ОЈО: Притвор од 30 дена за 10 лица за напад на полициските службеници

​ Притвор од 30 дена добија десет лица кои во четвртокот вечерта учествувале во нападот на петмината полициски службеници, од кои еден беше потешко повреден.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека по поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, издадена е наредба за спроведување на истражна постапка за овие десет лица, поради основано сомнение дека се соизвршители и сториле кривично дело „напад врз службено лице".

Осомничените во четвртокот околу 20 часот, на стариот пат Прилеп-Велес над манастирот „Св Ѓорѓија" во селото Присад, физички нападнале петмина полициски службеници од Полициското одделение во Чашка. Полицајците забележале три моторни возила без регистерски таблици и ги запреле заради проверка. Едно од возилата побегнало, а другите две, едното марка „Гранд Чироки", а другото марка „Лада Нива" биле сопрени и во нив се пронајдени бесправно исечени дрва.

Додека полициските службеници изготувале записник во врска со постапувањето, пристигнала поголема група лица меѓу кои и осомничените, кои почнале со бејзбол палки, метални шипки, рачки од секири, дрва, камења и други предмети да удираат по полициските службеници и службеното возило на полицијата. Од ударите, на еден од полициските службеници му нанеле тешки телесни повреди – скршеница на десна рака и фрактура на главата со обилно крварење, а останатите се задобиле со набиеници по главата и телото.

Путин: Ловците Ф-16 ќе бидат легитимна цел за Русија, како и аеродромите од кои полетуваат

Доколку американските ловци Ф-16 учествуваат во конфликтот во Украина, полетувајќи од аеродромите во трети земји, тие аеродроми ќе станат легитимна цел на руската армија, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

За време на посетата на Тверската област, Путин потсети дека борбените авиони Ф-16 можат да носат нуклеарно оружје и нагласи дека Москва „ќе мора да го земе тоа предвид“.

Тој порача дека ловците Ф-16 доколку бидат вклучени во конфликтот, руската војска ќе ги уништи тие авиони „исто како што ги уништува нивните тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и повеќе ракетни системи“.

Путин оцени дека ловците Ф-16, доколку западните земји ги испорачаат на Украина, нема да можат да ја променат ситуацијата на бојното поле.

Медведев – Синер е првата полуфинална двојка на Мастерсот во Мајами

Русинот Андреј Медведев и Италијанецот Јаник Синер ја сочинуваат првата полуфинална двојка на тенискиот Мастерс во Мајами, САД.

Ова е епилогот по првите два четвртфинални меча на кои Медведев го совлада чешкиот тенисер Николас Јари со 2:0, додека Синер беше поуспешен од Томас Махач (Чешка) исто така со 2:0.

Другите двајца полуфиналисти ќе бидат познати по денешните мечеви:

Александар Зверев (Германија) – Фабијан Марожан (Унгарија)

Карлос Алкараз (Шпанија) – Григор Димитров (Бугарија).

Франција ќе тужи ученичка поради лажно обвинение дека била удрена од директорот поради хиџаб

 Францускиот премиер Габриел Атал денеска најави дека државата ќе тужи ученичка поради лажното обвинение дека директорот на училиштето ја удрил за време на расправија откако таа одбила да го тргне хиџабот.

Според францускиот закон, не е дозволено носење хиџаб и никаб во јавните установи, што директорот им го посочил на трите ученички, од кои две потоа ги тргнале шамиите.

Третата не ја тргнала шамијата и имало расправија, но полицијата не нашла докази дека директорот физички ја нападнал ученичката, а Атал сега тврди дека ќе биде изведена на суд.

„Државата секогаш ќе стои покрај овие службеници, оние кои се на линијата на фронтот соочени со овие прекршувања на секуларизмот, овие обиди на исламистите да влезат во нашите образовни институции“, рече тој.

Во деновите што следеле, директорот бил цел на смртни закани на социјалните мрежи, што училиштето го пријавило до Министерството за внатрешни работи, пренесува Би-би-си.

Обвинителите соопштија дека две лица се приведени во врска со смртните закани, а нивниот идентитет не е објавен, но Министерството за образование соопшти дека тие не се поврзани со училиштето.

Поради смртни закани и загрозена безбедност, директорот поднесе оставка по 45-годишна кариера во образованието.

притисни ентер