Хавиер Милеи ги предупреди Аргентинците дека земјата нема пари и повторно се обврза на програма со остри мерки за штедење. Популистичкиот аутсајдер извојува ненадејна изборна победа во ноември со радикални ветувања за реконструкција на болната економија на јужноамериканската нација.
Инаугурацијата се одржа вчера во Буенос Аирес. 53-годишникот на церемонијата рече дека ќе ја смени децениската декаденција со длабоки кратења на трошоците наменети за намалување на огромните јавни долгови и намалување на инфлацијата, која сега е повеќе од 140%. „Заклучокот е дека нема алтернатива за штедењето и нема алтернатива за шок-терапијата. Знаеме дека на краток рок ситуацијата ќе се влоши, но потоа ќе ги видиме плодовите од нашите напори“, рече Милеи, како што е соопштено од Би-Би-Си.
Новиот претседател брзо се издигна од релативна анонимност до највисоката функција во Аргентина на десничарска платформа која се залага за ограничување на правата за абортус, либерализација на законите за оружје и негирање на климатските промени, меѓу другото.
За време на кампањата тој често беше фотографиран како ракува со моторна пила, а неговите изјави многумина ги споредуваа со поранешниот американски претседател Доналд Трамп и поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.
За време на кампањата, тој рече дека ќе ја замени валутата на Аргентина со долар и ќе ја укине централната банка на земјата, заедно со голем број владини оддели. Иако претседателот на таа земја има големи овластувања, Милеи се соочува со голем број проблеми. Тој најверојатно ќе се соочи со опозицијата во Конгресот на Аргентина, каде што неговата коалиција на мали десничарски и слободарски партии има само малцинска застапеност.
Останува да се види како новиот претседател ќе ѝ пристапи на работата во пракса. Некои политички коментатори забележаа како тој усвоил поумерен тон по неговата изборна победа. Од друга страна, само неколку часа по преземањето на функцијата, Милеи потпиша указ за намалување на бројот на министерства од 18 на девет, исполнувајќи го клучното ветување.
Меѓу гостите на церемонијата на полагање заклетва беше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се состана со неколку латиноамерикански лидери додека се обидува да ја зајакне глобалната поддршка за руската инвазија. Присутен беше и унгарскиот премиер Виктор Орбан.