ОЈО: Обдукцискиот наод за убиствата на Вања и Панче се уште не е изготвен и доставен

Обдукцискиот наод за убиените Вања и Панче се уште не е изготвен – информираат од обвинителството за Канал 5. 

Од таму додаваат дека дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов, за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази. Дополнително, апелираа да се не споделуваат непроверени информации.

“Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. Јавното обвинителство апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста”- - ОЈО.

Реакцијата на ОЈО доаѓа откако изминатите денови во медиумите во соседството се споделуваа сензационалистички тврдења кои беа пренесени и кај нас. Во дел од објавите, српски и хрватски медиуми тврдат дека разговарале со соседи, случајни минувачи, но и дека дошле до нови детали во случајот. Дел од нив објавија и дека биле во училиштето каде учеше 14 годишната Вања Ѓорчевска, а разговарале со директорката на училиштето и класниот раководител. Директорката на Песталоци Катерина Атанасова, во телефонски разговор за Канал 5 вели странскиот медиум не добил дозвола за влез во објектот, ниту од раководството на училиштето, ниту од градоначалникот, за што и самиот Герасимовски напиша на социјалните мрежи.

„На ниеден новинар не сум дал дозвола да го посетат Песталоци. Дали новинари смеат да доаѓаат и известуваат од училиштето е одлука на директорката и менаџментот, а било кој вклучително и новинарите, мораат да ги почитуваат нивните одлуки. “- Горан Герасимовски – градоначалник на општина Центар.

Атанасова исто така појаснува дека медиумската екипа, која влегла без прашање, веднаш откако била забележана низ ходниците, им било дадено до знаење дека не смеат да снимаат и фотографираат без дозвола. Таа тврди дека новинарите не разговарале ниту со класниот раководител, ниту со неа. Ширењето на било какви дезинформации или сензационалистички информации во овој момент може само дополнително да ја влоши ситуацијата, оценуваат дел од комуниколозите во земјава. Според Комуникологот, Бојан Кордалов институциите мора да се чекор пред дезинформациите.

„Нема друг начин освен само со што по повеќе точни и кредибилни институционални информации да се застане на патот на шпекулациите и сензационализми. Од друга страна секој од нас е должен да сфати што значи општествена одговорност, што значи грижа за заедницата. “изјави Бојан Кордалов – комуниколог.

Од исчезнувањето на Вања, но и по пронаоѓањето на нејзиното тело, се споделуваа разни дезинформации, а МВР и надлежните органи постојано апелираа да се посветува внимание само на официјалните информации.

Стејт департментот ги замрзна речиси сите американски програми за меѓународна помош

Стејт департментот ја замрзна речиси целата меѓународна развојна помош обезбедена од Вашингтон, освен виталните програми за помош во храна и воената помош за Израел и Египет.

САД се најголемиот донатор во светот и дава поголема помош за меѓународен развој од која било друга земја. Оваа ставка од американскиот буџет изнесуваше околу 60 милијарди долари во 2023 година или околу еден процент од американскиот буџет.

Наредбата на државниот секретар Марко Рубио, која беше испратена до амбасадите во Вашингтон, експлицитно ги исклучува програмите за храна, како таа за Судан. Писмото е испратено како имплементација на релевантниот декрет потпишан од претседателот Доналд Трамп на 20 јануари.

Претходно во својата кариера, Рубио беше жесток поддржувач на хуманитарна помош.

Наредбата се однесува од меѓународна развојна помош до воена поддршка, што потенцијално може да влијае на Украина, која доби милијарди долари од администрацијата на претходниот американски претседател Џо Бајден.

Сепак, наредбата јасно ја исклучува воената помош за Израел, која енормно се зголеми поради војната во Појасот Газа, и Египет, кој доби великодушно финансирање од САД во областа на одбраната.

Писмото содржи и наредба да се изврши внатрешен преглед на целата меѓународна помош обезбедена од САД, која треба да биде завршена во рок од 85 дена.

Премиерна изведба на „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ во МНТ

 Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар вечерва ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.

- Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш - 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби, соопштија од МНТ.

Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари.

ВМРО-ДПМНЕ:Веледрогеријата Пановски секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра

 Веледрогеријата Пановски, блиска до Венко Филипче, секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра.

Сведоци сме во јавноста, дека веледрогеријата Пановски која има огромни профити со управувањето на цените за лековите на грбот на луѓето болни од рак, создава вештачка криза години наназад.

Оваа веледрогерија, во чија сопственост е таткото на Ирина Пановска, која токму Венко Филипче ја има поставено за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година, до сега има земено неверојатни 35 милиони евра тендери, само од Клиниката за онкологија и радиотерапија.

Веледрогеријата Пановски, инаку блиска до Венко Филипче, секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра годишно.

Имено, секоја година првите два до три месеци, има недостаток на терапија за лицата болни од рак, а токму истата веледрогерија секоја година набавува лекови по екстремно високи цени, знаејќи дека луѓето кои се тешко болни, ќе мораат да ги набават овие лекови за тие цени.

„Мафија на смртта“ не е само политички термин, туку реалност која ги уништува животите на македонските семејства веќе три децении.

Со тоа што Филипче, преку СДС, ја брани веледрогеријата Пановски, се поставуваат неколку прашања:

1. Дали оваа вештачка криза се создава само за да се купуваат лекови по енормно високи цени од веледрогеријата Пановски?

2. Дали Венко Филипче мора да одговори дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата и дали тој стои зад истата?

3. Колкави се вистинските екстра заработки на фармацевтската мафија?

4. Кој профитира на страдањата на болните?

Ја повикуваме јавната обвинителка и целокупниот правосуден систем, да преземат итни и решителни мерки за да се стави крај на оваа долгогодишна неправда.

Овие луѓе во корелација, тргуваат со животите на луѓето и мора да бидат изнесени пред правдата. Не смееме да дозволиме, овие луѓе да си играат со животите на граѓаните и да се богатат врз здравјето на истите.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер