По 12 часа преговори во Охрид постигнат договор меѓу Србија и Косово, но без потписи

Текстот на Анексот интергрално утрово го објави Европската комисија.

12 часа беа на маса со европско посредништво, го усогласија текстот за анекс на договорот за нормализација на односите, но на крај политичките лидери Вучиќ и Курти не ставија потпис за документот официјално да стапи на сила- вака завршија маратонските преговори меѓу Белград и Приштина во Охрид. Според оценката на шефот на европската дипломатија Борел, по тешки преговори има напредок, а двете страни се обврзани да ги исполнат обврските од анексот.

-Можам да соопштам дека Косово и Србија се согласија за имплементација на анексот на договорот за нормализација на односите меѓу нив. -Жозеп Борел – висок претставник на ЕУ за надворешна политика .

Текстот на Анексот интергрално утрово го објави Европската комисија. Како важни елементи се издвојуваат точките кои предвидуваат Србите на Косово ќе треба да добијат „соодветно ниво на самоуправа“, што е некаков вид на Заедница на српски општини, но детали за моделот нема. Иако не потпишани, двата документи ќе станат формални услови за патот на Србија кон ЕУ, преку вклучување во поглавјето 35, а ќе бидат услов и за напредокот на Косово. Доколку пак, доследно го спроведат, ќе добијат финансиска помош која ќе се обезбеди со донаторска конферецнија за 5 месеци..

Претпладнево на прес-конференција српскиот претседател Вучиќ рече дека иако не ги потпишува, ќе работи на спорведување на договореното до нивните црвени линии- нема признавање на независност на Косово, ниту одобрување за нивно членство во Обединетите нации.

-Подготвен е да потпише (Курти) затоа што оттаму формално би произлегла правна обврска за Република Србија да се согласи за независност на Косово. Сакам луѓето во Србија да знаат дека за ова и тоа како водиме сметка, и кога ме слушаат мене дека повторувам некои работи како папагал, да знаат дека не го правам тоа бидејќи сум глуп или не знам што правам, туку бидејќи добро знам што правам. - Александар Вучиќ – претседател на Србија.

Зошто договорот за анексот не заврши со потпис, за косовскиот премиер Курти виновник е само Вучиќ. Како обврските од анексот да станат задолжителни, рече дека сега е работа на ЕУ.

-Постигнавме јавен договор за анексот што ќе го води спроведувањето на основниот договор. Другата страна, како и на последната средба во Брисел на 27 февруари, бега од потпишување. Останува на ЕУ да најде механизам статусот на овој договор да го направи правно обврзувачки.- Албин Курти – премиер на Косово.

Иако не е јасно како ќе се формализираат постигнатиот Договор и Анексот, Белград и Приштина веќе добиваат честитки од многу европски метрополи, а постигнатото уште синоќа го поздрави и САД преку специјалниот претставник Ескобар кој беше во Охрид.. Честитки добија и од нивниот домаќин, премиерот Ковачевски..

-Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за храброста и визионерството, и да им посакам напредок и успех. -Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Постигнатото во Охрид го поздрави и албанскиот премиер Рама, кој на твитер напиша: „Да се надеваме дека ѓаволот не е во деталите и дека договорениот, но непотпишан договор, не е уште една балканска измама!

Со Анексот и двете земји се обрзани на спроведување на Договорот од февруари во Брисел, кој има 11 точки, од кои клучни се третата и четвртата кои де факто предвидуваат независност на Косово, преку признавање на сите нејзини државни атрибути, како и можноста за зачленување во сите меѓународни организации.

Нов Зеланд почнува кампања за утеха на млади со скршено срце

Владината кампања „Love Better“ нуди совети и поддршка кога љубовта ќе заврши, а ќе биде прикажана во подкаст и на платформи како што е Инстаграм.

- Нов Зеланд почна кампања за да им помогне на младите во земјата да ги надминат болните раскинувања, охрабрувајќи ги оние со скршено срце да се помират со тоа и да ги блокираат своите поранешни партнери/партнерки на социјалните мрежи.

Владината кампања „Love Better“ нуди совети и поддршка кога љубовта ќе заврши, а ќе биде прикажана во подкаст и на платформи како што е Инстаграм.

„Раскинувањата болат... но, морате засекогаш да ја свртите страницата. Преземете одговорност за вашите чувства“, вели смирувачки глас во видеото од кампањата.

Еден неименуван млад човек рече дека ја блокирал поранешната девојка на социјалните мрежи бидејќи не можел да спие ноќе и дека се станува чудно и надвор од контрола.

Властите на Нов Зеланд најавија дека ќе одвојат 6,4 милиони новозеландски долари (3,7 милиони евра) за тригодишната кампања.

„Знаеме дека раскинувањето на љубовните врски е болно. Сакаме да ги поддржиме нашите млади луѓе и да им дадеме до знаење дека има излез", изјави неименуван претставник на властите.

Кампањата им овозможува на младите да ги споделат своите приказни и на тој начин да им помогнат на своите врсници кои можеби поминуваат низ слични искуства.

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека Нов Зеланд има една од највисоките стапки на самоубиства меѓу развиените земји.

СДСМ: СДСМ покачува плати и пензии, ВМРО-ДПМНЕ блокира

СДСМ на дело покажува вистинска грижа за сите граѓани.

Во време кога државата се уште се соочува со последиците од глобалната економска криза, СДСМ обезбедува раст на платите и пензиите.

Пензиите, од овој месец, се покачуваат за рекордни 8,4 отсто, со што просечната пензија се зголемува за над 1.500 денари.

Минималната плата од март годинава изнесува 20.175 денари, што е зголемување за над 2.000 денари од досегашната минимална плата која изнесуваше 18.000 денари.

Додека СДСМ, како одговорна партија го унапредува животниот стандард на граѓаните, покачува плати и пензии, ВМРО-ДПМНЕ блокира и опструира се што е во интерес на народот.

Во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата беше 8.800 денари, а во текстилната кожарската и чевларската индустрија само 6.000 денари.

ВМРО-ДПМНЕ се противеше на раст на минималната плата, нејзини функционери велеа дека ќе колабира македонската економија ако минималната плата се покачи.

ВМРО-ДПМНЕ останува против работниците, партија која во изминатите години блокираше и се уште блокира закони во интерес на граѓаните.

СДСМ

Лекторатот по македонски јазик во Париз ќе одбележи полувековен јубилеј

Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој е најстар и постои 50 години, денеска ќе го одбележи јубилејот со меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО).

Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој е најстар и постои 50 години, денеска ќе го одбележи јубилејот со меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во француската престолнина.

Како што соопшти Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), на симпозиумот ќе има учесници од седум држави – странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети.

-Почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура од Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис, заедно со македонските учесници ќе ја испратат пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следуваат, информира МСМЈЛК при УКИМ.

МСМЈЛК наведува дека организацијата на овој меѓународен симпозиум по повод полувековниот јубилеј е „валоризација на постигнатото во изминатите пет децении и влог во ново поглавје на афирмирањето на македонските културни вредности и на развивањето на научниот интерес за македонистиката во Франција и воопшто на меѓународен план“.

Во рамки на симпозиумот се предвидени три тркалезни маси, од кои една ќе биде посветена исклучиво на македонистиката во Франција и, според најавата, ќе се обратат директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО.

Со свои излагања ќе учествуваат и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монтпелиер 3“.

-Две тркалезни маси на симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов – 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов. Со нив ќе продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј, кое вчера, на Светскиот ден на позијата започна во седиштето на УНЕСКО, но и воопшто меѓународната афирмација на неговото творештво во текот на јубилејната година, која започна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, информира МСМЈЛК при УКИМ.

Најавено е учество и на странските македонисти и универзитетски професори - Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов. Покрај нив, на тркалезните маси ќе учествуваат и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција. Во овој дел на сипозиумот ќе учествуваат и академиците од МАНУ - Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова.

Во чест на 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО ќе се одржи и концерт на македонска народна музика, на француската македонистка и музичкарка Гаел Лекок и Анета Жорж, пејачка и композиторка, професорка на Американската школа за модерна музика во Париз (вокал, кавал и тамбура).

МСМЈЛК при УКИМ информира дека поддржувачи на организацијата на симпозиумот се и МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“.

притисни ентер