Оризопроизводителите најавуваат протест ако поддршка за арпата не добијат повеќе земјоделци

Производителите на ориз од кочанскиот регион бараат што повеќе земјоделци да бидат опфатени со финансиската помош – три денари за килограм предадена арпа, а за тоа е неопходно, велат, рокот за предавање на арпата да се продолжи до јуни.

На Министерството за земјоделство му даваат рок од две недели да најде начин како ова да го спроведе. Во спротивно, најавија, ќе организираат нови протести и ќе ги блокираат магистралните патишта.

Производителите до петок очекуваат ресорното Министерство да организира средба на која ќе ги образложат барањата, но се надеваат и дека ќа се најде заедничко решение за да се избегне блокирањето на сообраќајниците.

-Нашите сознанија се дека само на 15 отсто од земјоделците кои успеале до 15 декември да ги предадат произведените количини, им е исплатена финансиската помош од КОВИД мерките. Тие временски не можеа да стигнат да ја продадат арпата, зашто жетвата на оризот завршува до крајот на октомври, ниту пак откупувачите физички со своите капацитети можеа да стигнат да ги исполнат условите. Исто така, не се опфатени ниту земјоделците кои арпата ја преработиле во бел ориз. Затоа бараме, редовните субвенции да останат по 3.000 денари за декар и да бидат исплатени за 15 дена, а рокот за откуп на арпата заради добивање дополнителната финансиска помош да се продолжи до јуни. Ако не добиеме позитивен одговор, ќе излеземе на протести со блокада на патиштата, изјави земјоделецот Здравко Коцев од Облешево.

Земјоделците кои произведуваат ориз се во дилема како ќе ја почнат сеидбената сезона оваа година поради драстично зголемените трошоци на вештачките ѓубрива и заштитните препарати.

-Една вреќа ѓубре од 25 килограми сега чини 1.650 денари, а ќе се покачат и цените на хербицидите, што значи дека трошоците по декар се зголемени за сто отсто. Со сегашните откупни цени не можеме да ги покриеме давачките, а не станува збор за заработувачка. Затоа очекуваме арпата да се откупува по 40 денари, а белиот ориз по 80 денари за килограм, истакна Стојче Ташевски, земјоделец од Облешево. /МИА

Српските власти идентификуваа19 адреси на електронска пошта од кои се праќани дојавите за бомби

Српските власти  досега идентификуваа локации на вкупно 19 адреси на електронска пошта од кои се праќани дојавите за наводно поставени бомби на различни места низ србија, соопшти синоќа српското МВР.

Според објавата од српското МВР, утврдено е дека осум од дојавите стигнале од Полска, четири од Гамбија, две од Иран и Нигерија и по една од Украина, Словенија и Русија.

За да се идентификуваат испраќачите на овие пораки, а со оглед дека се странски државјани кои не живеат во Србија, српските власти ќе спроведат меѓународна размена на податоците преку Европол и Интерпол со останати држави, како и со компанијата „Гугл“.

Според објавените податоци, за четири дена МВР процесуирало осум лица, српски државјани.

Двајца од нив се уапсени, а против шест малолетници се поднесени кривични пријави.

Од 11 март до денеска телефонски или преку електронска пошта, до различни институции во Србија стигнаа стотина дојави за наводно поставени бомби на јавни места и во објекти, како трговски центри и бројни училишта, мостови, плоштади итн.

За брзо возење казнети 147 возачи на територијата на цела држава

Во текот на вчерашниот ден во спроведената засилена акциска контрола за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената на територијата на државата, казнети се 147 возачи.

Од МВР информираа дека од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 31 возач ја пречекорил брзината во населено место, а 116 надвор од населено место.

Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови.

Приведени двајца крадци во Скопје, одземеното вратено на сопственикот

Службеници од Полициската станица Центар вчера во 17.40 часот на улица „Македонија" во Скопје ги лишија од слобода скопјаните Д.К.(19) и А.А.(28).

Како што денеска соопштија од МВР, тие биле затекнати при извршување „тешка кражба" во објект на улица „Македонија". Двајцата биле приведени во полициска станица и во службен разговор го признале делото. Кај нив биле пронајдени одземените предмети и биле вратени на сопственикот.

За настанот бил запознаен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесени пријава по член 236 од Кривичниот законик.

притисни ентер