Од владејачката партија објавија документи кои наводно, како што тврдат, содржат план за реализација на цела шема за пласирање на лажни анкети и лажни вести. Планот, според СДСМ, предвидувал креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС, какви што веќе се емитувале на јавниот сервис, а дефиниран бил и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа три опозициски и еден од власта.
„ За различни сегменти се ангажирани се различни личности. За лажните анкети и вести освен одговорните од центарот за комуникации задолжен е Владимир Божиновски, меѓу задоклжените е Зоран Ставревски, но и директорот на МТВ Марјан Цветковски. Овој голем скандал опкажува дека лажните анкети се нереални и служат на манипулација, дека се уплашени и потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ. “-Дарко Каевски – Портпарол на СДСМ
На ова експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои најостро ги демантираат обвинувањата од СДСМ за кои најавија и тужба за клевета и фалсификување документи. Велат дека не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес. Посочуваат документите се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.
„ Потписите коишто би требало да стојат зад имињата на фалсификуваниот документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните потписи. Второ, имиња и презимиња на фалсификуваниот документ се или неточни или воопшто не постојат такви лица.Трето, датумот на фалсификуваниот документ е 5 декември 2024 година, осум месеци во иднината. Што значи или се повикуваат на датумот 5 декември 2023 на состанокот на ИК по којшто соопштивме дека Претседателот Христијан Мицкоски ќе го предводи РИШ, или целосно се одлепени од реалноста. “-Наум Стоилковски - ВМРО-ДПМНЕ
По овие обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, се огласи и уредувачкиот колегиум на МТВ и од ИПИС. Јавниот сервис ги отфрла сите неосновани напади за професионалноста и објективното известување, се вели во соопштението. Оттаму апелираат политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис.
„МТВ во никој случај нема да влезе во дневно-политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Јавниот сервис се соочува со неосновани напади за веродостојноста на тоа што се пласира“, се наведува во реакцијата од Уредувачкиот колегиум на МТВ.
Од ИПИС пак најавуваат тужба по обвинувањата на СДСМ. Од таму додаваат дека соработката со МТВ е по примерот на водечките светски медиуми каде се истражува јавното мислење. Тие посочуваат дека ова е договор помеѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии без притоа да биде инволвирана било каква трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице.