ОЈО Скопје прибавува и анализира докази за Палчо

ОЈО Скопје прибавува и анализира докази за Палчо, истрагата за останатите петмина осомничени во завршна фаза.

Обвинителството презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази за првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, кој вчера беше екстрадиран од Турција.

Како што соопштија од ОЈО Скопје, за петмината други осомничени во оваа постапка, истрагата е во завршна фаза.

- За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза, стои во соопштението од Обвинителство.

Оттаму дополнуваат дека продолжуваат да преземаат истражни дејствија во предметот.

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството.

Македонските ракометри против трофејната Франција по сензација за Мундијалско 1/4-финале

Машката репрезентација на Македонија вечерва во Вараждин против големиот фаворит за медал Франција ќе го одигра последниот натпревар во втората фаза на СП 2025.

По одличните игри и резулати на претходните пет средби, избраниците на Лазаров во последниот дуел од втората фаза влегуваат со теоретски шанси за пласман во големото мунијалско четврфинале.Но, играат натпревар кој не смееме да се загуби.

За место меѓу осумте најдобри на 29 Светски шампионат потребни ни се три големи работи: Триумф над Франција или реми но и резултати во наша корист на дуелите Холандија – Австрија односно Катар Унгарија.

*Ако ја победиме Франција, треба Холандија да ремизира или загуби од Австрија, а Унгарија да ремизира или загуби од Катар.

*Ако ние ремизираме со Франција, а Холандија и Унгарија загубат од Австрија и Катар, во тој случај че решава гол-разликата.

Инаку пред денешната програма Македонија е на делба на третата позиција со Холандија со по четири бода. На првото место со 8 бода и со обезбедено четвртфинале е Франција, пред Унгарците со пет.

Најстудено во Битола, Прилеп и Берово, најмногу снег на Попова Шапка

 Утринава најстудено во Битола, Прилеп и Берово каде е измерена минимална температура од - 4 степени, а најтопло во Крушево и Гевгелија, каде се измерени 3 степени целзиусови, информираат од УХМР.

Во Тетово и Струмица минималната температура изнесува - 2, во Скопје-Петровец и Кавадарци - 1, потоа во Скопје-Зајчев Рид, Дебар, Претор, Велес, Штип, Демир Капија - 0 степени, додека во Крива Паланка, Охрид, Виница, Маврови Анови, Попова Шапка минималната температура изнесува 1 степен и во Куманово 2 степени целзиусови.

Најголема снежна покривка има на Попова Шапка - 40 сантиметри, потоа Маврови Анови - 31, Крушево - 15 и Битола - 10.

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Претпладне по одделни котлини со појава на магла. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16 степени.

Во Скопје претпладне со појава на магла, преку денот сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.

Во Крушево се одбележуваат 44 години од раѓањето на Тоше Проески

Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески.

Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

Бројни фанови и поддржувачи на Тоше од земјава и странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен домот „Тодор Проески“ каде се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него. Неговите фанови велат дека Тоше има само ден на раѓање.

Од 9 до 16 часот во Спомен домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, бројни делегации и фанови ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.

Во Крушево ќе присуствува и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој откако ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше, ќе го посети и Спомен домот на Тоше.

Напладне во Спомен домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ ќе изведат негови песни, а ќе настапат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.

притисни ентер