Пендаровски: Решението на политички и историски спорови не лежи во идеологиите од 19-от век

Нашиот регион се уште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесетите години на минатиот век. 

Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација, порача претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на Генералното Собрание на ОН.

– Како мала држава во југоисточна Европа, внесовме дополнителна стабилност во регионот решавајќи, со посредство на ОН, еден комплексен спор со нашиот сосед Грција. Сега договореното го спроведуваме во добра верба, од што корист ќе имаат и нашите две држави, но и регионот во целина. Истовремено, подготвени сме, сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти, за што значаен пример е Договорот за добрососедство и соработка со нашиот сосед Република Бугарија, истакна Пендаровски во видео-пораката на Генералната дебата на 75-та сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, што годинава поради пандемијата од КОВИД-19, се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.

Пендаровски потенцира дека наместо постојниот статичен поредок настанат по Втората светска војна, потребен ни е функционален и динамичен систем на споделени правила и принципи во кои веруваме, прилагодени на новото време, нагласувајќи дека 2020-тата треба да биде пресвртна година за сите нас.

– Неопходен ни е нов модел на активен, инклузивен мултилатерализам, препознатлив по солидарноста меѓу нациите и хуманоста меѓу луѓето. Во овој контекст, една од големите задачи на Обединетите нации е да ни помогнат да го задржиме фокусот и да ја држиме будна колективната свест и совест за глобалното добро,

Пендаровски нагласи дека оваа 2020-та година е несомнено една од најтешките години која ја живее човештвото во поновата историја, при што пандемијата за само неколку месеци, освен што однесе безмалку еден милион човечки животи, остави длабоки последици во речиси секоја сфера од нашето живеење, за што ќе ни бидат потребни години додека целосно закрепнеме.

– КОВИД-19 предизвика тектонски промени во поредокот кој го знаеме, но, ни овозможи и реален увид во националните капацитети на јавното здравје за справување со кризи од планетарни димензии. КОВИД-19 е само уште една во целиот спектар од кризи со кои се соочуваме како човештво и ниту една од нив не е целосно изолирана од другите. Здравствената криза е истовремено и економска и социјална бидејќи предизвикува сиромаштија, а, сиромаштијата е плодна почва за екстремизам и конфликти, истакна Пендаровски.

Тој порача дела конфликтите ги загрозуваат човековите права и слободи и предизвикуваат хуманитарни катастрофи и бегалски бранови, а овој вител на кризи и закани генерира страв, неизвесност и недоверба и ги поларизира односите меѓу државите, но, и внатре во државите, и конечно, го поткопува мултилатерализмот, кој денес ни е повеќе од потребен.

– Кога се во прашање нашите заеднички цели, дозволете ми да потсетам на зборовите на поранешниот Генерален секретар Даг Хамаршелд кој рече: Целите на Повелбата се израз на универзално споделени идеали што не можат да потфрлат; но, ние, луѓето, можеме да потфрлиме во нивното исполнување. Со други зборови, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки тоа ќе и го дозволат. Затоа, за да го пребродиме овој период неопходна ни е солидарност меѓу државите што нема да се рефлектира само на здравствен план. Мора да бидеме солидарни и во поглед на иднината која треба заеднички да ја изградиме, додаде шефот на државата.

Тој нагласи дека трагедијата предизвикана од КОВИД-19 не би смеела да се користи за кревање на геополитички тензии и зајакнување на геополитичкиот натпревар меѓу големите сили.

– Науката мора да остане настрана од логиката на профитот, но, и од разорното дејство на пропагандата и дезинформациите. Политиките фокусирани на брзи резултати секогаш имаат краткорочен ефект. Ако кризите ги третираме изолирано една од друга, само ќе ги ублажуваме симптомите без да го излечиме човештвото. Затоа е неопходен интегрален пристап, рече Пендаровски во обраќањето.

Според него, пандемијата е можност и за преструктурирање на економиите, технологиите и начинот на живот, во согласност со принципите на одржливиот развој.

– Сиромаштијата нема да ја искорениме само со краткорочна финансиска помош за најсиромашните, туку, преку системско оспособување на тие луѓе да имаат достоинствен живот и еднакви можности да работат, да заработат, да формираат семејства. Ако постапиме спротивно на ова, јазот меѓу сиромашните и богатите ќе се продлабочува, а нееднаквоста ќе продолжи да се пренесува од една генерација на друга, додаде македонскиот претседател.

Тој потенцира дека надоаѓа и нова генерација на нееднаквости поврзани со образованието, технологијата и климатските промени, што сигурно ќе предизвика нови, големи поделби во општествата, што ќе биде видлеиво кај младите.

– Додека едни, разочарани од бесперспективноста, ги напуштаат своите држави, други бегаат кон инстантни задоволства и површни вредности. Државите-членки мора да продолжат да се залагаат за универзално образование за сите, бидејќи токму образованието е најмоќниот гарант на човековите права и слободи, истакна Пендаровски.

Тој потенцира и дека 25-годишнината од Светската конференција за жени, не потсетува дека е нужно да продолжиме да работиме на намалување на нееднаквоста меѓу мажите и жените што е се уште реалност на многу места во светот, додавајќи дека „треба да ја јакнеме во континуитет толеранцијата кон различните животни стилови и да ги штитиме овие групи од, за жал, широко присутното насилство врз нив".

– Нашиот економски и техничко-технолошки развој мора да стане климатски неутрален. При тоа, треба да се фокусираме на развој и поддршка на иновативните еколошки пристапи и одржливи развојни стратегии. За жал, за да ги санираат економските штети од пандемијата, многу влади и компании веќе прават компромиси на сметка на еколошката и климатска агенда. Со тоа само го штитат неодржливиот економски модел на развој втемелен врз фосилните горива и користење на недоволно платена работна сила. Ако се надеваме дека новите технологии можат и понатаму да бидат придружувани од нашите стари навики, само ќе ја влошуваме состојбата. Мора да учиме, да стекнуваме нови, одржливи навики што ќе бидат адекватни на новите технологии, додаде Пендаровски..

Тој во обраќањето нагласи дека на сите ни е јасно оти времето за акција е многу кратко и остануваат само уште 10 години за реализација на амбициозната Агенда 2030.

– И пред пандемијата имавме потешкотии да имплементираме некои од нејзините клучни цели. А сега, за нивна реализација мора истовремено да ги ублажиме и економските и социјални последици од пандемијата која сеуште трае. За да победиме во оваа трка со времето, наместо половични мерки што само ги одлагаат последиците, потребни се храбри и долгорочни солуции за кои е јасно дека ќе ги надживеат владите што ги донеле, нагласи шефот на државата.

Според Пендаровски, промоцијата на мирот и превенцијата на конфликти, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и со принципите на меѓународното право, немаат алтернатива, пшосебно во услови кога тероризмот и насилниот екстремизам се закани за сите нас.

– Република Северна Македонија се приклучува кон повикот на Генералниот секретар за глобално примирје и целосно почитување на меѓународното хуманитарно право во овие вонредни околности. Мојата земја, во рамки на своите можностите, е активен учесник во мировните мисии на ОН, но и во рамките на регионалните организации како ОБСЕ, Европската Унија и во мисиите на Северноатлантската алијанса. Во овој контекст, ги поддржуваме напорите за нов договор за контрола на нуклеарното вооружување и сметаме дека настојувањето на нашите стратешки партнери во него да се вклучат и новите нуклеарни сили е важен придонес кон поголема ефикасност во спречување на нова трка за вооружување, потенцира Пендаровски.

Според него, многу е важно инвестициите да не се сведат на вложување само во економиите.

– Демократијата, за која по крајот на Студената војна бевме уверени дека нема реална алтернатива, денеска е под жесток напад на популистички и авторитарни тенденции. Доколку сакаме да ја задржиме моралната супериорност на демократијата во однос на другите модели на политичко управување, мораме да инвестираме во неа, особено меѓу младите генерации. Во таа смисла, еден од фундаменталните предизвици пред нас е да вложуваме во едукацијата за демократските вредности за да ги потиснеме разбудените радикални идеологии, како неофашизмот, ултранационализмот и расизмот. Тоа е задача за државите и формалното образование, но, не помалку и за системот на неформалното образование, како и за граѓанското општество, додаде Пендаровски.

Според него, предуслови за да се постигнат поставените цели се ефективна меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни Обединетите нации, реформирани и прилагодени на новата реалност.

– Со сите свои недостатоци, оваа организација останува единствената вистински глобална, неутрална и легитимна платформа за соработка. Во однос на потребата за нејзина темелна реформа, предизвиците пред кои сме сите исправени можат да се решат само со повеќе, не со помалку мултилатерализам, кој освен владите и државите ќе го вклучува и приватниот сектор, меѓународните владини и невладини организации, академските установи и здруженијата на младите, жените и маргинализираните, кои со право бараат вистина, правда и еднаквост, рече Пендаровски.

Тој порача дека во духот на мултилатерализмот, Македонија ќе продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ја поддржува работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции во креирање и спроведување на јавни политики за прашања од глобално значење.

– Од нашите одлуки денес, во екот на пандемијата, зависи како ќе изгледа нашиот свет, по пандемијата. Ова е ретка можност, поддржувајќи ја светската организација и поддржувајќи се меѓу себе, да направиме чекори кон создавање помирен и поправеден свет во кој ќе биде обновена вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човековото достоинство. Јасно е дека само ако вложуваме во Обединетите нации ќе успееме да изградиме подобар свет и за сегашните и за идните генерации, истакна претседателот Пендаровски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

Доктор специјалист од Општата болница Куманово починал од корона

 Драган Тасевски, доктор специјалист вработен на хируршкото одделение во Општата болница Куманово, почина од коронавирус.

Докторот добил позитивен тест пред десет дена, а откако состојбата му се влошила бил лекуван на Инфективната клиника во Скопје.

Куманово е жариште на коронавирусот од почетокот на пандемијата. Досега во Центарот за јавно здравје во Куманово, под кои спаѓаат и Липково и Старо Нагоричане, регистрирани се 1.998 заболени од коронавирус, а активни се 233.

„Талир": Јанакиевски и Божиновски од сопственикот на ,Урбан Инвест" барале 15.000 евра

Сопственикот на кавадаречката компанија „Урбан инвест", Јован Грков, во своето денешно сведочење во случајот „Талир" изјави дека лично од обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски пред избори добил наредба да даде 15 илјади евра.

Сведокот Грков при својот исказ пред Судот уште потврди дека добивал тендери за градежни активности од Град Скопје и од други општини.

На прашање на обвинителката Ленче Ристоска дали некој од ВМРО-ДПМНЕ барал пари од него, односно од фирмата, приговараа адвокатите на сите обвинети дека прашањето е наведувачко, па прашањето беше преформулирано.

– Некаде пред изборите добив СМС порака од Марјан, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар. Ми пиша дека треба да отидам во Владата. Во посоченото време отидов, ми кажаа пред која канцеларија да отидам. Почекав, ме викнаа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Состанокот траеше кратко, ми рекоа имам обврска да дадам 15.000 евра. Ми рекоа на лицето Марјан да му ги предадам. Не ми кажаа зошто треба да ги дадам парите. По неколку дена му ги дадов тие 15.000 евра на Марјан. Му ги дадов на рака. Потврда, документ не добив од Марјан за парите што ги дадов, одговараше сведокот на прашања на Ристоска.

Грков по овој одговор беше прашан и дали се спротиставил на ова барање, на што тој одговори со ,,не” и образложи дека знаел оти мора да го исполни барањето.

Потоа настапија адвокатите на обвинетите со вкрстени прашања за потребите на одбраната.

Инаку, денешното судско рочиште за случајот „Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење пет милиони евра, почна со казна за адвокатот Донче Наков од 500 евра од страна на судијата за организиран криминал Осман Шабани. Минатото судење за овој случај беше одложенп затоа што претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот портпарол Наум Стоилковски не дојде, оти, како што го оправда адвокатот Наков, се разболел.

– Адвокатот кажа дека ќе достави медицинска потврда до Судот како доказ за тоа што му го кажал претпоставувам клиентот – претставник на партијата. Наков тоа до денеска не го стори, а јас кажав на минатото рочиште дека давам наредба за негово полициско спроведување ако до Судот не донесете документаија. Поради тоа и претставникот беше приведен. Судот го казнува адвокатот Донче Наков со парична казна од 500 евра во денарска противвредност, соопшти судијата Шабани.

Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари поранешниот партиски лидер и премиер Никола Груевски за „злоупотреба на службената положба и овластување" и за „перење пари и други приноси од казниво дело". Бидејќи Груевски е во бегство во Унгарија, му се суди во отсуство.

За истите две кривични дела, казниви со затвор, се осомничени и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

Во истиот процес Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за „перење пари и други приноси. За ова дело беше обвинета и Елизабета Чингаровска, која ја призна вина. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, како правно лице, исто така е обвинета за „перење пари и други приноси"./МИА.

Голем помор на риби кај производители на крап на Тиквешко Езеро

Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. 

Голем помор на риби кај производители на крап, се случува во моментот на Тиквешко Езеро, почнувајќи од вчерашните утрински часови, а се уште трае, алармираат производители на крап. Велат дека во моментов на удар се две од најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап" и „Дошница".

– Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се` уште неповолен, велат од „Златен крап".

Според нив, забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот.

– Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L. Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата, велат засегнатите.

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор, велат, до моментов се случува само во овој дел.

– Досега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70 проценти од производството на сите производители. Со случајот се запознати челниците на Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден, направен е увид од ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи, информираат засегнатите од поморот на риби на Тиквешко Езеро.

притисни ентер