По Илинден почнуваат разговорите за Влада, ДУИ очекува покана од СДСМ

Новото Собрание ќе биде конситуирано во вторник, а веднаш потоа се очкува и стартот на преговорите за формриање на Влада.

И на два дена до конституирањето на Собранието, јавноста и понатаму во неизвесност околу тоа кој ќе го формира парламентарното мнозинство и ќе ја избере идната влада... Од Колаицијата предводена од СДСМ која освои најмногу мандати, најавуваат почеток на преговори со еветуланите коалициски партнери следната недела, а први повик од Заев очекуаат во ДУИ.

Бујар Османи во интервју за косовската телевизија Т7, информациите дека СДСМ, ДУИ и ДПА договориле влада со која 3 години би раководел Заев и една година Зибери, Османи ги нарече “коментари на аналитичарите” иако рече оваа идеја за партијата е прифатлива, бидејќи важна им била симболиката. Но истовремено не ја исклучи можноста и за формирање парламентарно мнозинство со ВМРО ДПМНЕ.

-Ние рековме пред да почнеме да преговараме со која било партија за поделба на одговорност(надлежности), треба да се обезбеди влезен билет за да преговараат со нас. Не сме арогантни и не велиме - ние сме тие со кои треба да се преговара, но реално сме важен политички фактор.

-Рековме билетот за натамошни преговорите јавна заложба за три договори, Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, затоа што ние себе си се сметаме за партија „чувар“ на овие договори. Овие договори се столб на нашата евроатланска ориентација и нема да влеземе во преговори со партија која би имала дилема околу овие договори.

Од ВМРО ДПМНЕ и денеска посочија дека се во комуникација со партиите но не откриваат дали се водат конкретни преговори за состав на владејачко мнозинство.

Сепак дел од познавачите сметаат дека веќе се водат преговори на пониско партиско ниво за после конститутивната собраниска седница политичките лидери да го финализираат договорот. За ваква можност зборува аналитичарот Тодор Пендаров кој вели дека клучни играчи во преговорите се социјалдемократите и интегративците иако смета дека кој и да формира влада, како што вели, ќе биде со краток рок на траење.

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи во вторник на пладне под посебни протоколи поради корона вирусот и во друга собраниска сала – Голема купола.

Одрони на патот Делчево – Македонска Каменица – Кочани под браната Калиманци

Дождот што во текот на вчерашниот ден паѓаше на територијата на општините во пијанечкиот регион повторно предизвика одрони на патниот правец Делчево – Македонска Каменица – Кочани. 

Како што јавуваат возачи, поголеми одрони во моментот има во близина на првиот мост под браната Калиманци.

-Одроните се на десниот дел од коловозот од патот Делчево – Македонска Каменица – Кочани, веднаш под браната Калиманци. Едната сообраќајна лента е слободна за движење, но треба да се внимава бидејки одроните се на место пред свиок, велат возачи.

Додаваат дека на останатиот дел до Кочани патот е чист освен ситни камчиња во близина на некогашниот голем одрон кај месноста Саваро.

Екипи на подружницата на ЈП „Македонија пат” се запознаени за случајот и најавуваат брзо расчистување на одроните. Долж целиот патен правец асфалтот е сув и возачите возат по суви коловози.

Изминатата седмица во Охрид 25, во Струга 24 и во Дебар 15 потврдени случаи на КОВИД-19

Во Охрид има 86 активни случаи на коронавирус, во Струга 190, а во Дебар 119.

Седмичниот билтен на Центарот за јавно здравје од Охрид што ги опфаќа општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа покажува дека во периодот од 1 до 7 август лабораториски е дијагностицирано присуство на КОВИД-19 кај 25 лица од Охрид, 24 лица од Струга и 15 лица од Дебар.

Изминатата седмица од вкупно земените 247 материјали за испитување, 191 се собрани според епидемиолошки индикации (лица кои исполнуваат критериуми за дефиниција на случај), а 56 материјали зе земени при скрининг тестирањето со упат од матичен лекар.

Во Охрид има 86 активни случаи на коронавирус, во Струга 190, а во Дебар 119. Во овој период оздравени се 19 лица од Охрид, 28 лица од Струга и три лица од Дебар. Изминатата седмица се регистрирани три смртни случаи поврзани со КОВИД-19, по една жртва во Охрид, Струга и Дебар.

Кога станува збор за вкупниот биланс од почетокот на епидемијата заклучно со вчерашниот ден КОВИД-19 е регистриран кај вкупно 977 лица во односните општини и тоа 294 лица во општините Охрид и Дебрца, 473 лица во општините Струга и Вевчани и 210 лица во општините Дебар и Центар Жупа. Оздравени пациенти од Охрид се 205, од Струга се 253, а од Дебар и Центар Жупа се 82 пациенти. Црниот биланс е осум починати лица во Охридско, 44 во Струшко, а во Дебар и Центар Жупа шест лица.

Од Центарот за јавно здравје во Охрид повторно предупредување до населението дека епидемијата од коронавирусот се уште трае, коронавирусот циркулира со несмален интензитет во локална трансмисија. Оттаму и апел до граѓаните на претпазливост, одговорност и разум во однесувањето.

-Коронавирусот го пренесуваат луѓето кои не се придржуваат кон мерките и препораките за заштита од КОВИД-19. Во овој момент, единствен начин да се спречи инфекцијата и ширењето на вирусот е строго придржување и примена на превентивните мерки за заштита од КОВИД-19 и тоа поравилна употгреба на заштитна маска, одржување социјална и физичка дистанца, избегнување јавни собири и групирања и често миење на рацете, посочуваат од Центарот.

E-библиотеката на Дарко Гавровски можност за наоѓање на многу историски информации за Тетово

 Големиот број книги, прилози, документи и пишан материјал кои Дарко Гавроски како хроничар на градот ги користел во изминатиот период за собирање на историски податоци за Тетово ќе ги стави за јавно користење преку интернет. 

Тој одлучил над 200 книги кои ги има и ги користел да бидат достапни за сите.

-Мотивот како и секогаш досега е Тетово и мојата љубов кон родниот град. Во 25 години истражување има над 200 книги кои сум ги користел за разни поводи, како за пишување на моите дела, за објавување на информации и податоци на интернет страницата и групата на Фејсбук. Започнав со десетина и полека сакам да сите да бидат објавени. Вака нема да ги чувам љубоморно само јас, туку ќе ги споделам за сите идни истражувачи да можат да ги користат како што јас тоа досега сум го правел, вели Гавровски.

Во неговата е-библиотека на располагање има дела со огромно значење за историјата на Тетово, почнувајќи со „Огледало" од Кирил Пејчиновиќ, напишано на црковнословенски јаик со македонски и тетовски говори пред 204 години во 1816 година. Како значајна за Тетово, посочува српска книга за семејните слави во Tетовско, каде адетите се опишани на македонски јазик и тетовски говор.

– Бидејќи досега не е објавуван електронски, секој има раритетна можност да го види „Гласник на етнографскиот музеј во Белград" од 1931 ггодина, каде има прилог „Семејни слави и други слави во Тетово", во кој се опишани тетовsки семејни слави, имендени, еснафски слави и црковни слави. Гласникот е напишан на српски јазик, но сите адети и изговори и објаснувања за славите се опишани на македонски јазик и тетовски дијалект, потенцира Гавро, како што сите го познаваат во Тетово.

Објавено е и делото „Полог-антропогеографски истражувања", издадено во 1976 година од авторот Јован Ф.Трифуновски.

-Тоа е најдетално проучување на сите села во Полог. Топоними, историја на секое село заедно со сите родови и фамилии во секое место-кои се иселени, доселени, староседелци. Тука е и епохалното дело на Р.Грујиќ од 1933 за средновековно Тетово и Тетовско насловено „Полошко –тетовска епархија и манастир Лешак" (дел од Гласник на скопско научно друштво)

Онлајн објава има и на неговата книга од 2009 година насловена „Тетовски древности-Полог од Праисторијата до 7.век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај". Покрај ова дело Гавроски како хроничар на градот е автор и на делото „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика". Во своето истражување за втората книга користи голема библиографија од над 600 извори-книги, списанија, пишани документи, како и стотици интервјуа.

Гавроски пред неколку години ја создаде песната „Ја го љубим Тетоо" на тетовски дијалект, што се смета за неформална химна на градот. Има материјал за издавање уште книги-посветени на тетовските села и летопис за средновековието во Тетово.

Голем дел од податоците и информации за Тетово, Дарко ги има поставена на интернет страницата www.gavro.com.mk што се смета за Тетовопедиа. Има и страница на социјалната мрежа Фејсбук со речиси 10 илјади посетители.

Сите заинтересирани можат да ја посетат Е-библиотеката на Гавровски на следниот линк https://fliphtml5.com/bookcase/glxlr?fbclid=IwAR2rpYObAvLV_m5akpqRxhkfkfXpe7yFp38vlh3dHsPNf019qS25m5DhiKI

притисни ентер