Пендаровски : Бев должен да го дадам мандатот за Влада, Заев се јави и кажа дека преговара за мнозинство

По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека не му побарал на Заев гаранција за обезбедено парламентарно мнозинство.

,,Со Мицкоски до сега сме имале одлична комбинација. Разговаравме за неколку точки. Прво, тие тврдат дека Собранието не е конституирано. Ние имаме спротивен став. Од верификација на мандати почнува броење на 10 дена во која претседателот мора да го даде мандатот. Тој рок според нив не почнал да тече, бидејќи не е избран претседател на Собрание. Во 2006 година не беше избран претседател, а рокот почна да тече и во 2016 година кога претседавачот Вељаноски ги информира Иванов дека Собранието е конституирано. Значи врз основа на консултациите со правници и читање на Уставот се смета дека течат 10 дена по верификација на мандатите.

Најмногу прашања беа за тоа како Заев ме уверил дека има мнозинство. До овој момент 61 пратеник нема ниту еден политички субјект, но Заев рече дека во преговори со повеќе политички партии, дека е на добар пат да обезбеди мнозинство. Јас на Мицкоски му реков дека ќе работи на мнозинство, до денес ниту еден не се јави да ми каже дека има шанси да направи мнозинство, а мене роковите ми течеа и утре на полноќ завршува. Што требаше јас да направам, да го земам мандатот и да го чувам во фиока? Претседателот е должен да го даде мандатот. Кога имате 6 пратенички листи, ниту еден не вели јас сум на добар пат да обезбедам мнозинство. Немам намера да го носам мандатот дома, рече Пендаровски по средбата со Мицкоски.

За одлуката на Мицкоски, неговата партија да ги замрзне односите со претседателот, Пендаровски рече дека негова проценка е оти овој потег е испровоциран од некои внатрешно – партиски причини.

„Нека постапат како сакаат, ова е демократија. Но ако за 20 дена Заев не направи влада ве уверувам дека Мицкоски на истекот од тој рок, ќе дојде од сабајле овде во оваа институција да го бара мандатот иако односите му се замрзнати“, рече Пендаровски

Руски воен репортер загина во Украина

Воениот известувач на рускиот весник „Известија“ Семјон Еремин, загинал во напад на украинско беспилотно летало во југоисточна Украина, објави весникот.

Нападот се случил вчера кога 42-годишниот Еремин и неговата екипа се враќале од снимање од селото Прјутне, во близина на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Украина досега не го коментираше настанот.

Најмалку 15 новинари се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Комитетот за заштита на новинарите, непрофитна организација која се залага за слобода на медиумите ширум светот. /МИА

Леброн: Јокиќ е еден од најдобрите на сите времиња

Првата ѕвезда на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс искажа комплименти за центарот на Деневер, Никола Јокиќ.

Лејкерси ќе се сретнат со Нагетс во 1. коло од плејофот, а дуелот Џејмс – Јокиќ предизвикува големо внимание кај светската кошаркарска јавност.

- Еден од најдобрите досега. Едноставно е таков. Јокиќ може се. Што е најважно, тој го менува начинот на кој неговите соиграчи размислуваат за сопствената игра. Кога некој може да ги инспирира другите да играат на ниво на кое не ни знаеле дека можат, тоа е доказ дека зборуваме за навистина одличен играч, рече Џејмс.

Првата средба во плејоф пресметките меѓу Лос Анџелес лејкерс и Денвер нагетс е закажана за утре. /МИА

Претставничкиот дом на САД треба да гласа за големиот пакет помош за Украина, Израел и Тајван

По неколкумесечно одложување, Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска треба да гласа за големиот пакет помош за Украина, Израел и Тајван, вреден 95 милијарди долари, како и за евентуалната забрана на ТикТок во САД.

Предлог-законите се резултат на повеќемесечни тешки преговори меѓу демократите и републиканците, како и притисокот од сојузниците на САД и постојаните молби за помош од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Законите, сепак, сè уште имаат гласни противници во Конгресот, а надежите за усвојување зависат од кревката двопартиска коалиција која се обидува да ги надмине големите процедурални и законодавни пречки, пренесува Би-Би-Си.

Спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон изјави дека е решен да ги поднесе законите на гласање, и покрај фактот што радикалните републиканци може да побараат негово разрешување.

Предлогот предвидува 60,8 милијарди долари помош за Украина, 26,4 милијарди долари за Израел и 8,1 милијарди долари за индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи го и Тајван.

Претставничкиот дом ќе гласа за секој предлог-закон поединечно, што значи дека некои може да поминат, а некои не.

Претседателот Џо Бајден и демократските пратеници во Конгресот со месеци се залагаат за нов голем пакет оружје за Украина, но републиканците под влијание на нивниот претседателски кандидат Доналд Трамп, ја условуваа помошта.

Со усвојување на законите, исто така, ќе му се овозможи на Бајден да конфискува и продава руски имот, а средствата да ги намени за помош на Украина, потег што беше прифатен и од другите земји од Г7.

Претставничкиот дом ќе ја разгледа и предложената законска одредба со која треба да се принуди ТикТок да се откаже од кинеската матична компанија ByteDance или ќе се соочи со забрана во САД, каде што има околу 170 милиони корисници.

Белата куќа соопшти дека „силно го поддржува“ вкупниот пакет помош и оти Бајден ќе ги потпише законите веднаш штом бидат усвоени од двата дома на Конгресот.

Тоа би можело да се случи за неколку дена, бидејќи лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, вети дека Сенатот со мнозинство од демократите брзо ќе преземе мерки штом бидат усвоени од Претставничкиот дом.

Сепак, политичките аналитичари во САД оценуваат дека усвојувањето на законите во Претставничкиот дом, би можело да го чини спикерот Мајк Џонсон губење на спикерското место. Неколку екстремно десничарски републикански пратеници предупредија дека може да го соборат Џонсон поради поддршката на нацрт-законите. /МИА

притисни ентер