Пеколно жешко во САД и Европа , се очекуваат и над 50 степени

Голем дел од Западна Европа е погодена од топлотен бран, додека жителите бараат олеснување во фонтаните и базените, а властите предупредуваат на здравствени ризици и опасности од пожари.

Од Велика Британија до Италија, температурите од 40 или повеќе степени Целзиусови направија носењето маска да биде неприфатливо за многумина, додека сè повеќе градови бараат задолжително носење маски и на отворено за да го спречат ширењето на коронавирусот.

„Дури и при задушувачка топлина, подобро е да се стави маска на 38 степени отколку да се добие коронавирус“, изјави Даниела Џаниели, педесет и петгодишна вработена во градската управа на Рим.

Четиринаесет италијански градови се под црвен аларм, додека Франција издаде предупредувања за околу една третина од 101 региони.

Властите во Париз воведоа ограничувања во сообраќајот за да го ограничат загадувањето, додека десетици илјади парижани се подготвуваат да отпатуваат во постудените региони, според Националната агенција за мониторинг на сообраќајот.

Претходно во петокот, пожар беше изгаснат во одморалиштето Англет на Атлантикот, откако се запалија десетина куќи, а околу стотина луѓе беа евакуирани.

Пожарот избувна доцна во четвртокот во шумарскиот парк Чиберт во Ангел во југозападна Франција, чии плажи, северно од Бијариц, привлекуваат сурфери од целиот свет.

Тоа е последниот од неколкуте пожари што избувна во јужна и централна Франција оваа недела, започнувајќи ја сезоната на пожари.

„Поради топлотниот бран, државата треба да биде претпазлива и сите треба да бидат претпазливи“, рече премиерот Жан Кастекс за време на посетата на пожарникарите во Бург-ен-Бресе во југоисточна Франција.

Властите предупредуваат дека ситуацијата би можела да се влоши како резултат на сувиот ветер и високите температури.

Поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус, мерката за носење заштитна маска е заострена во неколку градови оваа недела, а некои воведоа задолжително носење маски на отворено, и покрај топлината.

Во Холандија, на посетителите на плажите им било советувано да го избегнуваат одморалиштето „Зандворт“ во близина на Амстердам.

Властите велат дека одморалиштето е пренаселено за да се одржи социјалната дистанца.

„Има многу потивки плажи на нашето крајбрежје и во други води. Ве советувам да ги барате нив“, рече шефот на провинциското безбедносно тело, Маријана Шурманс за холандските медиуми.

Британската канцеларија за метеорологија забележа највисока температура оваа година во петокот.

На лондонскиот аеродром Хитроу, температурата била 35 Целзиусови степени.

Многу жители на Лондон заминаа со возови до Брајтон, на јужниот брег на Англија, додека „Мет“ канцеларијата објави дека пониски температури може да се вратат за викенд.

Највисоки температури се забележани и во Австрија и Бугарија.

Во Виена, температурата беше 37 Целзиусови степени пред летното невреме да донесе олеснување.

Шпанскиот метеоролошки институт предупреди дека топлотниот бран се движи од Африка, со температура од 38 степени Целзиусови во Мадрид и повеќе од 40 степени во некои градови во внатрешноста.

Како што се приближува традиционалниот празник во август, многу Шпанци одат на базени и покрај обврската да носат маска, а помали групи на луѓе може да се најдат на шпанските плажи бидејќи пандемијата го еродира шпанскиот туризам.

Екстремна топлина се регистрира деновиве и во делови од САД, особено во Аризона, Калифорнија и Долината на смртта. На Блискиот исток, температурите се приближија до рекордно ниво. Делови од Ирак, Иран и Кувајт забележаа температура од 53 Целзиусови степени.

Највисоката температура забележана на Блискиот исток била во Кувајт, каде што вчера се измерени 53,1 Целзиусови степени. Највисоката температура досега измерена во Кувајт била 53,9 Целзиусови степени. Метеоролозите најавуваат дека екстремната топлина ќе продолжи и во наредните денови, што значи дека е можно овој рекорд да биде срушен.

Екстремна топлина се регистрира и во југозападниот дел на Соединетите држави. Иако областа е веќе навикната на екстремни температури во текот на летните месеци, во некои делови се забележани рекордни вредности на температурата. Скршен е историски рекорд во Феникс - дури 48 степени Целзиусови се забележани таму во последните денови.

Највисоката температура е измерена во Долината на смртта, дури до 53 Целзиусови степени.

ВМРО-ДПМНЕ:Над 550 студенти не добија платежни картички

Над 550 студенти не добија платежни картички, институциите веднаш да одговорат на приговорите на студентите!

Власта на СДСМ не успеа да се справи со пандемијата создавајќи тотален хаос во државата. Без ни малку срам ги извисија студентите за домашна платежна картичка затоа што дел од нив останаа без денар доделен од Владата. Група од околу 550 студенти на УКИМ кои иако ги исполнуваат критериумите не добиле платежни картички.

Како може МОН во време на најмодерна технологија да нема основен регистар со број на студенти во државата?

Наместо постапката на објавување да биде целосно транспарентна за на списокот да не се најдат некои што не требало да се таму очигледно власта свесно пред избори изврши класичен поткуп.

Власта го крши уставното право сите студентите да имаат еднакви можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на пандемијата. Со тоа Власта докажа дека платежната картичка за купување домашни производи е класичен поткуп. И претходно апелиравме дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови.

Институциите веднаш да одговорат на приговорите на студентите и да им овозможат тоа што го ветуваа пред избори.

Власта предводена од СДСМ свесно со поткупот за жал го поткопува образованието.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Клиниката за неврологија: „Водич за справување со невролошки заболувања во услови на ковид 19“

Со растечкиот број заболени од COVID-19, се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем.

Универзитетската клиника за неврологија изготви Водич за справување со невролошки заболувања во услови на Ковид-19 пандемија, кој содржи стручни препораки и насоки во однос на следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици, и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со Ковид-19. Препораките се направени врз основа на досегашните искуства и известувања од повеќе медицински центри, стручни асоцијации на невролози и мислења од експерти, а во согласност со иницијативaта на Европската академија за неврологија (EAN).

Водичот содржи посебни поглавја во однос на невролошките заболувања и ковид-19, како и генерални препораки за имуносупресивна/имуномодулаторна терапија кај пациенти со невролошки заболувања, како што се пациенти со мултипла склероза, миастенија гравис, невромускулни заболувања и неинфламаторни заболувања на централниот нервен систем.

- Со растечкиот број заболени од COVID-19, се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека ACE-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за SARS CoV-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации. Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од COVID19. Сознанијата за COVID-19 секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на COVID-19 пандемија не е дефинитивен. Се наоѓаме на турбулентен терен со постојани динамични промени кои бараат следење и збогатување на знаењата и токму тоа е основната идеја за изработка на овој краток водич, кој треба да биде рамка во која неврологот со своето знаење и искуство ќе направи процена и ќе донесе одлуки за третман запазувајќи го индивидуализираниот пристап кон секој пациент, се посочува во воведот на овој водич.

Во Софија повторно демонстрантите со шатори го блокираа сообраќајот

Откако полицијата ги отстрани шаторите од клучните раскрсници во Софија во петокот наутро, група демонстранти синоќа повторно поставиле шатори  и го блокирале сообраќајот на најмалку три места.

Овојпат полицијата не ги отстрани шаторите. Главниот инспектор Красимира Стојадинова од управата за внатрешни работи изутринава изјави дека полицијата ќе продолжи да се обидува да ги убеди демонстрантите да ги отстранат блокадите. Никој не е приведен во текот на ноќта.

Претседателот Румен Радев прокоментира на Фејсбук дека Владата ја вклучила полицијата во судир со илјадници демонстранти.

„Подготвеноста да се жртвува социјалниот мир во името на политичкиот опстанок е чин на досега невидена политичка ескалација за време на бугарската транзиција. Кризата на бугарската демократија не може да се реши со репресивни и полициски мерки, може само да се продлабочи“, наведе Радев.

Тој смета дека оставките на Владата и на јавниот обвинител ќе бидат првиот чекор кон враќањето на Бугарија во владеењето на правото и демократијата.

24

притисни ентер