - војници

Од армиите на земјите од поранешна Југославија и Албанија, најголем број жени меѓу професионалните војници работат во Војската на Србија, и сочинуваат вкупно 18 отсто од активните сили, објави денеска порталот Балканска безбедносна мрежа.

Како што се наведува во извештајот насловен „Жените во безбедносниот систем 2024“, кој го подготви Balkan Defense Monitor, на второ место по бројот на жени професионални војници во регионот е Црна Гора со 16 отсто, додека на трето место е Хрватска со 14 проценти од жените во армијата. Во извештајот се нагласува дека Хрватска е единствената земја која не посочила дали тоа се однесува на бројот на професионални војници или на бројот на жените во вооружените сили воопшто, без разлика на чин или статус.

Во вооружените сили на Босна и Херцеговина (БиХ), жените сочинуваат 12 отсто од професионалните војници, додека во Албанија тој удел е 11 отсто. Армијата на Северна Македонија има најмалку жени професионални војници - близу шест проценти.

Иако воената служба во Србија е многу привлечна за жените, тие не се соодветно застапени во сите сегменти на армијата. Така, во Србија 12 отсто од офицерите се жени, додека нивниот број во подофицерскиот кор е само четири отсто.

Од друга страна, Албанија има најголем број жени подофицери и офицери во целиот регион. Жените во таа земја сочинуваат 21 отсто од офицерскиот кор и 13,5 отсто од подофицерскиот кор, а Албанија е единствената во регионот што го постигнала НАТО стандардот од 15 отсто жени во вкупниот број на вооружени сили.

Од 2018 година, највисокиот чин од сите жени во таа армија го има Манушаке Шеха, која како генерал-мајор е и првата жена заменик-началник на Генералштабот на Армијата на Албанија.

Вооружените сили на Босна и Херцеговина имаат осум отсто жени офицери и шест отсто жени подофицери, но позитивно поместување во насока на еманципација на понежниот пол е забележано минатата година кога првата жена пилот го заврши своето образование. Во прашање е поручник Драженка Паниќ, која образованието го завршила во Грција како најдобра во класата на странци и која ќе лета со хеликоптерот Газел.

Како што пренесува Бирн, Хрватска доставила збирни податоци според кои 14 отсто од вооружените сили се жени, без да прецизира колку во кој сегмент се. Но, познато е дека во последната генерација на дипломирани студенти на Воената академија, од 71 питомци, 22 биле жени. Од вкупниот број 417 студенти на Воената академија во Хрватска, 93 во моментов се жени.

Црна Гора има висок број на жени офицери - дури 17 проценти. Од друга страна, само шест отсто од подофицерите се жени во таа земја. Досега во Црна Гора ниту една жена не добила повисок чин од мајор, што не треба да чуди бидејќи се работи за армија со најмалку формациски места во регионот.

И Армијата на Северна Македонија има многу висок број на жени во офицерскиот кор - 20 проценти. Кај подофицерите има 13 проценти жени, а од вкупно 35 питомци примени на Воената академија, 14 од нив се девојки. Меѓутоа, како што се посочува во извештајот, проблемот во македонската војска е несоодветната етничка, а не родова застапеност во вооружените сили. Имено, некои критичари наведуваат дека бројот на Албанки во Армијата на Северна Македонија не ја отсликува целосно структурата на тоа општество, бидејќи само 1,6 отсто од инаку малиот број професионални војници се припаднички на албанската национална заедница.

Одредени етнички и верски проблеми постојат и во вооружените сили на Босна и Херцеговина, каде до неодамна на околу 270 Бошњачки им беше забрането да носат хиџаб кога се во униформа.

Откако професионалниот војник Емела Мујановиќ ги тужеше вооружените сили за дискриминација, министерот за одбрана Зукан Хелез предложи на жените-вернички во армијата да им се дозволи да носат шамии кои ќе бидат „од ист материјал и боја како униформата“.

Фото: АРМ

притисни ентер