Од затворот „Скопје" го потврдија инцидентот со притворените Јанакиески и Ристовски

Од Управата на истражниот затвор „Скопје" во Шутка за МИА го потврдија денешниот инцидент во кој биле инволвирани поранешните министри  Миле Јанакиески и Спиро Ристовски . 

Најостро ги осудуваат ваквите вербални и физички инциденти и порачува дека насилството нема да се толерира и оти најостро ќе се санкционира.

-На ден 21 февруари 2019 година околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд, велат од затворот „Скопје".

После инцидентите за лицата С.Р. и М.Ј. веднаш биле обезбедени прегледи и соодветна грижа од домскиот лекар, а потоа лицето С.Р. не побарало дополнителна медицинска помош. Лицето М.Ј. се пожалило на болки поради што е упатено кон ГОБ „8 Септември".

– Истражниот затвор ќе ги преземе сите мерки и активности извршителите на физичко насилство да бидат соодветно санкционирани и во иднина, како и денес, ќе продолжи да постапува професионално и според сите мерки за безбедност предвидени во вакви ситуации. Нападнатите лица ќе бидат понатаму згрижени и заштитени без опасност по нив, согласно процедурите на установата, велат од затворот.

Управата апелира да се следат официјалните информации и да не се подлегнува на шпекулации.

Од скопскиот Кривичен суд исто така за МИА потврдија дека денеска се случил физички инцидент во затворот „Скопје" во Шутка, но повеќе детали за учесниците не соопштија.

-До Судот е пристигнато известие за физички инцидент во затворот „Скопје" во Шутка. Судија од овој Суд утре ќе оствари редовна посета на затворот за да констатира што точно се случило, велат од Судот.

Повеќе медиуми денеска објавија дека во физичка пресметка се повредени Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на кои синоќа им беше одреден 30-дневен притвор во врска со случувањата во Собранието на „27 април".

Израелската армија го потврди убиството на висок функционер на Хезболах

Израелската војска потврди дека го убила Али Абед Асан Наим, заменик командант на ракетната дивизија на Хезболах. Тој бил убиен во напад со беспилотно летало во либанскиот регион Базуриех, објавија британските медиуми.

Израелската војска соопшти дека Наим насочил ракетен истрел со тешка боева глава кон израелска територија од Либан. Според израелските воени претставници, убиениот висок функционер на Хезболах бил одговорен за планирање и извршување на напади врз израелски цивили.

„Хуавеј“ минатата година со двојно поголем профит

Кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ денеска соопшти за значително поголем профит во 2023 година, благодарение на силните резултати од неговите оддели за обработка заснована на Интернет и софтвери за автомобили.

Приходите на компанијата се зголемија за 9,63 отсто минатата година, на 704,2 милијарди јуани (99,4 милијарди долари).

Нето добивката се зголеми повеќе од двојно и изнесуваше 86,9 милијарди јуани.

Главниот столб на компанијата минатата година беше неговиот оддел за опрема за ИКТ инфраструктура, со приход од 362 милијарди јуани, што е за 2,3 отсто повеќе од 2022 година. Голем број западни земји забранија инсталирање на опрема на „Хуавеј“ во мобилните мрежи, повикувајќи се на националната безбедност.

Бајден: Постојано работиме да издејствуваме ослободување на Гершкович

Белата куќа објави изјава од претседателот Џо Бајден по повод навршувањето на една година руски затвор на новинарот на Волстрит џурнал, Иван Гершкович.

-Новинарството не е злосторство и Иван замина за Русија да ја врши својата работа на известувач со ризик за неговата безбедност за да се открие вистината за жестоката агресија на Русија против Укаина. Веднаш по неговото неправедно и незаконско задржување тој од затворот испрати писмо до своето семејство, изјави претседателот на САД.

Во писмото новинарот напишал дека „не губи надеж“.

-Како што им кажав на родителите на Иван, јас исто така не губам надеж. Ќе работиме секојдневно да издејствуваме негово ослободуање, рече Бајден.

Тој вети дека САД и понатаму ќе ги осудуваат и ќе воведуваат мерки „за обидите на Русија да ги користи Американците како монети за размена“.

Гершкович беше задржан лани во март. Оттогаш е се уште во притвор и чека судење по обвинение за шпионажа, што е категорично отфрлено од него, неговиот работодавач и владата на САД.

Во случај да биде прогласен за виновен, тој може да биде осуден на 20 години затвор./МИА

притисни ентер