ОЈО предложи притвор за возачот осомничен за тешката сообраќајна несреќа кај Сити мол

Основното јавно обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за основано сомнение за кривични дела – Тешки дела против безбедноста во сообраќајот, како и Неукажување помош на лице повредено во несреќа.  

Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомниченио управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница.

Осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или вештаците и со тоа да ја попречува кривичната постапка, како и оправдан страв дека би можел да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, соопшти Обвинителството.​

СДСМ:Силјановска е продолжена рака на Мицкоски, оттука се навредите кон Пендаровски,Ковачевски

Силјановска е продолжена рака на Мицкоски, па оттука се навредите, коишто не штеди да ги упати кон Пендаровски и Ковачевски.

Ниските напади за мизогинија, личните дискредитации, навредите за интелектуални капацитети, со кои не може да се гордее ниту еден политичар, само потврдуваат дека кај Силјановска, Мицоски и ДПМНЕ расте паниката од пораз на изборите, најавен уште кога не успеаја да соберат доволно потписи за поднесување на кандидатурата на Силјановска за претседател.

Силјановска и Мицкоски немаат што да кажат за програма, план и визија за иднината на државата и на граѓаните, па затоа упатуваат навреди кон Пендаровски и Ковачевски.

Ништо не е променето во ДПМНЕ, тоа е истата режимска партија, која сее раздор, навреди, омаловажувања и закани, која на граѓаните може да им понуди враќање во минатото и изолација.

Граѓаните сакаат напред, сакаат да живеат во европска Македонија, затоа на изборите ќе го дадат својот глас за европска иднина со СДСМ и Стево Пендаровски.

СДСМ

За брзо возење казни за 200 возачи на територија на цела Македонија

Во спроведена акциска контрола на територија на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, во текот на вчерашниот ден се казнети 220 возачи, соопштија денеска од МВР.

Од нив, 13 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 96 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 124 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Си му порача на Шолц дека Кина и Германија треба да бараат заеднички основи

Си му порача на Шолц дека Кина и Германија треба да бараат заеднички основи, без оглед на разликите.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска изјави дека односите на Кина со Германија ќе продолжат цврсто да се развиваат, се додека двете страни меѓусебно се почитуваат и бараат заеднички јазик, и покрај разликите што постојат.

Си, на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во тридневна посета на Кина, рече дека билатералните односи мора да се развиваат во секој аспект, од долгорочна и стратешка перспектива.

„Се додека двете страни се почитуваат меѓусебно, бараат заеднички јазик, додека одржуваат различни позиции за одредени прашања, комуницираат и учат едни од други, а притоа постигнуваат заемна корисна соработка, односите меѓу Кина и Германија ќе продолжат постепено да се развиваат“, му порача Си на Шолц.

Пред средбата, како што пренесува ДПА, Шолц соопшти дека ќе го предупреди Си да не дава воена поддршка за Русија. Кина се смета за најважен сојузник на Москва и е осомничена дека ја снабдува земјата со стоки што може да се користат и за цивилни и за воени цели, потенцијално зајакнувајќи ја Русија во нејзината тековна војна против Украина.

Шолц ја започна тридневната посета на Кина, втора на канцеларот откако ја презеде функцијата во 2021 година, со посета на Чонгкинг, најголемиот град во светот, по што следеше застанување во Шангај каде што се сретна со претставници од германските бизниси и Германската стопанска комора во странство, каде разговараше за проблемите со кои се соочуваат компаниите во Кина.

Германскиот канцелар е придружуван од десетина извршни директори, меѓу кои и шефовите на производителите на автомобили Мерцедес-Бенц и БМВ, како и на хемиската компанија БАСФ. Фолксваген, најголемиот европски производител на автомобили, овојпат не е застапен.

притисни ентер