Пендаровски се обрати на доделувањето на Светската награда за хуманизам на Охридската Академија

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на онлајн настанот на доделување на Светската награда за хуманизам за 2021 годнина, на истакнатиот филозоф од Босна и Херцеговина, академик Абдулах Шарчевиќ.

Светската награда за хуманизам е признание коешто го доделува Охридската Академија на хуманизмот, на истакнати личности од доменот на културата, уметноста, книжевноста и општествениот живот. Годинава признанието се доделува по 15-ти пат.

Почитувани членови на Охридската Академија на хуманизмот,

Почитуван академик Абдулах Шарчевиќ,

Драги пријатели,

Ви благодарам на можноста и на честа да ви се обратам по повод доделувањето на Светската награда за хуманизам која годинава по 15-ти пат ја доделува Охридската Академија на хуманизмот. Овогодинешното доделување на наградата, токму на големиот христијански празник Богојавление - Водици, има особена симболика и значење за нас. Таа симболика е дополнително засилена со фактот што на денешен ден се навршуваат 30 години од основањето на Охридската Академија на хуманизмот.

Низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската Академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на Свети Климент Охридски и на неговата надалеку чуена Охридска книжевна школа.

Надвор од секакво сомнение е дека меѓу мноштвото активности на Академијата особено значајно место зазема доделувањето на светската награда за хуманизам. Востановена во 2007-та, наградата се доделува секоја година на светски познати уметници, интелектуалци, истакнати имиња, но, пред се, на посветени хуманисти. Кон долгата листа импозантни имиња на лауреати, годинава се придружува и името на академикот од Босна и Херцеговина, почитуваниот господин, Абдулах Шарчевиќ, несомнено еден од најзначајните филозофи во нашиот регион, признат и познат многу подалеку од неговите граници.

Посебен, и за нас значаен куриозитет е податокот дека академик Шарчевиќ почетоците на својата научна кариера ги имал на Филозофскиот факултет во Скопје, во втората половина од педесетите години на минатиот век. Се надевам дека и по добивањето на ова престижно признание, личните и професионалните контакти кои професорот Шарчевиќ одамна ги има изградено со Македонија само ќе добијат на интензитет.

Академик Георги Старделов кој, за жал, пред само некој ден не напушти, преселувајќи се во вечноста на човековото паметење, оставајќи неизбришлива трага во македонската култура и општествена мисла, за годинешниот добитник на светската награда за хуманизам, не без причина, напиша: „неговото филозофско дело ни дава една храбра и навистина сеопфатна дијагноза на нашето време и во него: на нашата цивилизација, на нашата културна историја, на нашето општество во кое опстојуваме; сеопфатна анализа за тоа што се случува со човекот денес во 21 век, во векот на неговото отуѓување од сето човечко и човечно".

Со пандемијата која ги загрози нашите животи и нашето здравје, ни го промени секојдневието и буквално го промени ликот на целото човештво, за жал, само уште повеќе се зголеми човековата отуѓеност, правејќи не ранливи, осамени и затворени во себеси. Имено, во вакви времиња ни е и тоа како потребна хуманоста, солидарноста и взаемната почит. Да го победиме Ковид-19 и да се вратиме во нормалното секојдневие, но и да ја афирмираме и повторно актуализираме духовноста и културата. Накусо, да ја вратиме човечноста на човештвото.

Почитувани пријатели,

Се надевам дека набргу ќе можеме сите да се собереме во древниот Охрид и непосредно да комуницираме, како некогаш.

На Охридската академија на хуманизмот и го честитам јубилејот, на академик Абдулах Шарчевиќ му честитам на наградата и му посакувам што побрзо да дојде во посета на нашата земја, поточно, на неговата и наша, заедничка земја.

На крајот од моето кусо обраќање, дозволете да ви посакам добро здравје и радост на сите во 2021-та.

Хамас повикува на ескалација на сите фронтови

Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, повика на ескалација на сите фронтови во телевизиски говор по повод 200 дена од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.

Во видеото објавено синоќа од Ал Џезира, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со дронови и ракети „поставуваат нови правила, повлекоа важни паралели и ги збунија непријателот и оние што стојат зад него“.

Тој повика и на ескалација на Западниот Брег и во Јордан, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.

- Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас, рече тој.

Абу Убаида рече дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, односно бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Газа и да ја укине блокадата.

Во меѓувреме, Израел вчера ги засили нападите низ Појасот Газа, рекоа жителите, додавајќи дека тоа било едно од најлошите гранатирања во последните неколку недели. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

Во објава на X, портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа да се преселат во засолништа во две одредени области.

Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.

Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови./МИА

Хезболах истрела неколку десетици ракети кон Израел

Либанското исламистичко движење Хезболах синоќа соопшти дека истрелало десетици ракети врз северен Израел како одговор на смртта на двајца цивили во јужен Либан, во напад за кој е обвинет Израел.

Борците на Хезболах истрелаа „десетици ракети Катјуша“ врз северен Израел „како одговор на нападите на израелскиот непријател врз домовите на цивилите, особено за масакрот во Ханин и смртта на цивили“, се вели во соопштението на проиранското шиитско движење.

Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа на 7 октомври, секојдневно има размена на оган меѓу израелската армија и Хезболах, кој тврди дека го поддржува палестинското исламистичко движење.

Проиранскиот Хезболах, кој има арсенал ракети и прецизни проектили, гаѓа израелски воени позиции и локации во близина на границата, а Израел реагира со бомбардирање цели на либанска територија, претежно на југ, вклучително и целни напади врз припадници на Хезболах и Хамас. /МИА

Во Кавадарци отворени гласачките места, се гласа за претседател на државата

 Во Кавадарци утрово навремено беа отворени гласачките места, се гласа за претседател на државата, информираше претседателката на Општинската изборна комисија, Емилија Петровска. 

- Малку проблеми пак со убиг апаратите. Но, со помош на ИТ лицата, се е ставено во ред, нагласи таа за МИА.

Петровска потсети дека за вчерашниот ден, за гласање беа пријавени 110 болни и немоќни лица во домашни услови и 14 штитеници во Дом за вонсемејна грижа „Др.Јанески" во кавадаречкото село Чемерско.

- Согласно на законот, тие лица гласаа вчера, ден пред изборите за претседател на државата денеска. Во избирачкиот список за општина Кавадарци се евидентирани вкупно 31.868 гласачи, соопшти Петровска.

Таа појасни дека немаа пријавено лица од оваа општина што издржуваат казна затвор, а кои исто така можеа да гласаат во текот на вчерашниот ден.

притисни ентер