Петровска: САД се наш долгогодишен стратешки партнер, соработката ќе ја интензивираме

 САД се наш долгогодишен стратешки партнер со кои градиме политика на взаемна доверба, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност .

САД се наш долгогодишен стратешки партнер со кои градиме политика на взаемна доверба, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која брифираше за неколку клучни поенти од нејзината посета на Вашингтон.

Сесијата која таму се одржала, како што информира, била посветена на одбрана и безбедност со две поттеми – развој на способности и вежби за капцаитетите на Армијата и сајбер заштита.

Министерката информира дека од взамниот разговор со САД што го имале биле донесени неколку заклучоци, меѓу кои бил констатиран напредокот на Република Македонија по однос на реформите и процесите за спроведување на НАТО целите за способности. Таму било оценето дека се работи за квалитетни реформи.

Двете страни како стратешки партнери се обврзале за заедничка соработка за обуки, вежби, но и инвестиции.

– САД го верификуваат она што досега е постигнато во однос на модернизација на Армијата. Се донесе одлука за дополнителни 20 милиони долари преку една од програмите за поддршка и дополнително уште 10 милиони долари. Тие финансиски средства ќе бидат за оние проекти кои веќе се отпочнати и значат дополнително јакнење на капацитетите на нашата Армија, информира Петровска.

Таа потврди оти е најавено во јули дека ќе пристигнат првите шест JLTV возила за Армијата на Северна Македонија.

Министерката исто се осврна и на буџетот за одбраната, за што кажа дека ќе биде стабилен и за следната година ќе се достигнат планираните проценти од БДП.

– Ќе се издвојат повеќе од 20 отсто од вкупниот буџет за одбраната за опремување и одржување на континуитетот. Не е само да го имаме буџетот како вкупна бројка туку да направиме правилна распределба, рече Петровска.

Таа посочи дека во Министерството за одбрана се усвоени долгорочни планови за развој на способностите на Армијата, градење капацитети, а тие документи се проследени со акциски планови.

– Република Северна Македонија, особено Армијата и Министерството за одбрана мора во континуитет да ги следат процесите или измените кои настануваат во општеството и во светот. Ние сме земја членка на НАТО и како тоа дополнително би рекла имаме задача да се однесуваме како достојна членка на Алијансата, рече Петровска.

Во однос на градење на капацитетите, министерката смета дека тоа е клучно нешто на кое се посветува големо внимание.

Таа говореше и за капацитетот на Криволак, кој, како што кажа, подолго време се развива со сопствени капацитети. Според неа, тој претставува една од клучните задачи или мисии на МО за претстојниот период. Во тек, како што соопшти, е акциски план за тоа како ќе се развива центарот Криволак за да ги задоволи националните потреби на нашата Армија.

Во однос на сајбер безбедноста, Петровска вели дека ја добиваме поддршката од САД преку програмите и проектите кои се веќе во тек и се долгорочни, и најави оти истите ќе продолжат. 4 ипол милиони долари се обезбедуваат за продолжување на овие проекти.

– Соработката со САД ќе продолжи и ќе биде интензивирана уште повеќе, заклучи Петровска.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки го поздрави претставувањето на министерката, но нагласи оти истото претставува дефокусирање од главниот проблем – неуспехот да се отпочнат преговори со ЕУ.

– Ова е свесно манипулирање и дефокусирање од главниот проблем – неуспехот да се отпочнат преговори со ЕУ, рече Ковачки, апелирајќи до владејачкото мнозинство да ја поканат министерката на друга средба, на која би добиле како Комисија информации во врска со случувањата во Источна Европа, за руската агресија врз Украина и за нашата поддршка на Алијансата во тој сегмент.

Министерката Петровска, пак, апелираше кога се зборува за одбраната и безбедноста, дневната политика да се тргне на страна.

Американец пукал од дома и убил двајца полицајци и нивното куче (ВИДЕО)

Американцот Ленс Сторц од Кентаки завршил во притвор откако убил двајца и повредил неколку полицајци. Мажот се забарикадирал во куќата и почнал да пука.

Како што пренесува ABC, пукањето се случило во округот Флојд вчера околу 6:44 часот по локално време. Според извештајот од апсењето, Сторц бил вооружен со пушка и испукал повеќе куршуми кон полицајците од неговиот дом, при што убил двајца полицајци и едно полициско куче. Полицијата дошла во куќата на Сторц поради пријава за семејно насилство.

Ранети се петмина полицајци и директорот на Управата за вонредни состојби. Идентитетот на убиените полицајци сѐ уште не е соопштен. Гувернерот на Кентаки, Енди Бишер, на Твитер напиша дека округот Флојд претрпел страшна загуба и го повика целиот Кентаки да се моли. „Ова е тешко утро за нашата заедница“, напишал Бишер на Твитер.

Сторц е во притвор по повеќе обвиненија, вклучително и убиство на полицаец и обид за убиство на полицаец. Тој се изјаснил за невин и е задржан со кауција од 10 милиони долари. Американецот се враќа на суд на 11 јули.

Поради салмонела, запрено е производството во најголемата фабрика за чоколади во светот

Производството во најголемата фабрика за чоколади во светот, управувана од швајцарскиот гигант Бери Калебо во белгискиот град Визе, е запрено откако е откриена контаминација со салмонела, соопшти компанијата.

Портпаролот на Бери Калебо изјави за АФП дека производството е запрено во фабриката, која произведува течно чоколадо во серии на големо за 73 клиенти на кондиторски производи.

Засега нема информации дали потрошувачите се заразиле со салмонела, која предизвикува салмонелоза, болест придружена со дијареја и треска.

„Бери Калебо моментално ги контактира сите клиенти кои можеби добиле контаминирани производи. Производството на чоколадо во Визе е суспендирано до понатамошно известување“, додаде Ворлоп, објаснувајќи како компанијата контактирала со сите свои клиенти и ги замолила да не испраќаат производи направени со чоколадо, направена од 25 јуни во фабриката Wieze, лоцирана во Фландрија, северозападно од Брисел.

Известена е и белгиската агенција за безбедност на храна AFSCA, а портпаролот изјави за AFP дека е покрената истрага.

Фабриката „Визе“ не произведува чоколадо за директна продажба на потрошувачите, туку продава суровини за понатамошна обработка на компаниите од таа индустрија, а тие сметаат дека контаминираните производи на нивните клиенти сѐ уште не стигнале до полиците на продавниците.

Бери Калебо продава какао и чоколадо на голем број познати производители на слатки во светот, како Херши, Монделез, Нестле и Унилевер.

Инаку, годишната продажба на Barry Callebaut лани изнесувала 2,2 милиони тони, а во тој период оствариле нето добивка од 384,5 милиони швајцарски франци, со промет од 7,2 милијарди франци. Групата вработува повеќе од 13 илјади луѓе и има повеќе од 60 производствени погони ширум светот.

ЕМА: Новите вакцини против омикрон би можеле да ја зголемат заштитата

Вакцините против коронавирус што ја вклучуваат варијантата омикрон може да ја подобрат заштитата кога се користат како т.н бустер доза, објави Европската агенција за лекови (ЕМА).

По вчерашниот состанок, ЕМА објави дека глобалните регулатори се договориле за клучните принципи за надградба на вакцината против „Ковид-19“ за да одговори на новите варијанти на вирусот.

Додека постоечките вакцини против коронавирус сè уште обезбедуваат добра заштита од хоспитализација и смрт, ефективноста на вакцината е ослабена како што вирусот еволуирал, велат регулаторните власти.

Бивалентната бустер доза значи дека вакцината е направена за новата варијанта на вирусот, како и за оригиналната варијанта на вирусот што предизвикува ковид-19, и како таква може да ја зголеми и прошири заштитата, се вели во соопштението за печатот на ЕМА. Тоа се однесува конкретно на mRNA вакцините. Pfizer и Moderna тестираат верзии на нивните вакцини за да делуваат специјално против омикрон.

Вакцините кои вклучуваат други варијанти, како што е бета варијантата, исто така може да се земат предвид за употреба како засилувачки дози доколку податоците од клиничките испитувања покажат соодветно ниво на неутрализација против омикрон, се вели во соопштението.

Ова е во согласност со упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) дека специфичните бустер дози би можеле да обезбедат заштита од нови варијанти на Ковид-19.

Но, тоа не е во согласност со позицијата на регулаторите во САД. Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) вчера соопшти дека ќе бара вклучување на особено поновите омикронски соеви BA.4 и BA.5, кои предизвикаа пораст на случаите на глобално ниво, во сите нови домашни вакцини.

ЕМА вели дека ќе даде повеќе детали во наредните денови.

притисни ентер