Одредени 30 дена притвор за врховниот судија Наке Георгиев, се бранел со молчење

Пред судија на претходна постапка врховниот судија Наке Георгиев се бранел со молчење, единствено рекол дека е наместен, потврди неговиот адвокат.

По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка.

Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи, соопшти Обвинителството.

Украина собори 43 руски дронови во девет нејзини региони, соопшти военото воздухопловство

Украинската воздушна одбрана собори 43 од вкупно 61 дрон лансирани од Русија за време на синоќешните напади насочени кон девет региони на Украина, соопшти украинското воздухопловство.

Воздухопловните сили известија дека 15 беспилотни летала се „изгубени“. Властите засега не пријавиле значителна штета или жртви.

Притвор за скопјанец поради недозволено држење оружје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишен скопјанец за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишен скопјанец за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи според член 396 став 3 од Кривичниот законик.

На 18 јануари полициски службеници извршиле претрес во дом и други простории на лицето, на улица “Македонско-косовска ударна бригада” во Скопје, при што пронашле една пушка марка “Црвена застава”, една ловна пушка, муниција – куршуми и патрони, како и делови и компоненти од огнено оружје.

Ценејќи дека лицето нема да може да биде обезбедено во текот на постапката со друга поблага мерка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, соопштуваат од Обвинителството.

Дејан Чиплаковски по трет пат го фаќа Чесниот Крст во Берово

Дејан Чиплаковски од Берово е среќниот фаќач на Чесниот Крст од водите на река Брегалница во Берово по повод празникот Богојавление Водици.

Чиплаковски повеќе пати учествува на оваа традиција, а досега трипати го има извадено крстот од реката Брегалница во Берово.

-По трет пат го фаќам крстот. Бог се јави и за многу години празникот Водици. Здравје среќа на сите, истакна Чиплаковски.

Честитки до среќниот фаќач на крстот упати и градоначалникот на општината Звонко Пекевски кој на Чиплаковски и неговото семејство им посака да ги следи добро здравје и среќа во текот на годината.

Општина Берово среќниот фаќач на крстот го награди со вредносен ваучер од 10.000 денари, Зегин обезбеди 15.000 денари, а Чиплаковски доби подарок телевизор од фирмата Мис Стон.

Претходно по повод Богојавление Водици се одржа црковна литургија./МИА

притисни ентер