Одбележани 35 години од изучувањето на македонскиот јазик на Универзитетот во Истанбул

На Катедрата за словенски јазици на Факултетот за литература на Универзитетот во Истанбул 35 години се изучува македонскиот јазик. 

Годишнината беше одбележана денеска виртуелно, во организација на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и Истанбулскиот универзитет, а во рамки на годинашното чествување еден век од раѓањето на Блаже Конески.

Актуелниот лектор во Истанбул, м-р Марина Цветаноска, нагласи дека има голема поддршка од Факултетот во Истанбул, меѓу кои најзаслужна е, рече, раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност, проф. д-р Ѓонул Узелли, која била пресретлива за сите нејзини проблеми.

Цветаноска соопшти дека на почетокот на нејзиниот мандат, во 2016/2017 година, имала 26 студенти и еден предмет.

-Бројот во наредните години фрапантно расте. Од еден предмет, денес имаме пет предмети, од воведен до напреден македонски, средно размниште, преведување и, секако, вербален македонски јазик. Предметите се изборни и отворени за сите катедри, како и за доктоданди и магистранди на Факултетот. Пред пандемијата имаше 128-130 студенти. Деканот и раководството на Универзитетот вложуваат несебични напори предметите по македонски да бидат застапени и Катедрата да биде вклулена во сите настани, рече Цветаноска.

Своите искуства ги пренесе и Гордана Алексовска, која во Истанбул била лектор од 1995 до 1999. Во тие четири години, рече таа, Лекторатот бележи огромна популарност кај студентите – не само од тамошниот Факултет за литература, туку и од други факултети на Универзитетот во Истанбул, како и потомци на иселеници од нашата земја со турско потекло.

– Беше убава можност за продлабочување на двете поврзани култури, истакна Алексовска, која во оваа пригода се заблагодари постхумно на тогашниот амбасадор во Турција, Трајан Петровски, кој почина неодамна, за неговиот придонес во административното оформување на Лекторатот во Истанбул.

Директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура Весна Мојсова-Чепишевска се осврна на почетоците на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, во учебната 1985/1986, а посочи и дека пет години претходно, 1981, објавена е поетска книга на Конески на турски јазик, насловена „Везење на ѕвездите".

– Затоа на Конески, како интерлингвист и компаративен литерат, треба да гледаме и како на едно финале во градењето на тој мост помеѓу двата универзитета, помеѓу Скопје и Истанбул, помеѓу двете земји и двата народа, истакна Мојсова-Чепишевска.

За соработката меѓу Филолошкиот факултет-Скопје и Факултетот за литература-Истанбул, зборуваа деканите Анета Дучевска и Хајати Девели, а настанот го поздрави и Актан Аго, генерален конзул на нашата земја во Турција.

Деканот Девели истакна дека е горд на 35-годишнината од постоењето на Лекторатот. Се наврати на историјатот и рече дека на почеткот, на тогашната Катедра на западни јазици, македонскиот бил единствен словенски јазик кој се изучувал, за подоцна да се формира и одделна Катедра. Ги спомена сите лектори кои се заслужни и со својата работа придонеле во градењето на лекторатот во изминатиите три и пол децении.

Деканката на Филолошкиот факултет Дучевска, пак, истакна дека самиот факт што 35 години лекторат на еден словенски јазик постои во несловенска средина, укажува и за заложбите на нашиот универзитет, заклучувајќи дека 1970-тите и 1980-тите години на УКИМ биле плодни децении посветеност и работа да основа вакви лекторати и да ги одржува.

Отворајќи го настанот, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј"-Скопје Никола Јанкуловски рече дека изучувањето на македонскиот јазик во Истанбул не е случајност, туку резултат на историска и судбинска поврзаност на македонската и турската култура, на двата народа, двете земји, а не помалку и на поврзаноста на двата универзитета.

-Поврзаност која е дамнешна и се потпира на традиција, која е клучен сегмент на нашите културни идентитети. Ова не е флоскула или клише, туку е непобитен факт, рече Јанкуловски, укажувајќи дека во првиот Речник на македонскиот јазик има над 3000 турцизми и дека отворањето на Лекторатот пред 35 години во Истанбул е „историски логична последователност на нашата непобитна поврзаност".

Ректорот посочи и дека културните врски со Истанбул датираат одамна – еден од патроните на УКИМ – Константин Филозоф, пред да се замонаши и да го добие црковното име Кирил, во 9 век се школувал на Магнаурската школа во денешен Истанбул, која тогаш била престижна образовна установа за византиската аристократија.

Константин Миладинов, пак, во 19 век во антологиската „Т'га за југ" го спомнува Стамбол, покрај родната Струга и Охрид. Исто така, многу турски интелектуалци во минатото имале свои сведоштва за особеностите на македонската историја и култура, меѓу кои ги спомна мемоарските записи на Тахсин-беј кои, рече Јанкуловски, и денес се клучни за македонската историографија.

Одбележувањето на годишнината од постоењето на лекторатот беше надополнето со литературно читање на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик на Истанбулскиот универзитет. /МИА

Џафери во Анталија се сретна со црногорскиот колега, Бечиќ

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на маргините на Осмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ што се одржува од 21 до 23 јуни 2021 година во Анталија, оствари билатерална средба со  Алекса Бечиќ, претседател на Собранието на Црна Гора.

На средбата Џафери истакна дека земјите во регионот делат заеднички погледи во однос на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот, преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка. Македонија и Црна Гора ги врзува традиционално пријателство како и добри политички, културни и економски врски. Членството во НАТО и заедничката европска иднина на двете држави, дополнително ги зајакнуваат меѓусебните односи. Тој го поздрави напредокот на Црна Гора во процесот на интеграција во Европската Унија и ангажираноста на Владата на Црна Гора посветено да работи на ЕУ агендата. Во однос на интеграцијата на Македонија во ЕУ, тој укажа дека очекуваме отпочнување на пристапни преговори со Унијата. Подвлече дека остануваме посветени на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година како добра основа за надминување на разликите. Претседателот Џафери изрази надеж дека во наредниот период ќе се интензивираат контактите и заеднички со рационален пристап ќе се успее да се врати довербата со што ќе се отворат вратите за почеток на пристапниот процес.

Претседателот на Собранието на Црна Гора, Алекса Бечиќ истакна дека односите меѓу двете држави се на високо ниво, со одржување на редовни политички консултации. Во однос на економската соработка изрази надеж дека ќе продолжат да се продлабочуваат регионалните односи како основа за поинтензивна економска соработка и пред се подобро инфраструктурно поврзување меѓу Македонија и Црна Гора.

Соговорниците разменија информации и искуства за процесот на унапредување на парламентарното работење како и подобрување на транспарентноста и одговорноста во двата парламенти со цел подобро спроведување на нивната надзорна и контролна улогата над владите, се наведува во соопштението од Собранието..

УХМР: Попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Летото на северната хемисфера официјално започна утрово во 5 часот и 32 минути, додека на јужната хемисфера во исто време започна зимата.

Првата недела од летото е со најава за високи температури и до 40 степен.

Изгоре камион кај Струмица, нема повредени

Во близина на селото Добрашинци, кај Струмица денеска околу 13:30 часот изгоре камион. Предизвикана е материјална штета, повредени нема.

Според информацијата од Територијалната противпожарна единица на Струмица, во гаснењето на запалениот камион марка „Застава" учествувале тројца пожарникари и едно против пожарно возило, а пожарот бил локализиран и целосно изгаснат за кусо време.

Според пожарникарите причина за пожарот најверојатно е самозапалување на товорното возило од електричната инсталација.

притисни ентер