По седум месеци почна судењето за родилката, која остана без матка, бубрег и јајник

По седум месеци одложување, во Основниот суд во Струга започна судењето за родилката од Дебар, Јелдаз Веапоска, која при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник. 

Докторот Мухамед Асани и неговиот син доктор Блертон Асани, не чувствуваат вина за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска. Истото го кажа и третообвинетата докторка Љиљана Јованоска откако сите тројца денеска се појавија во струшкиот суд на рочиште по седум месеци одлагања. Веапоска, која при породување во болницата во Струга остана без бубрег, матка и јајник, повторно раскажа за стресот низ кој поминала и како во полусвесна состојба ги слушала лекарите како се договараат да и ги извадат органите, но и за нечовечкото постапување со неа.

Последниот ден откако ми се влоши повеќе состојбата, јас му се јавив на мојот сопруг, дека од болница ме отпуштаат да си одам дома, но оти јас не сум добро, да дојде да ме земи и да ме однеси во некоја друга болница, дека јас умирам и дека моите две деца ќе останат без мајка. Одлучија да ме стават во операциона сала. Никогаш не заборавам како доктор Асани се обрати и со прст рече оваа да ја спремате за во сала.

Откако се соочи со обвинетите доктори и навраќањето на голготата со која се соочила пред три години, Веаповска беше вознемирена по што судијата даде пауза пред да продолжи со исказот.

Обвинетите доктори Мухамед и Блертон Асани како и докторката Љиљана Јованоска на кои им се суди за тешки дела против здравјето на луѓето, се изјаснија за невини.

Според обвинението, лекарите и ја оштетиле на Веапоска левата бубрежна артерија, и покрај таквата состојба не презеле мерки туку и давале терапија при што таа паднала во шокова состојба и повторно ја оперирале при што и ја отстраниле матката и левиот јајник кои не биле повредени.

Крварењето не застанало, а со втор зафат откриле дека е оштетена артерија и настанало тешко нарушување на здравјето,тогаш и бил отстранет и левиот бубрег. Потоа била пренесена на Карил во Скопје.

Следно рочиште за случајот е закажано за 10ти март.

Американски Ф-16 се урна над Жолтото Море

Американски борбен авион се урна за време на тренинг лет над Жолтото Море, објавија денеска американските сили во Кореја (USFK).

Пилотот на борбениот авион Ф-16 се катапултирал по што јужнокорејската морнарица го извлекла од морето меѓу Корејскиот Полуостров и Кина, соопшти УСФК.

Пилотот е во стабилна состојба, а причината за несреќата се истражува.

Авионот полетал од американската воздушна база во Гунсан, во западна Јужна Кореја. Вкупно 28.500 американски војници се стационирани во Јужна Кореја. /МИА

Трамп нема да сведочи по втор пат во случајот со граѓанска измама

 Поранешниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека одлучил да не сведочи по втор пат на судењето за граѓанска измама во Њујорк.

Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека многу успешно сведочел минатиот месец и дека не гледа потреба повторно да се појавува.

Трамп денеска требаше да се врати на говорницата како последен главен сведок на одбраната во случајот, кој ја загрозува неговата империја со недвижнини и го нарушува неговиот имиџ како успешен бизнисмен.

Трамп, неговите синови Ерик Трамп и и Доналд Трамп Џуниор, и други високорангирани директори на Организацијата Трамп се обвинети од њујоршката обвинителка Летиција Џејмс дека се вклучиле во децениска шема во која користеле „бројни чинови на измама и лажно претставување“ за да надујат нето вредноста на имотот на Трамп за тој да добие поповолни услови за кредит. Судењето доаѓа откако судијата во случајот со делумна збирна пресуда пресуди дека Трамп поднел „лажни проценки“ за неговиот имот, оставајќи го судењето да утврди дополнителни дејствија и каква казна, доколку ги има, треба да добијат обвинетите. /МИА

Водата за пиење во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна

Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. 

Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 4 декември 2023 до 7 декември 2023 година, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

За анализа биле земени 154 примероци за физичко-хемиска и исто толку примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Град Скопје.

притисни ентер