Пецаков: Непринципиелните коалиции во Охрид со 500 дивоградби го создадоа проблемот со УНЕСКО

 Непринципиелните коалиции во Охрид со 500 нови дивоградби, несредување на плажите и депониите го создадоа проблемот со УНЕСКО.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков смета дека во градот мора да се решаваат прашањата поврзани со статусот во УНЕСКО, заштитата на езерото, чистењето на депониите, решавање на статусот и средување на плажите, проблеми на кои, како што рече, изминатите четири години од актуелната локална власт само се надодадени уште околу 500 нови дивоградби.

– Проблемот со УНЕСКО сами си го создадовме, имаше 500 дивоградби само во овие четири години настанати врз основа на непринципиелни коалиции и непринципиелни договори во Советот на Општина Охрид. Но, проблемот со УНЕСКО не е само за дивоградбите туку и низата забелешки за заштитата на Охридското Езеро, Студенчишко Блато, препораки за подигање на еколошката свест каде една од главните забелешки е депонијата во Буково, забележува Пецаков.

Пецаков посочува дека во неговата програма за Охрид има мерки за 365 дена туризам во градот, субвенционирања и надвор од туристичката сезона, како и студија за потенцијалот на Охрид.

Тој вели дека на Охрид му е потребна регионална депонија каде што ќе се носи сметот од Охрид, но дека е потребна помош и од централната власт.

– Плажите во Охрид мора да бидат уредени и од наредното лето мора да бидат спремни за граѓаните, банално беше што во јуни се уриваа, во тек на туристичката сезона ги оставивме неуредени и беа оставени со недоволни услови за граѓаните, а во август се објавува јавен повика за тоа како да изгледаат плажите, што е сосема нелогично, рече Пецаков.

Пецаков забележува дека власта последните четири години не ги решила плажите по однос на концесионерските договори. Сето тоа, според него можело да биде решено во септември, но тоа е последица на лоша одлука на локалната власт.

– На Охрид му е потребен 365 дена туризам. Ние имаме и потенцијал и можности сето тоа да го средиме, во нашата програма се предвидени мерки за зголемување на туристичката сезона како субвенционирање надвор од туристичката сезона, намалување или субвенционирање на сметките за вода, ѓубрарина на хотелите кои ќе работат и ќе понудат пониски цени, и многу други мерки, но една од најбитните е изработка на студија за туризам за да видиме какви потенцијали има градот Охрид и каков туризам можеме да развиваме во следниот период, истакна Пецаков.

Руски боксер со голи раце убил мечка, која смртно го повредила неговиот пријател

Од Русија доаѓаат вести кои делуваат како приказна од хорор филмови.

Илја Медведев, 23-годишен руски боксер, со пријателот ловел риба во Сибир кога ги нападнала мечка. Пријателот Вјечеслав Дудник бил нападнат и убиен од мечката, а потоа се свртела кон Медведев. Боксерот извадил пиштол и пукал, но мечката му го исфрлила од рака. Сепак, Медведев успеал да извади нож и да го избоде животното.

„Имаше крици, а потоа и пукотници. Кога пристигнав, видов дека Вјачеслав е мртов“, рекол рибар кој бил во близина и кој го префрлил Медведев во болница.

Според Дејли Мејл, тој има сериозни повреди и е во критична состојба.

Полициско куче изгризало навивач во Холандија, неговите колеги го нападнаа полицискиот коњ

На синоќешниот натпревар во Лигата одигран во Ротердам помеѓу Феенорд и Унион Берлин, имало жесток судир помеѓу германските навивачи и холандската полиција.

Според германски Билд, претставниците на навивачите тврдат дека конфликтот настанал поради лошата организација. Наводно, имало премал број вработени кои ги прегледувале ковид-потврдитее, а некои скенери биле неисправни.

Потврдите за Ковид се разгледувале многу бавно, што резултирало со голема гужва пред влезот и нервоза кај околу 2400 фанови.

Полицијата во Ротердам известува за настаните сосема поинаку. Велат дека биле цел на група хулигани и се судриле со полицијата. При жестоката тепачка имало повеќе повреди. Еден навивач бил каснат од полициско куче, а хулиганите повредиле полициски коњ. Имено, фрлањето пиротехнички средства го исплашило, па паднал со полицаецот кој го јавал.

Портпаролот на Унион ги поддржал навивачите и тврди дека организацијата била навистина лоша и дека повеќето навивачи целото прво полувреме го поминале во ред пред стадионот. Снимките и сликите, вели, ја потврдуваат крајната бруталност на домашната полиција во пресметката со навивачите.

Позната холивудска актерка е уапсена за време на протестите пред Белата куќа (ВИДЕО)

Полицијата во Вашингтон ја уапси актерката Алиса Милано додека протестирала со група истомисленици пред Белата куќа, барајќи промени на правото на глас.

„Само што бев уапсена додека протестирав и барав од администрацијата на Бајден и Сенатот да го искористат своето право и да го заштитат правото на глас. Застанете со мене и кажете им гласно на Сенатот и Белата куќа дека секој мора да ги има тие права, без разлика каде живеат ", напишала актерката на нејзиниот профил на Инстаграм.

Полицијата прво ја предупредила актерката дека заедно со членовите на здружението People for the American Way мора да се тргне од областа, во спротивно ќе мора да ги уапсат според законот кој забранува собирање толпи и окупирање на улици и тротоари.

Патем, актерката пред протестот објавила дека може да биде уапсена. „Денес ќе ризикувам апсење бидејќи минатата година беа воведени 425 закони кои го ограничуваат правото на глас“, рече Милано во видеото објавено на Твитер. „Затоа ќе барам нашиот претседател да направи се` што е во негова моќ за да ги усвои Законот за слобода на гласот, Законот за правата на глас на Џон Луис и Законот за државност на ДЦ“.

Актерката од порано е позната по својот политички активизам, а во 2019 година зборуваше за своето лично искуство со абортусот во знак на протест против рестриктивните закони, кои ги нарече „напад врз женските тела“.

притисни ентер