Од утре снег и северен ветер

Утре и во текот на ноќта кон петок ќе има врнежи од снег, а само во некои пониски места од дожд и снег, информираат од УХМР.

Врнежите ќе бидат пообилни во јужните и источните делови. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми, а нова ќе се формира и во некои од пониските места. Во петок попладне и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има врнежи претежно од снег со послаб интензитет.

Во Скопската котлина утре ќе има врнежи кои попладне и во текот на ноќта кон петок повремено ќе преминуваат во снег со послаб интензитет. Во петок и во сабота ќе дува северен ветер, ќе биде студено и ќе провејува слаб снег, соопштуваат од УХМР.

Иран ѝ испорачал на Русија околу 400 балистички ракети

Иран ѝ испорачал на Русија голем број балистички ракети од типот земја-земја, јавија денеска британските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори.

Тројца ирански извори изјавија дека Иран и испратил на Русија околу 400 балистички ракети со краток дострел, како што е „Золфагар“, ракета што може да погоди цели на одалеченост од 300 до 700 километри. Испораките почнале на почетокот на јануари, по состаноците од крајот на минатата година меѓу иранските и руските воени и безбедносни претставници одржани во Техеран и Москва, наведува еден од иранските извори.

Некои проектили беа доставени до Русија со бродови преку Каспиското Море, додека други беа транспортирани со авиони.

-Ќе има повеќе пратки. Дозволено ни е да извезуваме оружје во која било земја што сакаме, изјави неименуван извор близок до иранската војска.

Ограничувањата на Советот за безбедност на ОН за иранскиот извоз на ракети, беспилотни летала и друга технологија истекоа во октомври.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, на почетокот на јануари изјави дека САД се загрижени поради тоа што Русија е блиску до набавка на балистичко оружје со краток дострел од Иран, покрај ракетите кои се веќе набавени од Северна Кореја.

„Вива“ заедно со најголемите светски брендови на Gulfood 2024

На глобалниот саем за храна и пијалаци Gulfood 2024, што се одржува во Дубаи од 19 до 23 февруари, учествува и најголемиот македонски производител на природни овошни сокови,нектари, пијалаци, смути и преработувач на овошје – Вива.

На глобалниот саем за храна и пијалаци Gulfood 2024, што се одржува во Дубаи од 19 до 23 февруари, најголемиот македонски производител на природни овошни сокови,нектари, пијалаци, смути и преработувач на овошје – Вива, ја потврдува својата тридецениска успешна приказна во оваа индустрија на светската сцена.

Оваа година, Вива се издвојува како сребрен спонзор на настанот, што е огромен успех затоа што за првпат една македонска компанија се стекнува со вакво признание на Gulfood, кој се смета за најпрестижниот и највлијателен саем во секторот на храна и пијалаци на Блискиот исток, но и глобално.

Како единствена македонска компанија која учествува на годинешниот Gulfood, Вива прикажува спој на квалитет и иновативност во прехранбената и преработувачката индустрија, рамо до рамо со светските брендови во оваа деловна сфера.

ВМРО-ДПМНЕ: Проф-др Гордана Силјановска-Давкова е нашиот претседателски кандидат

Во врска со Јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес.

На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати.

Гордана Силјановска-Давкова била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот Факултет Јустинијан Први. Таа е експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Таа е актуелен пратеник во Собранието на РМ.

За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на РМ која ќе се одржи на 02 март 2024 година.

притисни ентер