Пендаровски по повод годишнината од ,,Кристалната ноќ”: Холокаустот не се случи неочекувано и преку ноќ

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на одбележување на 81 годишнината од нацистичкиот погром против Евреите,  „Кристална ноќ", во знак на сеќавање, но и потсетување за придонесот на храбрите граѓани кои спасувале Евреи за време на војната.  

Во продолжение обраќањето на претседателот Пендаровски:

,,Вообичаено ние ги одбележуваме крупните годишнини од настаните. На пример, годинава се навршуваат 30 години од падот на Берлинскиот ѕид и 75 години од истоварувањето во Нормандија. Но, постојат и трагични настани на кои треба да се потсетуваме секоја година за да не ни се повторат. Затоа Институтот за духовно и културно наследство на Албанците денеска ја одбележува 81-та годишнина од „Кристалната ноќ".

Поради историска иронија, 9 ноември е истовремено еден од најсветлите и најтемните датуми за Германија и за Европа. На овој ден е прогласена Вајмарската Република, но и извршен неуспешниот пуч на Хитлер. И, ако на 9 ноември 1922 година Германија се гордеела со Ајнштајновата Нобелова награда, веќе на истиот датум во 1938 година нацистичкиот режим организирал погром врз Евреите познат како „Кристална ноќ".

За време на овој исцениран погром повеќе од 100 луѓе биле убиени, повеќе од 30 000 луѓе биле уапсени и одведени во концентрациони логори само затоа што биле Евреи. Во текот на неколку дена била направена огромна материјална штета. Стотици синагоги биле уништени, илјадници еврејски домови и продавници биле ограбени. Евреите не само што не биле обесштетени туку преку една правна пародија морале да ѝ платат оштета на истата држава што го оркестрирала погромот против нив. Освен физичката, Евреите биле изложени и на психичка тортура. Сведоштвата зборуваат за рабини кои биле принудувани јавно да читаат антиеврејски извадоци од Хитлеровата „Mein Kampf", деца кои биле терани да цртаат антисемитски графити на нивните куќи, врвни оперски пејачи ‒ Евреи кои под нишан морале да пеат нацистички песни.

Овој организиран погром послужил како повод за воведување нови неправедни, античовечки закони чија цел била систематско исклучување на Евреите од сите сфери на јавниот живот во нацистичка Германија. На Евреите им биле одземени повеќето граѓански, политички и економски права и слободи. Им било забрането да работат во јавната администрација и да поседуваат сопствени бизниси. Учениците, студентите и професорите биле исклучени од државните училишта и универзитети. Влезот во музеите, галериите, театрите, спортските терени им бил строго забранет. Практично станало нелегално да се биде Евреин во Хитлеровиот рајх.

„Кристалната ноќ" е мрачна увертира кон холокаустот од која мора да извлечеме неколку лекции.

Прво, неконтролираната политичка моќ во едно општество со латентни предрасуди може да има трагични последици. Холокаустот не се случи неочекувано и преку ноќ. На најужасниот настан во модерната човекова историја му претходеа лагите кои го негираа вроденото човечко достоинство на Евреите. Антисемитизмот, како и другите современи форми на расизам и ксенофобија се закана за слободата, човечноста и достоинството на различноста. Мора да се бориме за вистинскиот баланс меѓу гарантирањето на слободата на говорот и борбата против говорот на омраза.

Второ, не е доволно само да бидеш свесен дека се случува за неправдата, потребно е да се грижиш доволно за да преземеш нешто во врска со тоа. И покрај нацистичката цензура, Европа и светот дознале за погромот. „Кристалната ноќ" била еден вид лакмусов тест за подготвеноста на слободното човештво да застане на страна на обесправените и прогонетите. Ретко кој се осмелувал јавно да се спротивстави. Холокаустот покажа дека нема ништо поубиствено за човековите права од неодлучноста и рамнодушноста. Цената за таа рамнодушност ја платија шест милиони Евреи, меѓу кои беа и 98% од македонските Евреи кои фашистичкиот окупатор на нашата земја ги депортираше во логорот на смртта во Треблинка. Овој ужасен процент е најефективно извршување на „последното решение на Еврејското прашање" во согласност со монструозните заклучоци од Ванзенската конференција од 20 јануари 1942 година.

Трето, научниот прогрес, уметноста и образованието сами по себе не се гаранција против злото. „Кристалната ноќ" и холокаустот се случија пред помалку од еден век, и тоа во срцето на просветителска и рационалистичка Европа од која произлегоа некои од најголемите цивилизациски дострели на сите времиња. Од 15-те учесници на Ванзенската конференција, дури осуммина имале докторати. Со монструозна ладнокрвност тие се обидувале да го утврдат најефективниот начин како да уништат 11 милиони луѓе од окупираната Европа. Единствената вистинска гаранција е исправен однос кон вроденото и неотуѓиво достоинство на човечката личност.

Две нешта ги спречија плановите за целосно уништување на Евреите. Прво, поразот на нацизмот и крајот на војната. Второ, праведниците меѓу народите. Меѓу илјадниците храбри поединци запишани во Јад Вашем стојат и имињата на 10 македонски граѓани кои во услови на фашистичка окупација се осмелиле да спасуваат Евреи. Меѓу друготo, благодарение и на нив, денеска во Северна Македонија сè уште има Еврејска заедница која е нераскинлив дел од нашето мултиетничко и мултирелигиско општество и мост на пријателство и соработка со Државата Израел.

Во едно слободно општество секој има право да зборува за секоја тема. Но, тешко е да се зборува за холокаустот на Евреите без Еврејската заедница и без Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи, кои имаат целосен морален легитимитет и авторитет да зборуваат и да бидат чуени. Впрочем, тоа е нивната основна цел и уникатна мисија во Северна Македонија - да нè потсетуваат за да не дозволиме да се повтори.

Случајно или не, приказната за 9 ноември не завршува со „Кристалната ноќ". Половина век подоцна, во 1989 година, германските граѓани го избраа токму 9 ноември за да го започнат рушењето на Берлинскиот ѕид како тоталитарен симбол на поделената Европа. Борбата за човековите права и слободи, за демократските и европски вредности, ја промени судбината и иднината на нашиот европски континент. Наместо врз националистичката парадигма што доведе до двете светски војни, Европската Унија се гради врз основа на космополитска парадигма на европските граѓани. И, токму затоа, местото на Република Северна Македонија и на целиот регион е во неа, рече претседателот Пендаровски во обраќањето во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

Седумгодишно дете почина во САД од коронавирус , а немал никакви болести

Седумгодишно момче , болно од ковид - 19 години е најмладиот пациент , која починал од оваа болест во американската држава Џорџија од почетокот на пандемијата на коронавирус.

Малиот Афроамериканец немал други здравствени проблеми според податоците објавени од таа држава.

Случајот е од округот Четам, кој го вклучува градот Савана, соопшти Министерството за јавно здравје на државата Џорџија.

Веста за неговата смрт дојде во време кога владата расправа низ целата земја за почетокот на учебната година и за ризикот од инфекција или ширење на вирусот со кои се соочуваат децата. Во извештајот не е наведено каде или кога детето се заразило.

Претходно, најмладиот случај на жртва на коронавирус во државата Џорџија беше 17-годишен Афроамериканец во округот Фултон кој имал и други здравствени проблеми покрај Ковид-19. Според податоците на таа држава, повеќе од 30 лица кои се во дваесеттите години починале од корона вирусот.

Во Џорџија, според последните податоци, од вирусот починале над 4.000 луѓе, а потврдени се и повеќе од 200 000 случаи на инфекции.

Британија верува дека ќе склучи трговски договор со ЕУ

Британскиот министер задолжен за преговорите за Брегзит, Мајкл Гов денеска изјави дека е уверен дека британската влада ќе склучи договор за слободна трговија со ЕУ.

Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари, но клучните елементи на членството остануваат на сила, вклучително и членството во царинската унија и единствениот пазар, за време на преодниот период кој важи до крајот на годината, до кое време треба да се договори нов договор за слободна трговија.

„Убеден сум дека ќе биде постигнат договор, мислам дека има добредојдено менување на тонот во последните неколку недели“, им рече Гоув на новинарите во Портадаун, Северна Ирска.

„Знаците за договор се добри. Сега, се разбира, треба да се прават некои потешки разговори“, рече тој.

Изјавата на Гоув е значително попозитивна од претходните месеци. На пример, во мај, тој побара од Унијата да ја укине блокадата на преговорите.

Прекинот на преговорите ќе ја потресе глобалната трговија во време кога светот се бори со економски колапс заради корона кризата.

Вашингтон воведува санкции против премиерката на Хонг Конг

Вашингтон објави дека воведува санкции за 11 функционери во Хонг Конг, вклучувајќи ја и шефицата на извршната власт, Кери Лам, обвинувајќи ги дека сакаат да ја ограничат автономијата и „слободата на говорот и собирањето“ на неговите жители.

„Соединетите држави ги поддржуваат луѓето во Хонг Конг и ние ќе ги користиме сите средства и овластувања за да ги санкционираме оние што ја ограничуваат неговата автономија“, се вели во изјавата на секретарот за финансии на САД, Стивен Мнучин.

Официјални претставници на Хонг Конг кон кои се воведуваат санкции го вклучуваат шефот на полицијата, секретарот за безбедност и секретарот за правда.

Веста за воведувањето санкции со заплена на средства во американските банки доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу САД и Кина кои сакаат да воспостават построга контрола врз поранешната британска колонија, која треба да има широка автономија од страна на „една земја, два система“до 2047 година.

Актот за национална безбедност, наметнат од Хонг Конг кон крајот на јуни „не само што ја поткопува автономијата на Хонг Конг, туку ги крши и правата на нејзините жители дозволувајќи им на безбедносните служби на копнена Кина да работат целосно неказнети на територијата“, предупредува Министерството за финансии на САД.

Законот, воведен по повеќемесечните протести во 2019 година, кои не се паметат од 1997 година, кога Хонг Конг беше вратен во Кина, про-демократските активисти го нарекуваат правен инструмент за да се задушат сите критики.

притисни ентер