Отворен Центарот за мајка и бебе во Клиника Жан Митрев

Родилиште според највисоки стандарди во Македонија.

На над 800 метри квадратни опремен со најсовремена апаратура започна да работи Центарот за мајка и бебе во Клиника Жан Митрев. Новиот оддел на Клиниката располага со две родилни сали, соби за будење, операциона сала, шест инкубатори и четири соби апартмани, неонатолошка, гинеколошка ординација и ординација за прегледи. Центарот за мајка и бебе овозможува мултидисциплинарен пристап со сите потребни капацитети, апаратура и персонал да одговори пред, за време и во постпородилна фаза, како и за сите потреби поврзани со мајката и бебето.

Тимот на доктори го предводи примариус д-р Љупчо Петровски - гинеколог акушер, субспецијалист перинатолог, а дел од тимот се и спец. д-р Ирена Андонова –гинеколог акушер, спец. д-р Ненад Лазаров-гинеколог акушер, спец. д-р Владимир Кижески-гинеколог акушер, спец. д-р Виолета Николов-гинеколог акушер, д-р Весна Деловска – специјалист педијатар неонатолог, специјалист д-р Лилјана Николиќ – педијатар неонатолог и други.

„Отворањето на Центарот за мајка и бебе е заокружување на нашата цел, создавање на комплетен здравствен центар и интегрирана клиника со сите услуги на едно место. Создадовме породилен центар со единствен концепт, што е и инвестиција во македонското здравство, така што со услугите ќе придонесе за подобрување и унапредување на породилната пракса во нашиот здравствен систем. Со ова ја комплетираме инвестицијата од 5 милиони евра, што ја започнавме со нова опрема, унапредување и проширување на постоечките оддели, отворање неколку комплетно нови оддели и ангажирање на врвни доктори специјалисти“, истакна д-р Жан Митрев.

Центарот за мајка и бебе, располага со најсовремената опрема од врвни светски производители и искусен медицински тим кои ќе бидат на располагање во центарот во секое време и грижа за мајката и бебето во сите фази од бременоста и по неа. Областите во кои ќе делува центарот ги опфаќаат сите три тримесечја од бременоста, спроведување на дијагностичките испитувања, ХСГ лабораторија, генетски испитувања како амниоцинтеза, хорионбиопсија, ултразвучни и неинвазивни пренатални тестови.

„Применуваме сеопфатна едукација пред и по породувањето, вклучување на семејството во грижата и негата за родилката и новороденчето. Во овој Центар грижата за мајката и бебето е комплетна и на располагање 24 часа. Лекарот во кого е стекната доверба пред породувањето, односно оној кој ја водел бременоста, ќе биде сигурно достапен, односно присутен на самиот чин на раѓање“, потенцира доктор Лазаров, специјалист гинеколог акушер.

Опремата составена од гинеколошки столови и столови за раѓање, ЕХО апарати, ЦТГ апарати, инкубатори со температурна контрола, ресусцитатори, двофункционални блендери со ЦПАП и навлажнет воздух со висок проток, е набавена од истакнати и врвни светски производители со што се докомплетира овој инвестициски циклус во вредност од над 5 милиони евра.

Центарот започнува со следење на трудниците уште во првиот триместар, менаџирање на патолошки состојби во бременоста, безбедно и безболно породување, и адекватно следење во постпарталниот период. Неонатолошкиот оддел е опремен со најсовремена опрема и искусен медицински персонал кој работи со интердисциплинарен пристап обезбедувајќи комплетна педијатриска грижа за новороденото.

Центарот за мајка и бебе, е подготвен да ги пречека и да ги прими првите пациентки и да ги згрижи мајката и бебето во сите фази од бременоста и по неа.

А за поголема достапност, по повод отпочнувањето со работа на центарот креирани се специјални пакети без дополнителни или скриени трошоци.

Млад фудбалер и неговата девојка се меѓу жртвите во Нови Сад: Почивајте во мир, ангели

Фудбалскиот клуб Потисје од Кничанин во Србија на Фејсбук објави дека нивниот играч Милош Милосављевиќ е еден од загинатите во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

До него била неговата девојка Анѓела Руман.

„Со голема тага и неопислива болка ја известуваме јавноста дека нашиот соиграч, пријател и брат Милош Милосављевиќ Киви (роден 2003 година) и неговата девојка Анѓела Руман (родена 2004 година) ги загубија животите во страшна несреќа во Нови Сад.

Почивајте во мир ангели, никогаш нема да бидете заборавени“, објавија на Фејсбук.

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

Според новиот извештај на УНЕСКО, објавен денеска на Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинари, во последните две години на секои четири дена бил убиен по еден новинар, пренесува ДПА.

Од вкупно 162 убиства на новинари во 2022 и 2023 година, регистрирани од базираната во Париз организација на ООН за образование, наука и култура, повеќе од половината се случиле во земји погодени од вооружени конфликти. Според извештајот, повеќето новинари загинале во своите матични земји.

Тие што загинале во земји кои не се зафатени од конфликти, биле убиени поради известување за теми како организиран криминал или корупција или при покривање протести. Извештајот, кој се изготвува на секои две години, го анализира глобалниот статус на безбедноста на новинарите.

Во документот се наведува дека 162-те потврдени убиства на новинари во периодот 2022-2023 претставуваат „зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период кога УНЕСКО регистрирала 117 случаи. Овој период исто така претставува најголем број убиства од двегодишниот период 2016-2017 година.“

Мексико била земјата со најмногу убиства на новинари во 2022 година со 19 случаи, додека во 2023 година најголем број случаи - 24, биле регистрирани во палестинските територии, објави УНЕСКО.

Според извештајот, Јужна Америка, Карибите и арапските земји се региони каде биле убиени најмногу новинари.

Дополнително, во повеќето случаи никој не бил одговорен за овие убиства. УНЕСКО објави дека процентот на неказнивост на глобално ниво во 2024 година изнесувал 85 отсто, што е мало намалување од 89 отсто во 2018 и 95 отсто во 2012 година.

- Овие злосторства не смеат и не можат да останат неказнети. И сепак, тоа сè уште е случај за речиси 85 отсто од нив, изјави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

- На овој меѓународен ден да се потсетиме на важноста од безбедност, независност и заштита на новинарите во нивната работа, која е од круцијално значење за мирот и социјалниот напредок, додаде Азуле.

Митровденска задушница - спомен за починатите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.

Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември).

Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

притисни ентер