Османи: Оптимист сум дека ќе обезбедиме мнозинство за Уставните измени

Скрининг процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика врз основа на што ќе ги добиеме извештаите од скринингот и патоказот за отворање на поглавјата. 

Паралелно со тој процес , се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот.

Во интервју за француската телевизија „Франс 24“, министерот за надворешни работи, Бујар Османи зборува за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.

Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Македонија и Бугарија.

„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“, вели Османи во интервјуто во однос на односите со Бугарија и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.

Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека Северна Македонија има најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското аки. За земјата уште подобро да напредува и да покаже вистински резултати, Османи вели дека е потребно да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.

„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“, вели Османи.

Македонија, делумно со тоа што толку долго беше на овој пат кон ЕУ, беше фаворит дури и во споредба со земјите кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.

„Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата, ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите“, вели Османи во интервјуто за „Франц 24“.

Лула оди на операција на колкот

На бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска треба да му биде извршена операција за замена на вештачки колк.

Операцијата привремено ќе ги стопира неговите чести патувања низ светот.

Се очекува Лула (77) да помине неколку дена во болницата Сирио Либанес во Бразилија, пред да се врати во претседателската палата на почетокот на следната недела.

-Операцијата на Лула не треба значително да влијае на процесот на донесување одлуки“ рече Пауло Калмон, професор по политички науки на Универзитетот во Бразилија.

Тој додаде дека Лула најверојатно ќе бара да биде информиран за се што се случува дури и за време на неговото закрепнување.

Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ поднесе оставка

Штотуку поднесов формална оставка како градоначалник на Белград, за да почнат да се создаваат законски услови за одржување на изборите кои покрај парламентарните и покраинските избори, на 17 декември ќе се одржат и на ниво на град Белград.

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, изјави дека формално поднесува оставка од таа функција, но дека посветено ќе работи и ќе го води Белград до денот на изборите и конечната проверка за довербата на граѓаните, јави дописникот на МИА од Белград.

-Штотуку поднесов формална оставка како градоначалник на Белград, за да почнат да се создаваат законски услови за одржување на изборите кои покрај парламентарните и покраинските избори, на 17 декември ќе се одржат и на ниво на град Белград, рече Градоначалникот Александар Шапиќ.

Шапиќ е и функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС).

-Кога Владата на Србија ќе воведе привремено тело... Очекувам како претседател на тоа тело да продолжам да го водам Белград, до денот на изборите и конечната проверка на довербата за се што направивме во претходната година и пол и што допрва планираме да направиме за доброто на Белград, рече Шапиќ.

Денес продолжи бранот оставки на градоначалници во Србија, за да се стекнат услови за одржување и на вонредни локални избори, па така оставки поднесоа и градоначалникот на Крагуевац, Никола Дашиќ и градоначалникот на Пирот, Владан Васиќ.

Вчера оставки поднесоа градоначалниците на Краљево Предраг Терзиќ, на Лесковац Горан Цветановиќ, на Нови Пазар, на Кучево, Трстеник и Смедерево.

Градоначалниците и претседателите на општитните почнаа од вчера да поднесуваат оставки, што е во корелација со изјавата на претседателот Александар Вучиќ, дека „парламентарните, покраинските и белградските избори ќе се одржат заедно, како и во некои општини и може да се одржат и на 17 декември“.

Белгиските зелени предлагаат неофицијална декриминализација на абортусот

Поддршка на измените изрази белгискиот огранок на организацијата Лекари на светот (МДМ), која оцени дека е потребна „итна реформа на Законот за абортус за најранливите жени“. 

Двете водечки белгиски еколошки партии, валонската Еколо и фламанската Зелени, поднесоа Предлог-законот за измени на Законот за абортус во Белгија, со кои, меѓу останатото, се предвидува продолжување на законскиот рок до кој може да се изврши абортусот од 12 на 18 недели, укинување на шестдневниот период на чекање пред да може да се спроведе зафатот, како и негова неофицијална декриминализација.

Со измените се предлага абортусот да биде експлицитно наведен како зафат опфатен со здравствената заштита, што практично би значело декриминализација на делото доколку се изврши по законски дозволениот рок.

Пратеничката Северин де Лавеле од Еколо, која заедно со нејзината колешка Ева Плато од Зелените, се официјални предлагачи на законските измени, изјави дека тие се подготвени врз основа на Извештајот со 25 препораки изработен пред шест месеци од страна на посебна експертска комисија по нарачка на пратеници од владејачкото мнозинство.

- Овој извештај во никој случај не може да остане во фиока. Затоа, овие препораки ги преточивме во закон за да го зајакнеме правото на жените да го контролираат своето тело и сопственото здравје, нагласи Де Лавели.

Поддршка на измените изрази белгискиот огранок на организацијата Лекари на светот (МДМ), која оцени дека е потребна „итна реформа на Законот за абортус за најранливите жени“.

МДМ-Белгија, исто така, се залага за продолжување на законскиот рок за абортус на 18 недели, за укинување на задолжителниот шестдневен период што им е оставен на жените „да размислат дали сакаат да ја прекинат бременоста“, како и за подигање на свеста на жените и поедноставување на пристапот до абортус и усогласување на постапката.

Предлозите ги поддржа и здружението Секуларна федерација на центрите за планирање семејство (ФЛЦПФ), кое за залага за легализација на абортусот во Белгија.

- Иако абортусот е одобрен под неколку услови повеќе од 30 години, ова право не е ниту целосно ефективно, ниту целосно декриминализирано, порача ФЛЦПФ.

Еколо и Зелените се дел од седумпартиската белгиска владина „Вивалади“ коалиција, предводена од премиерот Александер де Кро, во која засега нема целосна согласност за ваквите законски измени.

Слична иницијатива претходно беше покрената и од владејачката валонска Социјалистичка партија (ПС), но таа не помина поради блокадата од страна на партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), исто така членка на владината коалиција. Тогаш, ЦДВ се согласи на продолжување на законскиот рок до кој може да се изврши абортусот наместо од 12 на 18, на само 14 недели, освен во случаи на силување или инцест и се спротивстави на укинување на шестдневниот „рок за размислување“, туку само за негово скратување на 48 часа.

Согласно договорот за формирање на „Вивалди“ коалицијата, еден законски предлог може да се достави на усвојување во Парламентот само доколку со него се согласуваат сите седум коалициски партнери./МИА

притисни ентер