Општина Битола со 155 милиони денари ќе субвенционира инвертер клима уреди

 Општина Битола објави јавен повик за субвенционирање на домаќинствата во тој град за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди.

Од тамошната локална самоуправа информираат дека пријавувањето за јавниот повик се врши електронски и ќе се одвива во периодот од 18 септември до 2 октомври.

– Целта на јавниот повик е домаќинствата во Општина Битола да ги заменат печките на тврди и фосилни горива коишто ги користат за затоплување на станбениот простор во којшто живеат, преку субвенција за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди. Максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател, носител на домаќинство изнесува 55.800 денари и истиот може да се искористи за надоместување на трошоците за набавка и монтажа на еден или повеќе високоефикасни клима уреди, посочуваат од Општина Битола.

Предност при распределувањето на средствата ќе имаат барателите носителите на домаќинства кои живеат во централно градско подрачје, односно зоните број 1, 2, 3, 4 и 5, жители од улиците „Даме Груев", Јени Маале 2, Боримечка, Североисточна зона, Ушици, Баир, Девеани, Станбена заедница 3, 4, 5, 6, 7 и 8, како и областа Маџар Маало, Горно Оризари и Стрелиште

Вкупните средства коишто се планирани за овој јавен повик изнесуваат 155 милиони денари.

Лице од Велешта тешко повредено од соселани

Четириесет годишен жител од струшко Велешта синоќа бил нападнат и тешко повреден од лица од истото село.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски денеска информира дека И.И. (40) бил хоспитализиран во Општата болница во Струга, со тешки повреди на главата.

– По преземени мерки, полициските службеници констатирале дека И.И., на авто-плац кај селото Долна Белица, бил физички нападнат од Г.О. и А.О. од селото Велешта. Против напаѓачите, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава, изјави Димоски./МИА

Денот на македонската револуционерна борба одбележан во Делчево

Со пригодна свеченост, Општина Делчево денеска го чествуваше Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври. 

По тој повод, за значењето на овој празник, членовите од КУД „Гоце Делчев" од Делчево подготвија пригоден реферат, а пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот, се поклонија и букети свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево и од Советот на Општина Делчево, како и претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани.

– Денешниот датум во македонската историја е запишан како ден на основањето на Македонската револуционерна организација. Согласно со историските податоци, на 23 октомври 1893 година во Солун се поставуваат основите на организацијата којашто ќе стане симбол на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет, истакнаа во говороот пред присутните членовите на КУД „Гоце Делчев" од Делчево.

Одбележувањето на „23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба" се организираше со почитување на протоколите и мерките за превенција од Ковид-19, поради што, како што додадоа, организаторите и бројот на присутни беше ограничен.

На настанот не присуствуваа претставници на Општинската организазија на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму најавија почит кон великаните на македонската револуционерна борба да им биде оддадена по завшрувањето на официјалниот настан. /МИА

Завршена амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Амандманската расправа за ребалансот на Буџетот заврши доцна синоќа, соопшти денеска заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, порачувајќи дека ликвидноста на Буџетот е добра и ќе бидат исплатени сите обврски кон буџетските корисници.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешното положување на цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Ковачевски истакна дека мерките кои се имплементирани во ребалансот на Буџетот се во насока на одржување на стандардот на граѓаните и на стопанството.

– Вчера до доцна во ноќта, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија ја завршија амандманската расправа во однос на ребалансот на буџетот. Мерките што Владата ги предложи, а кои се имплементирани во вториот ребаланс на Буџетот на 2020 година, се во насока на одржување на стандардот на населението во светло на економската криза што ја имаме во Европа и во целиот свет, а вклучително и во нашата држава, изјави Ковачевски.

Во однос на проекциите на Светска банка за македонската економија, Ковачевски рече дека со нив само се потврдени предвидувањата на Владата и на другите меѓународни финансиски организации за негативните стапки на раст предизвикани од кризата.

– Во светло на тие проекции се креирани мерките и граѓаните и компаниите не треба да се грижат, порача Ковачевски.

Смета дека мерките што ги носи Владата како поддршка за граѓаните и за стопанството не се задоцнети, но, како што рече, остануваат отворени за разговори со сите засегнати страни. Најави дека и во иднина сите мерки ќе се креираат низ дијалог.

– Во Владата секојдневно сме на располагање и во текот на трите месеци кои се пред нас до крајот на годината, но и во 2021 година која исто така ќе биде година што ќе почне погодена со вирусот. Постојано ќе работиме со нив и ќе ги адаптираме мерките онака како што најдобро можат да и помогнат на секоја индустрија поединечно, рече Ковачевски. /МИА

притисни ентер