Перински: Oпштините да станат партнери на СОС Детско село

​Oпштините да станат партнери на СОС Детско село, за поголема инклузија на децата без родителска грижа.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, по повод 5.септември, Меѓународниот ден на донаторството, го посети СОС Детското село, кое под мотото „Ниедно дете не треба да расте само“, веќе 20 години обезбедува грижа и поддршка на децата без родителска грижа и на оние кои се изложени на ризик да ја загубат грижата од своите семејства. На неформалната средба, министерот со претставниците на СОС Детското село разговараше за тековните активности на организацијата, за предизвиците со кои се соочува, како и за можностите за развивање на социјални услуги во заедницата за подобрување на квалитетот на секојдневието и инклузијата на децата без родителска грижа.

Од организацијата посочија дека со цел да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво, неопходно е да се создаде еден вид трипартитна коалиција помеѓу општините, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, како би постигнале побрз и поголем напредок во своето делување.

Министерот Перински изрази безрезервна поддршка на мисијата на организацијата и даде уверување дека на него можат да сметаат како на нов стратешки партнер кој во рамки на своите ингеренции ќе помогне СОС Детско село да делува и во пошироки рамки.

„Како човек и како министер ќе се заложам вашата благородна мисија да ја почувствуваат сите деца на кои им е потребна поддршка, таа да се прошири во сите региони. Со оглед на мојата комуникација со сите плански региони и општини, ќе иницирам општините секоја во рамки на своите можности и расположливи средства и ресурси, да изгради партнерски односи со вас и да ви помогне согласно мапираните потреби. Верувам дека градоначалниците ќе ја препознаат и несомнено ќе ја поддржат важноста на вашата мисија, а тие со тоа ќе станат општествено одговорни и ќе помогнат на најранливата категорија во општеството“, истакна министерот на средбата и се согласи дека неопходно е продолжување на социјалните реформи, како и на процесот на деинституционализацијата на системот на социјална заштита.

„Процесите мора да продолжат. Само со заедничка соработка и вклучување на сите засегнати страни во креирање, унапредување и спроведување на регулативата и јавните политики, можеме да очекуваме одржливи и достапни социјални услуги за граѓаните во социјален ризик “, посочија од СОС Детското село.

Во моментов, СОС Детско село, спроведува лиценцирани социјални услуги, поддржува 74 згрижувачки семејства во кои се згрижени 142 деца, а својата мисија, меѓудругото, ја остварува и преку Центар на згрижувачки семејства, покривајќи ја територијата на три плански региона, скопски, вардарски и југоисточен регион. СОС Детско Село имплементира проект за вклучување на младите на пазарот на трудот и обезбедување на долгорочно вработување во којшто Општините Гази Баба, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Тетово и Штип се јавуваат како стратешки партнер.

На средбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, која што посочија од СОС Детско село, е пример како една локална самоуправа може да делува во зајакнување и унапредување на капацитетите и делувањето на организацијата.

„Ме радува иницијативата и заложбата на министерот Перински да помогне да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво. Познавајќи го и лично, верувам дека зборовите ќе ги преточи во дела“, истакна градоначалникот Стефковски, кој е долгогодишен соработник и поддржувач на СОС Детското село.

При посетата, дечињата добија мали изненадувања, а тие за возврат на министерот и градоначалникот им подарија благодарница и кретивни изработки.

Мета ги забрани руските државни медиуми на своите платформи

Американската групација Мета, која ги поседува Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram) и ВацАп (WhatsApp), соопшти дека им забранува на руските државни медиуми пристап до тие платформи ширум светот, „за да се избегне странско мешање“.

- По внимателно разгледување, ја проширивме нашата акција против руските државни медиуми, се наведува во соопштението од Мета.

Одлуката за забрана е донесена откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела ги осуди дестабилизирачките активности на рускиот медиум „Раша тудеј“ (Russia Today)./МИА

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре е пријавувањето во вториот рок за упис во прва година додипломски студии за учебната 2024/2025 година.

По првиот уписен рок на 29 и 30 август, слободни места има на речиси сите факултети во состав на Скопскиот универзитет.

Според информациите од УКИМ, на Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, додека на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, а 110 за редовни студенти со школарина.

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, а за тие што ќе ги кофинансираат студиите слободни се 99 места.

На ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) за редовни студенти во државна квота има 59 места, од кои најмногу (41) на насоката компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина на ФИНКИ има 254 слободни места.

За редовни студенти на Машинскиот факултет за вториот уписен рок има 452 места, на Технолошко-металуршкиот факултет 238, на Природно-математичкиот факултет за редовни студенти во државна квота слободни се 418 места, за студенти во приватна квота 324 места, а за вонредни студенти 103 места.

На Економскиот факултет нема слободни места за студенти кои се финансираат од буџетот на РМ, додека за редовни студенти со школарина слободни се 89 места и 49 за вонредни. На Правниот факултет „Јустинијан Први“ има 100 слободни места во државната квора, за студенти со школарина 323 и за вонредни студенти слободни се 49 места.

На Филозофскиот факултет слободни има 592, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ околу 300 места за сите насоки, за редовни и за вонредни студенти. На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ за редовни студенти во државна квота се слободни 96 места, за студенти со школарина 150, додека за вонредни студенти во вториот уписен рок има 46 места.

На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје нема слободни места за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, а за редовни со кофинансирање има 73 места и за вонредни 98 места.

- Само девет места се слободни на Медицинскиот факултет за студенти кои се финансираат од Буџетот на РМ, додека за редовни студенти со школарина се слободни 106 места, а за вонредни 92 места. На Фармацевтскиот факултет се слободни 71 место, додека на Стоматолошкиот факултет само 13 места, соопшти УКИМ.

На Факултетот за земјоделски науки и храна има 292 слободни места за редовни студенти во државна квота, 120 за студенти со школарина и 83 за вонредни студенти. На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ се слободни 161 место, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер има 57 места и на Факултетот за ветеринарна медицина слободни се 52 места.

- Само едно место е слободно на Факултетот за драмски уметности, додека на Факултетот за ликовна уметност само седум места. На Факултетот за музичка уметност се слободни вкупно 141 место за вториот уписен рок на прв циклус студии, од кои 52 за студенти во државна квота, а 89 за студенти во приватна квота, информира УКИМ на чија веб-страница www.ukim.edu.mk има повеќе информации за уписот на додипломски студии.

Во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина

Во Брисел денеска ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.

На средбата во Брисел ќе се разговара за напредокот во имплементацијата на Охридскиот договор и други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, изјави портпаролот на Европската унија, Петер Стано.

Според информациите од дипломатски извори, меѓу темите што Белград ги предложи да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар, како и формирањето на Заедницата на српските општини./МИА

притисни ентер