Паркингот на Водно за време на викендот го искористиле 636 возила

 Паркингот на Водно изминатиов викенд го искористиле 636 возила, пресметано според бројот на испратени СМС пораки, информираат од Град Скопје.

Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира.

Претходниот викенд паркингот, според СМС пораките, бил искористен од 187 возила или 449 помалку од овој изминат викенд кога временските услови беа поповолни.

Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

Над 7.000 граѓани вакцинирани во штипскиот регионален пункт

Во регионалниот пункт во салата „Јордан Мијалков" во Штип досега се имунизирани над 7.000 граѓани. Само до 12 часот денеска се аплицирани 600 вакцини на кинеската „Синофарм".

Лекарката на регионалниот пункт во Штип, Дијана Коцева Миланова за МИА изјави дека од отворањето на пунктот, но и при имунизацијата на населението во пунктовите на здравствените домови во општините од штипскиот и струмичкиот регион над 10.000 граѓани примиле вакцина.

-Во нашиот пункт досега се пристигнати околу 14.500 вакцини, од кои дел се дистрибуирани и на здравствените домови во штипскиот и струмичкиот регион. Во моментов се имунизираат граѓаните над 60 години, кои имаат добиено порака од „Мој Термин" и се пријавиле на апликацијата на Министерството за здравство. Покрај вработените од штипските основни и средни училишта, од денеска се имунизираат и вработените во училиштата во Пробиштип, а од утре ќе ги вакцинираме и од Кочани, вели Коцева-Миланова.

Таа додаде дека на пунктот се примаат и лицата со хронични болести, како и вработените во останатата критична инфраструктура. Планирано е и денеска да се аплицираат над 1.500 вакцини. Во текот на денот телефонски се јавувале и граѓани над 55 години, кои имаат изразено интерес за вакцинација на апликацијата и како што вели ги информирале дека добиле порака да се имунизираат во петок, со што старосната граница почнува да се спушта.

Владата демантира дека премиерот Заев имал контакти или соработка со Пекер

 Владата денеска како лаги и манипулации ги оквалификува информациите дека премиерот Зоран Заев имал контакти со Седат Пекер.

-Премиерот Заев и неговото семејство немале и немаат никакви средби и соработки со споменатото лице. Категорично ги отфрламе како лаги и манипулации сите вести во кои премиерот Заев и неговото семејство се доведуваат во каква било врска со споменатото лице, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.

Опозицијата деновиве излезе со тврдење дека, Седат Пекер, по кого има меѓународна потерница за трговија со дрога, изјавил оти имал лична средба со Зоран Заев.

За Седат Пекер опозицијата изнесе информации дека бил еден од повеќето криминалци кои добиле македонски пасош со украден идентитет.

Милошоски: По смената на Владата на Заев, на Македонија ќе и се отворат нови можности

 По смената на Владата на Заев, на Македонија ќе и се отворат нови можности и сериозна европска перспектива.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски при денешната посета на Општина Могила на новинарско прашање околу блокадата на Македонија од страна на Бугарија, истакна дека со Зоран Заев на чело на државата нема европска перспектива. Само по смената на оваа Влада ќе има отворање на европскиот пат и на нови можности.

-Според ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев е политичар на кој што не може да му се верува бидејќи тој се колнеше и во сопствените деца дека нема да го смени Уставот и името, па потоа видовме што се случи. Денес се колне во идентитетот и јазикот и не е за верување затоа што сметаме дека неговиот план е да ги стави на трговија етногенезата на македонскиот јазик и етногенезата на македонскиот народ. А тоа е погубно, затоа што народ и јазик без своја етногенеза не се свои на своето, посочи Милошоски.

Но, она што е најзагрижувачки рече Милошоски, е тоа што Зоран Заев три години ја лаже македонската јавност дека сме добиле датум за почеток на преговорите со Европската унија, а гледаме дека до ден денес тие преговори со ЕУ не се почнати.

-Во 2018-та година кога прв пат излажа дека Македонија доби датум за преговори со ЕУ и се сликаше во авион за таа вест, немаше вето од Бугарија, но денеска за жал имаме и блокада од Бугарија, но имаме и уште еден поголем проблем а тоа корупцијата во државата која е рангирана на 111-то место на светската листа на корумпирани држави, изјави Милошоски.

Затоа тој смета дека со Заев Македонија не може да има сериозна европска перспектива.

-Само смена на Владата ќе значи отворање на нови можности и за европска перспектива, истакна од Општина Могила пратеникот Милошоски.

притисни ентер