Петстотини викендички крај Тиквешко Езеро приклучени на водоводна мрежа од регионалниот водовод

Продолжуваме со приклучоци за вода, на објекти на брегот на Тиквешко Езеро. Досега во населба Брушани се приклучени 500 викендици и со тоа вода за пиење добија над 90 проценти од жителите на Брушани.

Петстотини викендички крај Тиквешко Езеро се приклучени на водоводна мрежа од регионалниот водовод „Лукар“, се приклучуваат нови, потврди денеска за МИА Гоце Ангеловски, директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци.

- Продолжуваме со приклучоци за вода, на објекти на брегот на Тиквешко Езеро. Досега во населба Брушани се приклучени 500 викендици и со тоа вода за пиење добија над 90 проценти од жителите на Брушани. Моментално се приклучуваат и останатите викендици спрема кракот на ресторан „Луле“, каде досега имаме приклучено 85 викендици, а очекуваме вкупно околу 150 барања за приклучоци. До крајот на годината ќе се приклучат и другите заинтересирани за водоводна линија, појасни Ангеловски.

Тој додаде дека актуелно е приклучувањето, на, како што додаде, новата водоводна линија, на вториот крак од Тиквешко Езеро.

- Конечно и крај овој дел на езерото се приклучуваат кон водоводната мрежа. Досега, езеро гледаа пред себе, но немаа водоснабдување во своите објекти. Интензивно се работи за поквалитетен живот на сите, а во случајов, на сите што имаат куќи и викендички на брегот на Тиквешко Езеро, втора по големина вештачка акумулација во државата, нагласи Ангеловски.

Велика Британија и платила на Руанда 230 милиони фунти за блокираниот договор за азил

Британскиот премиер Риши Сунак денеска е под притисок да објасни зошто владата и плати на Руанда 230 милиони фунти за да прими баратели на азил кои Лондон не ги сака, а според тој договор ниту еден азилант не отишол таму.

Таа сума е речиси двојно поголема од 140 милиони фунти што Обединетото Кралство претходно изјави дека и ги дала на владата на Руанда според договорот од април 2022 година. Според тој договор, мигрантите кои илегално ќе го преминат Ла Манш во Велика Британија ќе бидат испратени во Руанда, каде што ќе се обработуваат нивните барања за азил, што ќе зависи од тоа што ќе им се случи подоцна.

Планот беше оспорен пред судовите во ОК, каде минатиот месец Врховниот суд пресуди дека политиката е незаконска, бидејќи Руанда не е безбедна земја за бегалците.

Планот за имиграција е клучен за целта на британската влада да ги спречи барателите на азил да го преминат Каналот од Франција до Англија со бродови, што го направија повеќе од 29 илјади луѓе оваа година и 46 илјади минатата година. /МИА

Невладини организации: Состојбата во Газа е апокалиптична

 „Спасете ги децата“ и другите меѓународни невладини организации денеска предупредија на „апокалиптичната“ ситуација во Појасот Газа по 60-дневната израелска опсада.

Невладините организации наведуваат дека сега оние кои го преживеале бомбардирањето се во непосредна опасност да умрат од глад или болест.

-Децата и семејствата талкаат по улиците на она што не е израмнето, без храна, немаат каде да одат и ништо да преживеат, рече на брифинг со новинарите Александра Саие од организацијата „Спасете ги децата“.

Шајна Лоу од Норвешкиот совет за бегалци рече дека нема безбедно место во Газа, дека повеќе од половина од становите се оштетени или уништени, а 1,9 милиони жители од вкупно 2,4 милиони се раселени поради војната.

Стотици илјади цивили избегаа од разурнатиот север на малата енклава за да се засолнат на југ. Меѓутоа, таму се интензивираат и израелските воени операции.

Башра Калиди од Оксфам ја опиша ситуацијата во Газа како апокалиптична и ги осуди ограничувањата на Израел за хуманитарните конвои кои пристигнуваат преку граничниот премин Рафа од Египет.

Светската програма за храна на крајот на ноември предупреди дека ризикот од глад за жителите на Газа, особено децата и жените, е многу висок.

Во исто време, првиот човек на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, на платформата „Х“ ги спомна болестите кои ја зафаќаат територијата, поради „пренаселеноста, недостатокот на вода, санитарни услови и основна хигиена“.

Повеќе од 100 илјади жители страдаат од акутни респираторни проблеми, 75 илјади од дијареа, други од шуга.../МИА

Израел и САД ги отфрлаат повиците за итен прекин на огнот во Газа

Израел и САД денеска на седницата на Советот за безбедност на ОН ги отфрлија повиците за итен прекин на огнот во Газа, јави Би-Би-Си.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, категорично ги отфрли повиците за прекин на огнот. Тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека „прекинот на огнот само ја зајакнува контролата на Хамас врз Газа“ и испраќа порака дека „на Хамас му е простено за неговите намерни злосторства“.

Тој исто така рече дека „угнетувањето на населението во Газа од страна на Хамас“ добило „зелено светло на меѓународната заедница“. Ердан додаде дека „без воен притисок врз Хамас, ниту една дипломатија не може да гарантира ослободување на заложниците“.

Американскиот претставник Роберт Вуд на седницата рече дека САД не поддржуваат итен прекин на огнот.

-Иако САД силно поддржуваат траен мир, во кој и Израелците и Палестинците можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот. Тоа само ќе го посее семето на следната војна бидејќи Хамас не сака траен мир, рече Вуд пред Советот за безбедност на ОН.

САД се една од постојаните членки што имаат право на вето на резолуцијата. Советот за безбедност на ОН подоцна денеска ќе гласа за резолуцијата претставена од Обединетите Арапски Емирати, која повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот во Газа“. /МИА

притисни ентер