Од утре Словенија воведува полициски час

Поради спречување на ширењето на инфекцијата со ковид-19, словенечката влада го намали бројот на собири на едно место од десет на максимум шест, а забраната за движење во текот на ноќта од 21 до 6 часот ќе биде воведена од вторник навечер.

Покрај тоа, до дополнително известување, сите јавни настани, верски церемонии и свадби низ целата земја се забранети.

Собирањето до шест лица е можно само со придржување на пропишаната далечина.

Од забраната за движење во текот на ноќта се изземени само случаи кога постои опасност по животот, здравјето и имотот, да се оди на работа и да се извршуваат потребни работни задачи или да се нудат потребните услуги.

Од денеска на полноќ, со некои мали исклучоци, невозможно е движење надвор од матичните региони, а можноста за преминување на државната граница е законски забранета.

„Ако имате имот или земјиште во странство каде треба да направите нешто итно, тогаш преминувањето на границата е можно само за таа цел“, рече министерот Хојс, додавајќи дека оваа опција нема да може да биде злоупотребена.

„Овој исклучок за сопствениците на имот не е наменет за лежење на плажа, на пример во Хрватска, одморите во странство не се итна и неопходна работа“, предупреди Хојс, имајќи предвид дека голем број словенечки граѓани имаат недвижен имот во Хрватска, особено во Истра и островите Кварнер.

Синоќа словенечката влада прогласи состојба на епидемија на ковид-19 за целата земја, што ќе биде на сила во наредните 30 дена, своевидна вонредна состојба, со можност за натамошно влошување на веќе важечките епидемиолошки мерки и ограничувања.

Активирањето на планот за справување со епидемијата предвидува три пакети за можно заострување на мерките, во зависност од бројот на пациенти и зафатеноста на болничките капацитети за пациентите со ковид-19.

Првиот пакет во тековната фаза предвидува можност за воведување полициски час, односно забрана за движење во текот на ноќта, потоа затворање хотелите, фризерските и салоните за убавина и спортските објекти за аматери и индивидуални спортови, забрана на сите спортски настани за целата земја и затворање на трговските центри.

Вчера во Словенија биле потврдени 537 нови инфекции со коронавирус со 2637 тестови, има скоро 300 пациенти во болниците и нивниот број се зголемува секој ден, а над 7,100 случаи се активни.

Владиниот портпарол за ковид-19 ,Јелко Кацин денеска изјави дека се очекува бројот на заразени дневно да расте, затоа е потребно сите да ги следат упатствата на владата и епидемиолозите и да придонесат за сузбивање на епидемијата.

Бразилка ќе оди во затвор, зашто на познат пејач за еден месец му испратила 8.000 писма

Бразилката Мира Карваљо (35) е толку опседната со британскиот пејач, Хари Стајлс (поранешен член на групата „One Direction“) што го оставила партнерот дома и го пропатувала целиот пат до Лондон.

Но, тоа не е сѐ, Мира му испраќала на Хари писма, свадбени честитки, а бидејќи за само еден месец испратила дури повеќе од 8.000 писма, Бразилката завршила во затвор, пишува „The Sun“.

Таа е осудена на 14 недели затвор и се изјаснила за виновна за следење.

- Хари беше навистина потресен. Тој само сака да продолжи нормално, но секако дека е загрижувачки за него, неговото семејство и неговиот тим“, изјави извор близок до Стајлс.

Нејзе ѝ е забрането да се приближува до Стајлс дури 10 години и да присуствува на кој било настан, односно концерт, каде што е тој.

Да потсетиме, фановите на споменатата група некогаш беа познати по претерувањето кое се граничело со демнење, па еднаш ги хакираа и безбедносните камери на лондонскиот аеродром за да ги видат своите идоли.

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. 

Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски, соопштуваат од неговиот тим.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

притисни ентер