Османи: Разликите за законот за јавно обвинителство не се непремостливи

Разликите околу законот за Јавно обвинителство не се непремостливи.

Моментот е неповторлив. Политичките лидери ги знаат очекувањата на граѓаните и се договараат соодветно и ќе ги надминат своите почетни позиции за да се најде конечно решение.

Ова го истакна вицепремиерот Бујар Османи пред почетокот на меѓународната конференција: „Добро управување и владеењето на правото во однос на перспективите за интеграцијата во ЕУ" што се одржува во Скопје во организација на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Сметам, додаде тој, дека политичките лидери ја сфаќаат важноста и никој нема да дозволи да не успееме во октомври.

– Затоа сум оптимист бидејќи прашањето е премногу важно за граѓаните. Со повеќе политичка волја може да се најде решение, истакна Османи.

На новинарско прашање зошто не присуствувал на синоќешната средба, вицепремиерот Османи рече дека како партија не биле присутни затоа што не се дел од проблемот.

– Како Влада имаме усогласен став по законот за јавно обвинителство и заедно го донесовме законот на владина седница. Во законот се инкорпорирани и ставовите на ДУИ, истакна Османи.

Тој додаде дека останало единствено прашањето за јазикот, што се третирало дополнително на собраниска Комисија со амандман, како и прашањето на одлучување со Бадинтер при изборот на раководителите на институцијата којашто треба да се формира.

Во однос на другите прашања, како што рече, имаат усогласен став.

Смета дека консензусот во овој момент е многу позначаен отколку кои било унилатерални ставови и планови.

– Сите големи реформски прашања во правосудството ги завршивме со консензус, рече Османи и потсети на решенијата што биле донесени со двотретинско мнозинство како Планот 3-6-9 и Планот 18.

Вицепремиерот посочи дека Европската комисија даде чиста препорака за почнување преговори и оти Советот на ЕУ ја прифати таа порака без давање дополнителни бенчмаркови за почнување преговори.

– Се разбира дека е важно законот за ЈО да го усвоивме пред октомври. Тоа што вчера имало долги разговори дава можност разликите да се објаснат и третираат на маса и можност да се продолжат разговорите за да се најде решение, рече Османи. /МИА

Спречен нов атентат врз Зеленски, уапсен Полјак кој соработувал со Русите

Полскиот државјанин Павел К. е уапсен под сомнение дека учествувал во подготовката на атентат врз украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој е лишен од слобода во Полска по обвинението дека бил подготвен да му помогне на руското воено разузнавање во заговорот за убиство на Зеленски, објави полското обвинителство.

Павел К., наводно, побарал контакт со Русите вклучени во војната во Украина, наведувајќи дека ќе пренесе детални информации од аеродромот Ржесов-Јасионка, кој се наоѓа во близина на границата со Украина.

Доколку биде прогласен за виновен, може да биде осуден на осум години затвор. /МИА

Советот НАТО-Украина ќе одржи вонреден состанок за противвоздушната одбрана на Киев

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира да побара дополнителна воена поддршка за одбрана од Русија на денешниот вонреден состанок со министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, јави ДПА.

На состанокот на Советот НАТО-Украина, организиран како видео-конференција, се очекува да стане збор за прашања во врска со тоа дали сојузниците наскоро ќе можат да и предадат дополнителни системи за противвоздушна одбрана на земјата.

Според Зеленски, на вооружените сили на Украина им треба дополнително оружје, артилериски гранати, возила и беспилотни летала.

„Украина во моментов е загрижена дали може да го задржи фронтот и да ја заштити својата енергетска инфраструктура“, рече Зеленски.

Во последните недели Русија го засили воениот притисок врз Украина и со воздушни напади ги уништи речиси сите нејзини електрани.

Според информациите дадени од Зеленски на почетокот на април, за одбраната на воздушниот простор на Украина ќе бидат потребни или 25 системи за воздушна одбрана „Патриот“ или еквивалентна опрема.

Германската Влада веќе објави во текот на викендот дека на Украина ќе и обезбеди дополнителен систем „Патриот“. Се очекува помош и од други земји, како што е Шпанија. /МИА

Германските тимови повторија достигнување старо речиси 30 години

По натпреварите во текот на неделата, Бундеслигата сега има дури три екипи кои се полуфиналисти на европските клупски турнири. 

Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен стигнаа до претпоследната фаза од двете главни натпреварувања - Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а три германски тима не стигнале во оваа фаза речиси 30 години.

Ова последен пат се случи во сезоната 1994/1995 година. А што е уште поинтересно е тоа што тогаш токму истите екипи стигнуваат до полуфинале.

Баерн тогаш стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите, каде загуби од холандскиот гигант Ајакс по 0:0 во Минхен и 2:5 во реваншот. Во тогашниот Куп на УЕФА учествуваа Борусија Дортмунд и Леверкузен, а двата тима се сретнаа со италијански противници. „Жолто-црните“ загубија од Јувентус по 2:2 во првиот меч во Германија и 2:1 за „бјанконерите“ во реваншот. Леверкузен, пак, е елиминиран по двата порази од идниот освојувач на трофејот Парма - 1:2 и 0:3.

Германските екипи сега ќе сакаат да избегнат слично сценарио и ќе се надеваат на добар настап.

Германија ги има сите шанси да обезбеди петти тим во Лигата на шампионите, а на бундеслигашите им требаат две победи или реми и две нерешени во претстојните полуфинални натпревари.

Англија, пак, ќе се потпре на победата на Астон Вила на сите свои натпревари за да обезбеди дополнителен тим во најпрестижниот европски клуб, а по синоќа, Италија веќе го постигна тоа. /МИА

притисни ентер