Османи организираше прием за дијаспората во Министерството за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес беше домаќин на нашите граѓани кои живеат во странство, а кои деновиве летните одмори ги поминуваат во Македонија.

Посакувајќи им добредојде, Османи упати благодарност до дијаспората за нивниот придонес во пренесување на позитивната порака и слика за нашата држава, како и придонесот за целокупниот економски и општествен развој на Македонија.

Се работи за „огромен потенцијал на млади и образовани кадри, кои се најдобри во своите професии и за чие знаење и вештини има потреба средината од каде потекнуваат и на која редовно се враќаат", нагласи Османи.

Тој ги запозна гостите со многубројните проекти на Министерството за надворешни работи, каде се префрлени целокупните надлежности поврзани со дијаспората –фиксните базни станици за издавање на патни исправи, со што значително ќе се скрати постапката; проектот на дигитализација на голем дел од конзуларните услуги, тн. Е-конзулат; реактивирање на финансиската поддршка за проекти од дијаспората, кое беше прекинато поради пандемијата; формирање на парламентарна група за соработка со дијаспората; анализа за потребата за донесување на закон за дијаспора и други. До одлуката за донесување на закон, во меѓувреме ќе се издаде Бела книга, каде детално би се наброиле погодностите кои се нудат на дијаспората, а кои не се систематски обработени во еден документ.

Во своето обраќање, Османи порача дека својот мандат ќе го посвети на создавање услови за секој кој има желба да може да се врати во државата, посочувајќи меѓу другото и на проектот МКарта, како признание и потврда за истакнати личности и поединци кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажуваат истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Македонија во странство.

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

Фестивалот „Коачела“ казнет со 28.000 долари поради Лана Дел Реј

Популарниот музички фестивал, на којшто настапија светски ѕвезди како Шакира, Доџа Кет и „Ноу даут“, „Коачела“ (Coachella) заврши, но една од изведувачките ги прекрши правилата.

Се работи за американската поп-пејачка Лана Дел Реј, поради која организаторите на фестивалот ќе треба да платат казна од 28.000 долари... Имено, пејачката настапила 13 минути подолго од предвиденото и со тоа го прекршила договорот што организаторите го имаат со Градот Индио, каде што се одржува фестивалот, пишува „Ти-ем-зи“ (TMZ).

На фестивалот, имено, му се наплаќа дневна казна од 20.000 долари за првите пет минути од пречекорувањето на времето и дополнителни 1.000 долари за секоја минута потоа. /МИА

притисни ентер