Османи: Ќе поддржиме Влада без претставници на ДУИ кога ќе стапат во сила уставните измени

„Ќе поддржиме Влада без претставници на ДУИ на денот кога ќе стапат во сила уставните измени“.

Централното претседателство на ДУИ го заврши својот состанок во партиското седиште во Мала Речица, а партијата информираше дека се прифаќаат предусловите кои се упатени кон нив со цел да има промени во Уставот и почеток на преговорите за членство во Европската унија. Партискиот портпарол Бујар Османи рече дека неколкучасовната седница била исклучиво наменета за оваа одлука.

Тој посочи дека на седницата се анализирал состанокот на премиерот Димитар Ковачевски со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по кој имаше и одговор на ДУИ во однос на барањето на опозицијата да се формира Влада во која нема да учествува нивната партија, како предуслов за поддршка на уставни измени.

- Прво, историскиот момент пред кој се наоѓа државата како можност за брзо членство во ЕУ пред сè создадена со геополитичката случувања со војната во Украина. Големата свесност на ЕУ за Западен Балкан и брзата трака која се појавува како шанса. Повикувајќи се на консензуалната потреба на луѓето, без разлика на припадност, за подобар животен стандард, за можност за задржување на луѓето овде, за брза трака за членство во ЕУ наредните години, Централното претседателство ја реафирмираше консензуално и одлучно првичната одлука којашто ја претставивме веднаш после средбата на претседателите на политичките партии - дека ДУИ е спремна истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата, доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени, истакна Бујар Османи.

Тој понатаму рече дека нема поважно прашање денес одтолку европската иднина на државата и европската иднина на граѓаните.

- Имаме историска шанса којашто доколку ја пропуштиме нема да ја имаме сигурно во наредните 10-20 години. Затоа ДУИ проценувајќи го овој моментум врз основа на кредибилни информации коишто и јас ги претставив на седницата на ЦП и тоа што Али Ахмети го образложи, донесе одлука да поддржи една таква одлука во којашто ДУИ ќе поддржи Влада без претставници на ДУИ на денот кога ќе стапат во сила уставните измени, посочи Османи.

Од ДУИ велат дека нивното Претседателство бара паралелно да се одвива уште еден процес.

-Тоа е почеток на ветинг и истрага на сите политички партии, почнувајќи од претседателите до последниот партиски функционер, вклучувајќи и пратеници, функционери и така натаму, со цел еднаш за секогаш оваа злоупотреба на борбата против корупцијата за партиски цели да и се стави крај и да се институционализира. Сметаме дека е тоа многу важен процес за да создаде амбиент за да се изгради доверба за да може овој процес да се одвива побрзо, истакна Османи.

Рашела Мизрахи предложена за претседател на Анкетната комисија за случајот Онкологија

 Почна седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, која треба да го утврди составот на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

За претседател на комисијата е предложена Рашела Мизрахи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а предлози од оваа ПГ се и Александар Велјановски за заменик претседател, за членови Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска - Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов, Петар Ристески, за заменици членови Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски и Зоран Коцевски.

Од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, за членови се предложени Даниела Марковска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, додека за заменици членови - Миле Талевски, Маја Морачанин, Бети Рабаџиевска Наумовска и Соња Мираковска.

Предлог на пратеничката група на ДУИ, за членови се Арбен Зибери и Бедри Фазли, а за заменици членови - Бајрам Кадрија и Берат Ајдари.

Одлуката за основање на Анкетната комисија беше донесена на 20. месецов, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија Јавното обвинотелство на почетокот на месецов отвори предистражна постапка.

Од ЈО на 26. месецов соопштија дека косовските обвинители се подготвени за соработка за случајот. Тимот на обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, како што информираа, продолжува да ги презема сите дејствија за целосно испитување на настанот.

-Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, што се однесува на работата на Клиниката за онкологија. Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката, кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување, информираше Јавното обвинителство.

Заврши Светско екипно првенство во шах, петто место за „Македонија Алкалоид“

Со натпреварите од 9. коло синоќа во Струга заврши Светското екипно првенство во шах во возрасни категории над 50 и над 65 години, на кое настапија 48 екипи од 17 земји и дури 40 велемајстори и 32 интернационални мајстори.

Во категоријата до 50 години, победи првиот тим на САД, освојувајќи го првото место со 15 бодови, пред Англија, Исланд и Италија со по 14.5 додека „Македонија Алкалоид“ го освои петтото место со 12 бодови.

Во завршното коло, „Македонија Алкалоид“ го совлада третиот тим на Англија со 3.5-0.5.

Преостанатите две македонски екипи завршија во вториот дел од табелата. Екипата „Македонија“, составена од слепи и слабовидни шахисти со 11.5 бодови го освои 19 место, додека женскиот состав „Македонија“ заврши на последното, 22, место со 6.5 поени.

Победничката екипа настапи во состав: Шабалов, Каиданов, Ехлвест, Новиков и Јермолински.

Во категоријата над 65 години, триумфираше тимот „Германија Ласкер“ со 17 бодови, пред првиот тим на Англија со 16 и Словачка со 14 бодови.

Тимот „Макеоднија“ го освои 12 место со девет бодови.

Победничкиот тим настапи во состав: Кнак, Мејстер, Калиничев и Колер.

Трипуновски: Во Македонија е увезено млеко од Србија со канцерогени супстанци

Во Македонија е увезено млеко од Србија и пуштено во промет со амфлатоксин М1, кој и зошто ги труе граѓаните со канцерогени супстанци?

Во 21 септември оваа година во Македонија е увезено преку 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3-ти февруари 2024 година и истото е пуштено во промет иако во млекото е детектирано амфлатоксин М1 над максималното дозволено ниво. И со тоа истото е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации по здравјето на граѓаните.

Ова е резултатот од лабораторијата врз кое што го темелиме нашето денешно тврдење. Наодите покажуваат дека иако млекото содржи канцерогенци материи ги поминало сите контроли и како такво со штетни супстанци е дозволен влез во Република Македонија.

Николче Бабовски е тотално промашување за АХВ. Наместо целосна контрола при увоз на храна, АХВ под раководство на Бабовски свесно пушта во употреба производи со канцерогени материи.

Афлатоксините кои се пронајдени во млекото се познати во светот како најважни микотоксини во храната и добиточната храна поради нивната хепатотоксичност и канцерогеност.

Прашуваме, кој и зошто дозволил млекото во која е детектирано амфлатоксин М1 од Србија да биде пуштено во употреба во Република Македонија.

Во која количина од увезеното млеко завршило на рафтовите и дали АХВ има постапено по добиените наоди од тестирањето?

Почитувани,

Дополнително, до нас пристигна и информација дека во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија детектирано е ниво на афлатоксин М1 во млекото, кое ги надминува максималните нивоа дозволени согласно Правилникот за општите барања за безбедност на храната.

АХВ и Бабовски да одговорат што е направено со таквото млеко и дали истото е веќе завршено на македонската трпеза како сурово млеко или е преработено во сирење, кој е препознатлив бренд на оваа млекара во Република Македонија?

Апелираме до граѓаните на максимална претпазливост. Од АХВ свесно или несвесно се пушта храна со канцерогени материи кои што се штетни по здравјето на луѓето.

Воедно апелираме до Бабовски наместо да се брани со напад дека шириме лажни вести, веднаш да го расветли целиот случај и соодветно да реагира. Доколку не знае како, нека си поднесе оставка.

Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер