Пандемијата и изборите ги „вжештија“ социјалните со говор на омраза

Корона кризата и политичките тензии во пресрет на предвремените парламентарни избори го „подгреа“ говорот на омраза на Интернет. 

Корона кризата и политичките тензии во пресрет на предвремените парламентарни избори го „подгреа“ говорот на омраза на Интернет. Само во април Хелсиншкиот комитет за човекови права нотирал 112 пријави – двојно повеќе од истиот период лани.

Најмногу од пријавите се регистрирани од 10-ти до 20-ти април. Тоа е периодот кој се поклопува со носењето нови порестриктивни мерки за справување со КОВИД-19 и карантинскиот полициски час за Велигден.

Анализата на Хелсиншки покажува дека минатиот месец доминирал говорот на омраза по етничка припадност со 36 отсто, 24 отсто од пријавите биле по политички основ, а 11 проценти по основ на здравствена состојба.

„Ние ова го очекувавме, пред се, поради пандемијата и прогласувањето на вонредната состојба, потоа протокот на непроверени лажни вести на медиумите кои знаете дека често пати можат да предизвикуваат говор на омраза на социјалните медиуми но исто така и таа јавна дебата која се случуваше во нашето општество што беше предизвикувана од мерките кои беа преземени од страна на владата.“ вели Александар Јованоски, Хелсиншки комитет за човекови права .

Иако состојбата со пандемијата полека стивнува, вели Јованоски, сајбер-нападите ќе се засилат и во периодот што следува поради изборите. Според него, кампањските препукувања на политичарите на социјалните мрежи ќе бидат главниот „виновник“ за заканите и погрдните зборови кои ќе ги шират луѓето меѓу себе со политичките неистомисленици.

„И тогаш, кога беа објавени претседателските избори и за време на кампањата, иако кандидатите од двете најголеми политички табори не изразуваа директен говор на омраза, сепак нивните постови на социјалните медиуми предизвикуваа граѓаните меѓу себе да употребуваат говор на омраза кој првенствено беше базиран врз политичка припадност. Така што трендот од лани можеме да го предвидиме и за оваа година.“ вели Александар Јованоски, Хелсиншки комитет за човекови права .

Во државата е донесена само една правосилна одлука за говор на омраза. Поради овој алармантен податок, велат од Хелсиншки, се додека не се воведе принцип на казнивост, говорот на омраза нема да се стави под контрола.

САД: Досега се дадени 390 милиони дози вакцини против Ковид-19

Во САД до денеска се дадени 390,1 милиони дози вакцини против Ковид-19, додека низ земјата се дистрибуирани 417,8 милиони дози, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на својата веб-страница.

Тој број е малку поголем во однос на саботата, до кога беа поделени околу 389,4 милиони дози.

Целосно се вакцинирани 183,7 милиони граѓани (55,3 проценти), а 213,4 милиони луѓе примиле барем една доза (64,3 проценти), се наведува на сајтот на ЦДЦ.

Дополнителна, трета доза на вакцината против коронавирус примиле 2,66 милиони луѓе од 13 август, кога ЦДЦ одобри употреба на трета доза за лица со ослабен имунитет.

Бектеши: Туристичката сезона беше успешна, владините мерки дадоа резултат

Туризмот ги даде очекуваните резултати. Сезоната беше успешна благодарение на владините мерки и политики, креирани заеднички со приватниот сектор, беше речено денеска, на настанот по повод Светскиот ден на туризмот, 27 Септември.

Како што истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, кампањата „Дома си е дома" и ваучерите за поттикнување на туризмот ги привлекоа домашните туристи, а безбедносниот печат значително придонесе за странските гости.

Бектеши најави дека дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна дестинација, ќе бидат меѓу приоритетните активности во областа на туризмот.

-Туризмот во светски рамки беше еден од најпогодените сектори. Владата го поддржа со конкретни мерки и активности. Според сите показатели, годинава се постигнати очекуваните резултати. Имајќи ги предвид бројките, мерките дадоа видливи резултати. Во периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период лани, бројот на туристи е зголемен за 56,6 отсто или регистрирани се 320.000 туристи кои оствариле над еден милион ноќевања, рече Бектеши.

Освен субвенциите кои во целот ќе бидат исплатени следнмата или најдоцна во наредните две недели, имаше, подвлече Бектеши, и директни грантови за надминување на кризата.

На настанот, покрај Бектеши, се обратија и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски и Владимир Граматиков од Сојузот на стопански комори (ССК).

Годинашниот Светски ден на туризмот, 27 Септември, се одбележува под мотото „Туризам за инклузивен развој". /МИА

Обраќање на Џафери на Состанокот на спикери на парламенти од земјите на Западен Балкан

 “Улогата на парламентите во враќањето на довербата во ЕУ“.

Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на претседателот на собранието на РМ, Талат Џафери:

Почитуван Претседател на Државниот збор на Словенија, г. Зорчич,

Почитувани колеги,

Дами и господа,

Дозволете да изразам благодарност до нашиот домаќин за одржувањето на овој состанок во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија и до Република Словенија, која континуирано е наш силен подржувач во напорите за членство во Европската унија и да посакам успешна работа на актуелното и на идното, француско претседателство.

Убеден сум дека и на денешниот состанок ќе ги потврдиме заложбите на кои заеднички се обврзавме при нашата последна средба на Самитот организиран од Претседателот Сасоли, дека ќе работиме посветено на зајакнувањето и унапредувањето на нашите парламентарни демократии и нашата улога како институции за инклузивен меѓупартиски дијалог, на градењето консензус за клучните европски реформи и ќе придонесеме во помирувањето, мирот и стабилноста во регионот.

Свесни сме дека Европската унија во моментов се соочува со многу предизвици поврзани со реформирањето на институциите и идното функционирање, кои треба да ја направат посилна, поконкурентна и побезбедна во глобалниот свет. Дел од тоа е и процесот на проширување со новата методологија, која се очекува да придонесе за поефективен процес на преговори, во кој ние како земји кандидати континуирано ќе бидеме отчетни за постигнатите резултати на високо ниво, а земјите членки би имале аргумент повеќе пред својата домашна јавност да го бранат ставот за потребата од идни проширувања со нови земји членки, затоа што сме свесни дека има поделени мислења по тоа прашање.

Како земја, веќе се изјаснивме во однос на методологијата за која сметаме дека ќе даде поголема политичка димензија на процесот, ќе го направи подинамичен, попредвидлив и поверодостоен и ќе има поголем кредибилитет, се разбира, доколку го почитува системот на заслуги и на исполнување на ветувањата дадени од европска страна до земјите кандидати за спроведените реформи. Во тој контекст и со таа верба, во изминативе неколку години направивме серија реформи во делот на владеењето на правото, правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, безбедносниот сектор и слободата на медиумите. Го надминавме долгогодишниот спор со Република Грција а претходно го потпишавме и Договорот со Република Бугарија. Овие државнички чекори немаше да бидат реалност, доколку немаше конструктивност и политички дијалог во Собранието, затоа што голем дел од потребните законски решенија налагаа обезбедување на двотретинско мнозинство. Сите парламентарни партии се обединија во нивното донесување, свесни за тежината и одговорноста што ја преземаат врз себе, меѓутоа, убедени дека на тој начин ја спроведуваат волјата на нашите граѓани, т.е. исполнување на реформите за влегување во следната фаза од процесот на интеграции, почетокот на преговорите до полноправното членство во Европската унија.

За жал, во моментов, новонаметнатиот спор со Република Бугарија, како политичари не става во незавидна позиција да бараме разумно објаснување за граѓаните дека има ново барање, кое не беше дел од претходните барања за одредување на датум за почеток на преговори, на кои посветено и неуморно работевме заради ветувањето дека по нивната реализација, ќе следи долгоочекуваниот датум за преговори. Вложуваме максимални напори, но со оглед на фактот што последните анкети и нашите директни контакти со граѓаните се обоени со голема доза на разочараност и неверување дека овој процес некогаш ќе има успешна завршница и дека постојано ќе има нови барања, ентузијазмот и кај граѓаните и кај политичарите може да спласне.

Почитувани пријатели,

Отворените прашања се решаваат само со взаемна доверба, меѓусебен дијалог, разбирање и почитување. Искрено ги поздравуваме напорите на претходното претседателство за поставување одредени основи врз кои може да се продолжи со надминување на проблемот, исто така и на словенечкото претседателство. Јасно е дека, разрешницата на овој проблем ќе се одрази на решавањето и на останатите отворени прашања во регионот и затоа, ако долгорочната европска перспектива на регионот е заедничка крајна цел на сите засегнати страни, потребна е исклучителна и сестрана дипломатија, тактичност и прагматичност. Воедно, се надеваме на што поскоро надминување на политичката криза во Бугарија. Како земја, продолжуваме со процесот на реформи со новата Агенда „Европа дома“, за да ги воспоставиме европските вредности и стандарди дома, во нашите институции и општество, за да го подобриме и олесниме животот на нашите граѓани. Законодавниот дом, како и досега, ќе продолжи со разгледување и усвојување на превиденото законодавство за реформи, водејќи сметка за унапредување на транспарентноста и отчетноста на Собранието со поголема вклученост на граѓанскиот сектор, сепак, имаме потреба од позитивен импулс во овој процес, особено за решенијата кои не секогаш се популарни за јавноста, кои би се прифатиле полесно доколку идното членство во Европската унија би било очигледен и природен резултат.

Драги пријатели,

Верувам дека пораката од неодамна одржаниот Форум на Преспа дијалогот во Охрид дека „Западниот Балкан е делот што и недостига на обединета Европа“ ќе биде ѕвезда водилка која ќе води до комплетирање на мозаикот.

Ви благодарам на вниманието!

КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

притисни ентер