Папата ги повика Израелците и Палестинците на дијалог во потрага по мир

Папата Франциско ги повика Израел и Палестинците на дијалог во потрага по мир и го осуди неодамнешното насилство во регионот.

По неделната молитва во Рим, Папата рече дека е длабоко тажен поради веста за убиените Палестинци во израелските антитерористички операции и смртта на израелските Евреи во нападот на синагога во петокот.

„Со голема болка ги слушам вестите што доаѓаат од Светата земја. Спиралата на смртта, која расте секој ден, ја убива малата доверба што постои меѓу овие два народи“, рече тој.

„Ги повикувам двете влади и меѓународната заедница и барам од нив веднаш, без губење време, да најдат други начини, кои вклучуваат дијалог и искрена потрага по мир“, додаде Папата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети силен, брз и прецизен одговор на нападот на синагога во предградијата на Ерусалим, а израелската армија испрати уште војници на окупираниот Западен Брег.

Нападот во Ерусалим следи по израелската воена операција во градот Џенин на Западниот Брег во четвртокот, во која загинаа девет Палестинци, вклучително и седум вооружени лица, и прекуграничниот оган меѓу Израел и Газа во петокот. Најмалку 30 Палестинци, милитанти и цивили, се убиени на Западниот Брег од почетокот на јануари.

САД му дадоа гаранции на британскиот суд за Џулијан Асанж да не добие смртна казна

Соединетите Американски Држави денеска му дадоа гаранции на Високиот суд во Лондон што ги побараа во врска со случајот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Во пресудата од 26 март, судот побарал гаранции од САД дека Асанж ќе може да се повика на Првиот амандман и дека нема да се соочи со смртна казна по екстрадицијата.

„Оваа дипломатска нота не прави ништо за да го намали огромниот стрес на нашето семејство за неговата иднина, имено неговото очекување дека ќе го помине остатокот од својот живот во самица во американски затвор поради неговата наградувана новинарска работа“, рече сопругата на Асанж, Стела, објави Ројтерс.

Американскиот претседател Џо Бајден на 10 април изјави дека неговата администрација го „разгледува“ барањето на Австралија да се откаже од деценискиот притисок на САД за кривично гонење на Асанж поради објавувањето на доверливи американски документи.

Во врска со изјавата на Бајден, Стела Асанж оцени дека „изгледа дека работите би можеле да се движат во вистинска насока“.

Асанж (52) се соочува со кривично гонење во САД по 17 обвиненија за шпионажа откако објави стотици илјади доверливи американски документи пред речиси 15 години на неговата веб-страница Викиликс.

Поддржувачите на Асанж инсистираат дека тој е новинар кој ги разоткри воените злосторства на САД во Ирак и Авганистан, што беше во јавен интерес и дека тој е заштитен со Првиот амандман на американскиот Устав, кој ја гарантира слободата на говорот.

Кејт Мидлтон се огласи на „X“, за прв пат откако објави дека има рак

Кејт Мидлтон се огласи на Твитер за прв пат откако објави дека боледува од рак.

Таа се осврна на неодамнешните напади во Австралија. Имено, 40-годишен маж избоде до смрт шест лица во трговски центар во Сиднеј за време на викендот. Од шестмината убиени, пет се жени. Подоцна, во црква во Сиднеј бил нападнат и епископ.

„Шокирани сме и тажни од ужасните настани во Сиднеј. Нашите мисли се со најблиските на оние кои починаа, оние кои беа погодени од оваа ситуација и хероите на службите за итни случаи кои ги ризикуваа своите животи за да спасат други“, се вели во соопштението на принцезата од Велс и принцот Вилијам.

Потсетуваме, Кејт на крајот на март ѝ се обрати на јавноста со емотивна видео порака во која откри дека дијагнозата го шокирала целото семејство и дека таа и Вилијам „направиле сѐ што можеле за да се справат со ситуацијата и да ја решат приватно во корист на семејството“.

Ракот на Кетрин беше откриен дури откако таа беше подложена на голема операција на стомакот во клиника во Лондон во јануари. Палатата Кенсингтон соопшти дека нема да објавуваат детали за тоа каков тип на рак има принцезата или во која фаза е, и побарале од јавноста да не шпекулира.

Косово доби поддршка за прием во Советот на Европа, конечната одлука на средината на мај

Парламентарното собрание на Советот на Европа вечерва го усвои извештајот на Дора Бакојани, во кој се препорачува Косово да стане членка на Советот на Европа..

За прием на Косово во Советот на Европа гласаа 131 од 171 присутен член, 29 беа против, а 11 беа воздржани.. На расправата имаше жестока дебата, за и против членството на Косово, кое својата кандидатура ја поднесе пред две години..

Сега процесот се сели во Комитетот на министри за надворешни работи на Советот на Европа, кој се очекува конечната одлука со двотретинско мнозинство да ја донесе кон средината на мај..

притисни ентер